Андре Фонтен

Бунт или револуција[*]


Треба да се биде природно нечувствителен или да се има сериозни лузни здобиени во текот на животот, или да се биде уморен од животот за да се постигне помирување со живеењето во несовршениот свет, да се очите пред основните неправди, често монструози, да се користи со комфорот без размислување за неудобностите на другите, најпосле, да се прифати тој „потврден поредок” којшто, во поголемиот број на случаи, како вели Емануел Муние, е само „потврдена испревртеност”.

Родени да оспоруваат

Студентот е роден да оспорува. Располагајќи повеќе со идеи отколку со факти, со идеи за кои дури подоцна ќе дознае во колкава мера се не само „своеглави” дури и поинакви од претставата што ја има за нив, тој, сосема природно, е наведен да теоретизира, поточно да упростува. Оправдано настојува да го рационализира светот во кој живее, тој се почудува и се лути кога ќе догледа колку е ирационален и ја преценува леснината со која може да се замени со подобриот свет. Нема ништо повообичаено, а исто така ниту поопасно во тој поглед од употребата на зборови чијашто смисла мошне често, на крајот од краиштата, е исто толку туѓа и далечна колку и слободата на единките во индустријализираното општество.

Од друга страна, студентот најчесто, според имовинската состојба, се наоѓа во најнекористољубивиот период од своето постоење. Тој не им дава приоритет на корисните барања, туку на задоволувањето на своите амбиции.

Причините за незадоволство кај работниците не се помали; на нив им се заканува безработицата, тие се многу често мошне слабо платени. Сепак, Универзитетот е сè понемоќен да ја канализира плимата и да ја подготви иднината. Затоа пак, младината сè потешко се согласува со судбината, таа не е толку присилена да размислува на крајот од месецот, таа е богата со поединци што сонуваат за возвишениот подвиг отколку оној што може да им го обезбеди таканареченото потрошувачко општество. Не е случајно дека амбицијата на студентите е да го доведат под прашање целото општество, уште веднаш да биде прифатена со поголемо ехо кај младите одошто кај старите.

„Мина времето на големите морални работи”, велеше Тјер, еден од основоположниците на буржуаскиот поредок, пред повеќе од сто години. Бунтот на студентите покажа дека немал право. Меѓутоа, како да се задоволат нивните настојувања, да се искористи нивниот динамизам?

Монтењ, или можеби Монтескје, му советуваше на својот суверен дека при рака треба да има некаква далечна војна што ќе го апсорбира претераниот разгор на младината. Меѓутоа, веќе нема далечни војни, освен онаа во Виетнам, каде странски доброволци не се примаат. Освојувањето на вселената веќе запре да ја возбудува фантазијата: не само од причина што тоа е резервирано за Русите и Американците, туку изразот на триумфот на тоа технократско општество кое што денес е ставено на обвинителна клупа. Спортските натпревари, што државните власти насекаде ги поттикнуваат, ниту од најблиску не може да ја исцрпи енергијата што изгорува од желба да се афирмира и понекогаш успева да се искаже само во жестоките протести или, како во САД, со атентати.

Луѓе на остварени соништа

Дури и за оние кои прифаќаат да ја пробаат среќата во постоечкиот систем на можности, напредувањата се ограничени со запирањето на принесување жртви на олтарот на војната и со напредокот на медицината, а тие жртви не можат да ги компензираат ниту крвавите викенди по патиштата на богатите земји. Командните места остануваат во рацете на луѓето кои, чувствувајќи се дека се во одлична форма, не гледаат причина зошто на младите да им ги отстапат своите места коишто сè уште не се здобиле со искуство. Освен тоа, многуте меѓу нив ги запознале тешките години на сиромаштијата, вредно работеле дотука да стасаат. Ним им е тешко да замислат дека оние помлади од нив, кои не ја уживаат користа од општественото изобилство, ги сметаат како жртви на неправедната судбина, а сите оние што тие користи ги уживаат го сметаат за сосема природно, доколку не заземаат став со презир, во начинот на животот, што и да сторат, на крајот на краиштата, сепак во помала или поголема мера земаат учество. Оној што го остварил својот сон, купувајќи кола во својата триесетгодишна возраст, не смета за нормално неговиот син од него да очекува да му плати кола во неговата осумнаесетгодишна возраст. А тогаш, тие се премногу окупирани со „лудиот” живот што го водат за да би го свртиле вниманието и на сè она што не се однесува директно на нивната работа, „хоби” или нивното семејство.

Ова блокирање на можностите за искачување и посебно за можностите за брзо искачување доаѓа во мигот кога слабеењето на семејната клетка, слободата за однесување, напредокот на средствата за информации, значително ги поместуваат удолу границите на годините потребни за здобивање, ако не на зрелоста, тогаш на менталното полнолетство. 3начителниот развиток на високото образование го зголемува бројот на оние кои сметаат за природно да го запослат својот талент и со совршено и скандалозно што дипломата, за која морале да потрошат повеќе години, им дава право, во најдобар случај, само на место на дното на скалата чиишто скалила ќе мораат да ги поминуваат мошне споро. Стрпливоста и резигнацијата, за среќа, не се главни особини на младината, како, за несреќа, што ни племенитоста и претприемчивиот дух не се одлики на зрелото доба, затоа е многу фатално што многуте млади ентузијасти сакаат да се запослат колку е можно поскоро и поефикасно.

Паролата „студентска власт” ја резимира нивната амбиција. Всушност, се работи за спротивставување на установената власт, за да се присили на нагодба или според потребата и да се смени. Настаните од последниве денови (се мисли на мајските денови од демонстрациите во Париз, н.з.) покажаа дека тоа не се празни зборови: тоа што деголистичкиог режим за малку не паднал, тоа што Дупчек го заменил Новотни, а Хариман сега се наоѓа на преговори во Париз, тоа што германската влада говори за борбата против неправилното концентрирање на печатот, сето тоа е затоа што студентската власт покажала дека навистина постои и дека е силна.

Таа сила сега има иницијатива.

Во секој случај, би сакале да поверуваме дека помеѓу власта во сите нејзини видови и младината, авангардата на народот, има и други видови на дијалог освен одмерување на силите. Искушението за раководната класа е големо, во секоја земја, најпрвин да се позабави со консолидирањето на својата власт и привилегијата чијашто оправданост ретко ја доведува во прашање. Меѓутоа, во нејзин е интерес да им допушти на младите елементи или на оние кои доаѓаат од другите општествени хоризонти во нејзиниот центар да донесат, по пат на преземање на одговорности, искрена дискусија, тука подразбирајќи ја и онаа за структурите, и да прифати извесна контрола, да прими свежа крв, нови идеи и остра критика.

Ако тоа не го стори ќе биде уништена, и тоа ќе го заслужи. Впрочем, овие денови таа и веруваше дека пропаднала. Секогаш нема да биде во близина некаков генерал Де Гол за да ја спасат. Во овој миг се дошло само до одложување. Најлошо би било кога тоа одложување би се искористило за реванш.


Забелешки

[*] Објавено во „Mond”, Париз, јуни 1968 г.


Студентската 1968 година: Содржина

марксистичка интернет архива