Напишано: 29 октомври 1943
Извор: Enver
Hoxha, “Selected Works”, Institute of Marxist-Leninist Studies at the CC of PLA, Tirana, 1974, Volume I, pp. 217-219
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2017
29 октомври 1943
Другар Темпо,
Твоите писма многу нè зачудија; нивниот тон е многу груб и твојата оценка на нашиот Централен комитет е неправедна. Ниту мислиме дека нашите другари таму ја заслужуваат навредливата проценка дадена од тебе и твоите македонски другари. Во таква тешка ситуација, нема да изненади ако тие направиле некое отстапување или ако не биле во состојба да ја искористат секоја поволна ситуација, но тоа е далеку од етикетирањето на нашите другари како саботери и агенти на „Голема Албанија“ и ни се чини дека твоите обвинувања се многу остри и доста претерани. Од друга страна, не ни се чини дека таква деликатна работа треба да се оценува со такво отсуство на смиреност ниту дека треба да се донесуваат одлуки или да се даваат „наредби“ без соодветно одмерување на ситуацијата и на моментот. Во врска со прашањето на Дебар, ова беше и е нашето мислење и ние ги дадовме соодветните наредби на другарите кои работат во тој сектор.
Не ги прифаќаме новите граници утврдени од фашистите. Но, која е ситуацијата во Дебар? Еве како беше известено до нас и веруваме дека извештајот е точен: во тој град Македонците се малцинство и, од друга страна, влијанието на југословенската партија [КПЈ] не е многу големо поради нејзината слаба организација, па, следствено, национално-ослободителното движење предводено од Југословенскиот партизански штаб не е раширено, туку напротив е на ембрионално ниво.
Во Дебар и во околниот регион, настрана од реакцијата и нејзините сили, единствената партизанска единица чие присуство се чувствува е таа на Хаџи Леши, која од ден на ден станува посилна и освојува терен. До капитулацијата на Италија и потоа, баталјонот на Хаџи Леши беше единствената сила што беше способна во одредена мера да им парира на силите на реакцијата, кои се многу бројни во Дебар. Со капитулацијата на Италија, сите реакционери и нивните орди почнаа да пљачкосуваат и да грабаат и тие беа хулиганите кои ги зедоа пушките. Тие не им беа дадени ним од страна на Хаџи Леши (како што пишува македонскиот другар Јанко во неговото писмо) и тоа е истиот Хаџи Леши, сега обвинет дека ја бранел „Голема Албанија“, кој ги спречи ордите на бајрактарите не само да не ги земат сите пушки, туку да сторат и други испади. Така, капитулацијата на Италија го најде Дебар во ситуација во која единствената сила која беше способна да ја доминира ситуацијата, ако тоа беше можно, беа партизанските сили на Хаџи. Реакционерите беа силни, нивните платенички сили нечепнати, и не само тоа, туку немаше и организирана македонска сила. Накратко, нашата положба не беше добра (ниту нашата ниту вашата). Како требаше Хаџи Леши да постапи тогаш? Не го делевме и не го делиме твоето мислење. Сметаме дека моментот не беше вистинскиот (со оглед на малите сили кои ги имавме) да се воспостави македонска управа во Дебар, зашто ако така постапевме, и ние и вие ќе ја покреневме целата реакција против нас. И не само реакцијата, туку и народот, кој ќе нè обвинеше дека сме се „продале“ , а тоа ќе имаше сериозни последици за развојот на борбата која и ние и вие ја водиме во тој регион. Ако така постапеа, Хаџи Леши и неговите партизани ќе го изгубеа целиот углед што го стекнаа во Дебар. Ние му дадовме директива на Хаџи да создаде национално-ослободителна управа и дека Македонци, исто така, мора да бидат избрани во советот, луѓе кои се активно посветени на работата и на војната (а не зависни од проповедањето од говорницата, како што кажуваш ти во твоето писмо) со цел да ги консолидираме нашите позиции (и нашите и вашите) и, преку заедничката работа, да ги зајакнеме нашите редови, да ги исчеличиме и да удриме по реакцијата. Во тој момент и потоа, нашата положба е доволно силна за да се справи со секој развој на настаните, па го сметаме ова за најсоодветен начин да се делува. Веруваме дека да се делува на овој начин не значи да се брани „Голема Албанија“! Веруваме дека менталитетот на населението од Дебар и географската положба во однос на претходните граници (градот Дебар, а и неколкуте села кои беа под југословенска власт во тоа време, беа целосно поврзани со делот под албанска власт и дури и Македонците имаа многу блиски врски со Албанците), сите овие работи ви се познати вам како и нам, и во таа ситуација ни се чинеше дека ќе биде штетно да ја примениме „правилната линија“ преку декрет или наредба. Во секој случај, ние сè уште мислиме дека ова не е едноставен проблем.
Другарски поздрави,
Енвер Хоџа