Извор: „Политика“, Белград, 10 јуни 1968, 6 стр.
Техничка обработка и превод: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2018
Скопје, 9 јуни
Помина досега најбурната недела на Скопскиот универзитет. Вчера се одржани последните собири по факултетите, на кои се кажани многу разумни, трезвени, патетични, па и експлозивни зборови и критики на адреса на нерешените проблеми со наставата, материјалното обезбедување на студентите и нс општествено-еконоските деформации.
Тешко е да се резимираат богатите дискусии на студентите и наставниците. Сепак, паѓа во очи дека студентите во тие, на моменти жолчни, расправи се свртија кон себе, кон проблемите на Универзитетот. Никој не очекуваше дека студентите ќе бидат толку „загреани“ за решавање на проблемите на наставата. Успешната настава израсна во проблем број еден на студентските собири одржани овие денови. Затоа и собирите и тричасовниот разговор на студентите со претседателот на ЦК СКМ [Крсте] Црвенковски беа исполнети со барања наставата да биде радикално променета. Студентите докажаа дека им е важно побрзото завршување на студиите, па затоа бараат од факултетите да исчезнат феудалните односи меѓу нив и професорите. Тие кажаа дека испитите не ги замислуваат како некоја квиз-емисија и дека три прашања никогаш не можат да бидат вистинска проверка на знаењето или незнаењето на студентите.
Најголеми критики се упатени на презафатеноста на професорите со политички и други функции. Наведен е примерот дека сојузниот јавен обвинител живее во Белград, а држи катедра во Скопје, а ист е случајот и со некои членови и на Сојузниот извршен совет, па дури и со еден професор кој живее во странство, а „предава“ на Скопскиот универзитет. Студентите бараат професорите да бидат со нив, да го следат нивното школување, да им помагаат. А тоа можат да го прават само ако тие се ослободат од многуте функции и претераниот хонорарен труд.
И на скопските факултети проблемот на стипендирањето беше пропратен со најжестоки дискусии.
Паѓа во очи дека сите обиди скопските студенти да се придобијат за некои екстремисти пропаднаа. Разговорите на факултетите беа на моменти и жолчни, но секогаш во рамките на развивање на самоуправувањето, во рамките на платформата на Сојузот на комунистите. Последните мерки на Извршниот совет и Собранието на Македонија за подобрување на животните услови на студентите се поздравени.
Присутни се и надежи дека Скопскиот универзитет нема да биде само „скопски“ и чиновнички, туку дека неговата структура ќе се промени. Кажано е дека тоа е неминовна потреба на општеството. Животните проблеми на студентите, меѓу кои и стипендирањето, кредитирањето, се бара да се решаваат со самоуправни средства, а не тоа да го прави некој фактор надвор од досегот на студентите.
Во Извршниот совет во [и] другите форуми владее жива активност за подготвување на актите кои треба да дадат одговор и тоа позитивен и на другите студентски прашања и барања. А дотогаш студентите, откако кажаа што мислат и сакаат, отидоа да ги подготвуваат испитите.
Статии во „Политика“ за настаните во 1968 година