Извор: „Нова Македонија“, Скопје, 5-7 јуни 1968.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2018
5 јуни: Студентите од Скопскиот универзитет ги формулираат своите барања
5 јуни: Разговори на студентите во Прилеп: Проблемите не треба да се решаваат со демонстрации
6 јуни: Заеднички состанок на Универзитетскиот комитет на СКМ и Универзитетскиот одбор на ССМ
6 јуни: Одржан собир на студентите на Правниот факултет: Проблемите да се решаваат достоинствено
Доцна синоќа во просториите на Универзитетскиот одбор студентите останаа да ги формулираат во повеќе точки своите барања, кои денеска претпладне ќе бидат дадени на разгледување пред собирите на студентите на скопските факултети. На овие собири студентите не само што ќе ги разгледуваат општите барања, туку ќе формулираат и свои барања, карактеристични за проблемите и состојбата на своите факултети. Синоќа дознавме дека за 10 часот е закажан само собирот на студентите од Правниот факултет, додека пак другите собири ќе се закажат во текот на денот. Денеска во 8 часот ќе се одржи заедничка седница на Универзитетскиот комитет на СКМ и Универзитетскиот одбор на Сојузот на студентите на Македонија, на која ќе треба да се разгледаат и евентуално одобрат овие барања на студентите, пред тие да бидат дадени на разгледување на собирите на студентите.
Студентите сè уште немаат решено дали ќе одржат заеднички масовен јавен собир. Овој собир ќе биде организиран доколку за тоа се укаже потреба.
Известувачи: Димче Бражански, Јован Павловски
Фото: Александар Ивановски
Прилеп, 5 јуни
Одборот на студентите и основната организација на Сојузот на комунистите при економската школа во Прилеп денес организираа разговор во кој, покрај студентите, учествуваа и професори и претставници на општествено-политичките организации од градот. Тема на разговорите без студентските демонстрации во Белград. Веднаш да кажеме дека прилепските студенти едногласно го изразија мислењето оти проблемите на студентите не треба да се решаваат по пат на демонстрации и екцеси, туку на начин каков што е вообичаен кај нас, т.е. смирено, без нервоза, и, пред сè, на подемократски методи. На разговорот посебно стануваше збор и за проблемите на прилепските студенти. Имено, прилепските студенти укажаа дека ним не им е решен проблемот на сместувањето, така што тие се принудени да се снаоѓаат сами. Исто така нерешен проблем претставува и исхраната. Уште повеќе, во градот не постојат ресторани за општествена исхрана. Мал број студенти добиваат кредити, додека и стипендиите им се мошне ниски.
(П.П.)
Вчера претпладне се одржа заеднички состанок на Универзитетскиот комитет на СКМ и Универзитетскиот одбор на ССМ [Сојузот на студентите на Македонија] на кој се разгледуваше единствената точка од дневниот ред: формулирање барањата на студентите од Скопскиот универзитет, како и начинот на кои што студентите ќе ги разработуваат и поставуваат на дискусија своите проблеми, со цел да се донесе политичка платформа, која беше разгледана на заедничката седница на Градската и Универзитетската конференција на СКМ, одржана во понеделникот.
Се застана на становиште дека е потребно студентите по факултетите да одржат собири во своите простории на кои што отворено ќе се разгледува не само проблемите на студентите, туку и повеќе прашања од општествен интерес. Посебно беше нагласено дека таа дискусија треба да се води достоинствено, на академско ниво, без да се дозволи на разноразни провокативни елементи да наметнуваат свој начин на поставување прашања во дискусијата и свои начини како тие да се решат. Повеќе од присутните на вчерашниот заеднички состанок ја нагласија потребата платформата за активноста на Сојузот на комунистите, која беше усвоена во понеделникот, да стане општа свест на Универзитетот. И во нејзин дух да се одвиваат сите натамошни акции на студентите и професорите од Скопскиот универзитет.
Предлог-барањата на македонските студенти, кој ќе се разгледуваат и дополнуваат на студентските собири, што овие денови ќе почнат да се одржуваат, формулирани се во седум точки, кои се во духот на усвоената политичка платформа за активноста на комунистите на универзитетот.
Првиот собир на Скопскиот универзитет го одржаа студентите од Правниот факултет. Во малата сала на Педагошката академија се собраа околу 300 студенти и еден дел од професорите на овој факултет. Во мирна атмосфера, нарушена само еднаш кога неколку студенти побараа претставниците на печатот, радиото и телевизијата да ја напуштат салата, оние кои учествуваа во дискусијата ја сведоа главно и единствено на проблемите и нерешените прашања од животот и работата на овој факултет. Во дискусијата учествуваа, меѓу другите и Саве Климовски, Владимир Лапе, д-р Тодор Рушков, Анте Мојсов, Јосиф Ѓочков, деканот д-р Димитар Попгеоргиев, Мирјана Иванова, Ѓорѓи Марјановиќ, Данко Малевски, д-р Стеван Габер и д-р Љубомир Шукарев, проректор на Универзитетот.
Во неколкучасовната дискусија учесниците ја осветлуваа положбата во наставата и односите меѓу професорите и студентите. Студентите – учесници во дискусијата на неколкупати ги повторија своите констатации дека просторните и финансиските можности на Правниот факултет не овозможуваат тој да изградува креативни личности и стручњаци и дека оваа лоша состојба ја надополнува традиционалниот и неадекватен за сегашни услови начин на кој се одвива наставно-воспитниот процес. Притоа тие укажуваа на фактот дека вежбите, предавањата, колоквиумите, па и испитите, страдаат од повеќе слабости и дека тие, вакви какви што се, не го збогатуваат нивниот фонд на знаења.
Со таа констатација се согласија и професорите од овој факултет, кои учествуваа во дискусијата, посебно нагласувајќи дека за тоа причина се недостигот на просториите и финансиски средства. Зашто останува фактот дека на прва година на Правниот факултет се запишуваат околу 500 студенти, со кои работи само еден професор и еден асистент во просторија, која може да прими само 100 студенти. На тој начин не може да стане збор за некоја модерна и интензифицирана настава, а уште помалку за еден отворен дијалог меѓу професорите и студентите, кога станува збор за градивото кое се совладува.
Еден дијалог меѓу два студента покажа дека има нерешени прашања и меѓу самите студенти. Кога еден студент констатира дека досега никаде ја немаше студентската организација и дека предлог-барањата се формирани без да се чуе мислењето на студентите, друг студент веднаш го запраша кај беше тој и уште многумина негови колеги кога се одржуваше годишната конференција на студентите од Правниот факултет.
Меѓу повеќето истакнати барања, секако, дека најзначајно беше она со кое се бара продлабочување на самоуправните односи на Универзитетот. Студентите изјавуваа дека очигледно е оти Универзитетот во Скопје е острово во морето на самоуправувањето. Самоуправување на Универзитетот нема. Тие побараа Универзитетот да се реорганизира во демократски универзитет во чија основа ќе лежи продлабоченото и демократско самоуправување.
„Какви самоуправувачи ќе бидеме утре, во производството, прашуваа тие, ако за време на студиите се учиме да молчиме?“
Идните правници во своите истапувања на првиот собир на студентите на Скопскиот универзитет, дискутирајќи во рамките на платформата на Сојузот на комунистите усвоена во понеделник, ја нагласија потребата да се изградат критериуми со кои ќе може лесно и брзо да се определат за тоа што ќе поддржуваат, што е прогресивно, а што води назад и против кое треба да се борат.
Усвојувајќи ги Предлог-барањата на скопските студенти, тие се изјаснија всушност за едно достоинствено решавање на прашањата и проблемите што живеат во овој факултет.
Ј. Павловски
Во разни колективи во нашата Република, работните луѓе вчера одржаа собири и митинзи и ја изразија својата поддршка на студентите во нивните оправдани барања, осудувајќи ги притоа одделните екцеси и истапи до кои дојде во Нов Белград.
Скопје. – На собирот на работните луѓе што се одржа во фабриката „11 Октомври“, на кој присуствуваа околу 350 трудбеници, се истакна дека студентите во решавањето на своите проблеми треба да го прифатат оној начин со кој и работните луѓе ги решаваат своите животни прашања, користејќи ги своите самоуправни права. Градежните работници од VI и VII градилиште на градежното претпријатие „Гранит“ исто така ги поддржаа барањата на студентите за подобрување на нивната материјална состојба, осудувајќи го притоа начинот на кој овие барања ги поставуваа некои студенти во Белград.
Куманово. – Во двете најголеми кумановски фабрики „11 Октомври“ и „ЧИК“, работните луѓе одржаа митинзи, од кои беа испратени поздравни писма до ЦК СКМ и Универзитетскиот одбор на Сојузот на студентите во Белград.
Прилеп. – Од митингот, на кој присуствуваа неколку стотина работници од фабриката „Билјана“, повеќе работници и работнички зборуваа за оправданоста на некои барања на студентите. Притоа тие ги нагласија и одделните тешкотии со кои се борат трудбениците, па поради тоа и беа осудени одделните методи на насилство, изразени на белградските демонстрации.
Вчера, речиси, целиот ден на Медицинскиот факултет во Скопје, во преполн амфитеатар на оваа високошколска и научна установа студентите и наставниците ги изнесуваа своите проблеми: студирањето, материјалното обезбедување на студентите, наставата. И други пошироки проблеми, кои излегуваат од рамките на факултетот: студентот по дипломирањето. Имено, какви се неговите можности за да биде вклучен во стопанска организација, какви се можностите за негово запослување. И уште: наградување според трудот.
На овој собир сепак и студентите и наставниците најмногу им посветија внимание на своите проблеми: вклучувањето на студентите во самоуправувањето на факултетот, на годината на која студираат, намалување на материјалните давачки за сместување и исхрана во студентскиот центар, зашто, и така материјалните можности на студентите се под барањата на овие институции. Беше истакнато барањето да се оформи единствен фонд за стипендирање и кредитирање на студентите на овој факултет и со фондот да раководат студенти и наставници од факултетот заради поголема реалност во распределбата на средствата. Собирот го постави и барањето да се промени статусот на објектите на студентскиот стандард од работна организација во установа со специфична воспитно-образовна дејност.
Студентите не малку се задржаа на она што значи и нивно утрешно запослување. Тие истакнаа барање и на нивниот факултет наставниците да бидат ангажирани на едно работно место.
Не остана настрана ни барањето да се интегрираат клиниките и институциите во рамките на Медицинскиот факултет.
Студентите медицинари и нивните наставници бараат да се отстрани разликата што настанува меѓу кадрите што дипломирале во различни временски рокови, а која потекнува од таму што подоцнежните генерации по дипломирањето не ја добиваат титулата доктор.
Вчера на Електро-машинскиот факултет во Скопје се одржа собир на кој присуствуваа над 200 студенти и наставници. Откако Данчо Чаловски, претседател на Факултетскиот одбор на Сојузот на студентите и Димитар Белчев, секретар на Факултетската конференција на СК ги запознаа присутните со барањата на студентите од Белград и Скопје, се разви мошне конструктивна дискусија. Студентите од Електро-машинскиот факултет во Скопје во потполност ги поддржаа барањата на студентите оф Скопје и Белград, а ги осудија насилствата и начинот на истапувањето на еден дел од студентите во Белград. Во продолжението на дискусијата најголемото внимание му беше посветено на положбата на овој факултет. Во врска со тоа се истакнува дека наставниците во иднина исклучиво да бидат посветени на наставата, а не на хонорарната работа.
Студентите се заложија за рамноправно учество на студентите и професорите во сите самоуправни тела на факултетот.
(Г. Г.)