Ганчо Хаџи Панзов

Детството на еден град


Извор: Кирил Ќамилов, „Ганчо Хаџи Панзов – поет и борец“ во „Современост, списание за литература, уметност и општествени прашања“, год. IX, број 4, Скопје, април 1959, 334-338 стр.
Препев: Кирил Ќамилов, од француски јазик
Техничка обработка: Здравко Стојкоски
Онлајн верзија: мај 2015


Во мојата земја, како и во сите земји
има деца и старци
и жени и мажи
и бедни и богати
и болни и здрави
Така е кај сите народи
така е и во мојата татковина.

Детството си има свое раѓање
Кај нас како и кај сите народи
народи онеправдани, поробени.
А болно е раѓањето на мојот народ
болно е раѓањето на мојот град.

Но детството е раѓање за себе
детството на народот
тешко и мачно раѓање –
каде и болката немее
пред ужасот на утрешнината
пред ужасот на стравот
што им го предлагаше
на децата и мајките
утрешниот ден.

Татковино моја, татковино нерадосна
татковино моја, распната
татковино моја, раскината
обезличена.
Татковино, нерадосна судбо,
Нерадосна судбо, на синови
Татковино на мрачни утра
и на крвави залези
и на долги беспомошни вечери
и ноќи на очекување –
остри врвови на властелинските ножови

Татковино моја, на беспомошни утрини.
Детство мое, стегнато во окови
окови како окови во партали
на мојата татковина.

Беше ден на едно раѓање
нов ден и ново раѓање
Стега во стега
железо во железо
партали во партали.
И без леб и без пристани во далечината
и срца стегнати во синџири
притиснати како река меѓу камени брегови
срцето на детето – и татковината.

Така се раѓаше нашето детство
со години, со векови, со векови
и замираа квечерината настаните
за да се родат
уште посвирепи, попакосни вампирите.
Замираше едно неизживеано детство
со морни утра и поморни вечери
И бучеше злокобно реката
и пливаше зеленилото на Вардар
и скрцаше воденицата во полноќната болка
Како река притисната во камени брегови
викаше моето детство,
и воденицата во ноќта, и гласот на виолончелото
И биеше во срцето на детето, како каменот и длетото.
И болеше болката како камен под длетото
И струнеше стегата во срцата
и стенкаше воденицата пред островот
и викаше на помош пештерата
кај сивата меѓа на барутаната.
И врискаше Бабуна
врискаше Тополка
и гудеше тажно Црнà-река.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Минуваат денови страдни и мачевни
Се нижеа ноќи во соништа и претчувства
И зовот на мајката
и стравот пред утрината
на гладот и безработицата
и оковите од партали и ропството
И зовот на мајката
За одмазда.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
И запре безнадежната молитва на селанецот
пред нивата обесформена, испукана од сушата.
И запре плачот на мајката
и плачот на децата од улицата.
Престанаа да пиштат и офкаат пеленачињата
пред празната град на мајката.
Се собираа денес дечињата
се собираа орлињата
на „Свети Илија“ врвовите
и на Црн-Камен
кај манастирот „Свети Димитрија“
и на Којник
и на Прцорек –
Насекаде се собираа дечињата од градот.
И си шепотеа, си шепотеа за утрината
и за иднината.
И се палеа огнови од борината на кралчичињата при „Свети-Спас“.

Тогаш одеднаш се откинаа алките
Се скршија синџирите и изгореа парталчињата
наврзани по лактињата
и умре „магијата“ ...
Се подигнаа високо рачињата
на дечињата
поинаку...
Се подигнаа рачињата во висината
Рачињата на дечињата
Не за милост и молитва.

Овој пат се подигнаа рачињата на дечињата
високо во небесината
се подигнаа рачињата на дечињата
за одмазда.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Нарипаа дечињата
Го запалија на мегданот валовецот и лозанките и борината
Нарипаа дечињата и викнаа:
Дајте ни ги соништата!


Архива на Ганчо Хаџи Панзов

Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива