Данко Грлиќ

Комунизам и социјализам


Напишано: 1964
Извор: Danko Grlić, "Zašto", "Naprijed" (Zagreb), "Nolit" (Beograd), 1988.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2006


Во овие маргиналии околу двата централни поими на современата теорија и пракса и, пред сè, околу утврдувањето на нивниот меѓусебен однос, ќе се апстрахираме од разноразната конкретна политичка активност во рамките на оние партии кои себеси, со цел на означување на сопствените програми, со помалку или повеќе право, се нарекуваат социјалистички или комунистички. Но тоа во никој случај не го правиме за да сметаме дека е потребно или воопшто можно теоретските или филозофските разгледувања целосно да се одделат од историски релевантните, конкретни, партиски, класни и политички ситуации. Сепак ќе го направиме тоа меѓу останатото и поради тоа што често токму испреплетеноста и противречноста на патиштата на политичките партии и на нивните припадници, на нивните тактики, комбинации и метаморфози - при која понекогаш и безработни лордови себеси се нарекуваат социјалисти, работниците акционери, а кинеските догматици дури и комунисти - толку ги замати тие поими што на некој начин повторно стана потребно да се расправа за нив во сферата на нивната теоретска, па ако сакате и идеална, поимна чистота - како за поими кои во принцип треба да означат две етапи, две општества, две формации со одредени елементарни и идејни и реални претпоставки. Значи, овде ќе стане збор за некои принципиелни идејни реперкусии кои во современи услови произлегуваат од поставувањето на оние поими кои Маркс во „Критиката на Готската програма“ ги вика повисока и пониска фаза на комунизмот, а подоцна Ленин со термините кои и денес главно се во употреба: социјализам како преодна фаза и комунизам како цел на тој преоден пат.

Маркс, основачот на доктрината и праксата која нераздвојно е поврзана за поимот на комунизмот, всушност многу малку зборува за општествената формација која што со право би можела да го носи тоа име, а често е дури и многу скептичен - сметајќи го тоа како помалку и схоластично прашање - во однос на обидите и воопшто на можностите за опишување на таквото идно општество. Но местата од Марксовите дела во кои се зборува за тие две етапи во развојот на општеството добро се познати и далеку повеќе цитирани - а тоа сосема не е случајно - од сите негови други, несомнено значајни филозофски тези за конститутивните елементи за идното очовечување на човекот и на неговото општество. Токму тие неколку реченици станаа пароли кои во нивната апстрактна форма денес ги признаваат како свои и целосно различните идејни социјални и политички правци. Но иако од останатите, пред сè од некои фундаментални тези на раниот Маркс, денес можат во основни црти да се означат теоретските темели на она што Маркс навистина го подразбираше под тие поими, нам во овој случај и не ни е важно тоа да го „рехабилитираме“ вистинскиот Маркс и да го лишиме од сите оние наслаги кои со години, прикривајќи го неговото изворно учење, се наталожиле врз него. Нам - како што и кажавме - пред сè нè интересира да се обидеме да ја осветлиме современата ситуација во однос на тие два поими, ситуација која е променета не само поради конкретното искуство на долгогодишното постоење на социјализмот, туку и поради новопојавените пречки, отпори и ограничувања, поради новите облици на борба за афирмација на напредното и човечното, а со самото тоа и на новата смисла на постоењето и правецот на движење на човекот на нашиот век.

Би сакал во рамките на овие неколку тези веднаш на почетокот да утврдам дека ми се чини дека денес сè повеќе станува јасно дека со социјализмот во никој случај не можеме да поистоветуваме само некоја преодна, релативно кратка, така речи провизорна состојба која како незаобиколива етапа неизбежно и сигурно, речиси автоматски нè префрла во новата состојба, во состојбата на трајна радост, исполнета со бесконфликтен хуманитет, мир, среќа, каде што сите потреби се исполнуваат, каде што човекот конечно и неотповикливо е неотуѓен, каде што цветаат убавите уметности и уште поубавите науки и каде што само по себе се подразбира дека слободата им е гарантирана на сите како што никогаш не била во „предисторијата“.[1] Исто така ми се чини дека денес стана јасно дека во името на тој идеал - кому како никогаш да не му се приближуваме - дека поради така илузорно поставената цел повеќе не можат да се оправдуваат современите страдања. Со други зборови, во свеста на современиот човек сè повеќе влегува дека севкупната човечка содржина, дека севкупниот квалитет на структурата на т.н. социјалистички провизориум, како божемно средство за чекорот во новото општество - не може да биде ирелевантен, туку напротив конститутивен - за т.н. комунистичка формација, таа константна цел на севкупното движење.

Кога велам „конститутивен“, со тоа воедно сакам отворено да кажам дека сметам дека од квалитетот на тоа наводно средство исклучиво зависи и квалитетот на целта. Меѓутоа, често сè уште разликите помеѓу поодделните патишта во комунизам се сведуваат само на случајни дивергенции во начинот, во специфичниот метод на постигнување на таа универзална цел. Така, понекогаш се тврди дека, на пример, кинескиот и нашиот социјалистички пат сигурно и несомнено водат кон една иста, идентична цел: изградба на комунистичко општество. Ќе се признае, додуша, дека средствата, за жал, се различни, но целта на движењето е сосема заедничка, метата на сите напори е иста. Па и ако на средствата им се приоѓа радикално критички, целта останува сакросанктна: во неа, во нејзиното остварување, во нејзините квалитети никој, па ниту оние најхрабрите, ниту се обидуваат да се сомневаат. При тоа се чини дека не се прашуваме како навистина - по некоја имагинарна пловидба на бродот на кого сите патници веќе престанаа, при грубоста на животот, воопшто човечки да мислат и чувствуваат - би можело да се чека на хоризонтот некое ново, ветено копно на хуманизмот? Каква тоа може да биде целта ако за нејзино постигнување сме употребиле средства кои се спротивни на неа? Или: каков ќе биде и каков може да биде комунизмот ако во социјализмот пустошат бездушни и безобѕирни бирократи, ако култот на личноста постојано создава само атмосфера на општа дволичност или безличност? Поради тоа не треба да ни предизвикуваат само иронична насмевка или да ни асоцираат помалку или повеќе духовитите досетки на кинеското тврдење дека тие веќе зачекорија во комунизам. Работата е многу потрагична во својата болна вистинитост: кинескиот социјализам, ако продолжи по патот по кој тргнал навистина ќе создаде и може само да создаде кинески тип на „комунизам“.

Во таа смисла можеби би било оправдано да се запрашаме колку во принцип добива на актуелност онаа, некогаш опортунистичка девиза дека целта не е ништо, а дека средството е сè. Таа бернштајновска парола своевремено беше знак на идејна слепост, на бесперспективност, на опаѓање на револуционерниот ентузијазам во едно време во кое беше нужно да се претстави некој идеал, некое царство на слободата и среќата за сите понижени и навредени, царство на коренито нови меѓучовечки односи, во кое беше потребно да се постави целта и како успешно средство за борба против бездушната експлоатација, кога се чувствуваше потреба постојано да биде запалено некое далечно светло за во мракот да може да се распознава правецот на движење. Зашто тогаш да се замагли со реалните конфликтни елементи она што доаѓа како спас и излез од темнината на беспатието или дури и воопшто да се стави под знак прашање, а со самото тоа и да се обезвреднат сигурните перспективи на идното - или едноставно - во таа долина на солзите, на маките, на необразованоста, на животинското - да се сведат само на реално остварливото царство- понекогаш би можело да значи оневозможување на успехот на секоја акција. Во таа смисла митот за ветената земја на овој или на оној свет не мораше да игра само негативна, пасивистичка улога, туку, напротив, улога на двигател, на идеал што понесува, што побудува желби, што ја растерува резигнацијата, што ги зајакнува рацете во борбата против безнадежното, слепо сивило на секојдневието.

Меѓутоа, прашањето кое што остана отворено е дали тоа и денес е сè уште така. Дали денес сè уште - и по среќните и по горчливите искуства (чија горчина единствено е ублажена со тоа што разните митови се столчени во прав и дефинитивно се демитологизирани барем во мислењето на некои навистина слободни социјалисти и комунисти и на левата интелигенција на Исток и на Запад) - дали, значи, денес сè уште е потребен многу често илузионистичкиот карактер на концептот на идното? Или тој илузионизам мора секој ден сè порадикално да се дезилузионира токму во името на она што денес и овде потенцијално е веќе присутно, што како реалитет на секојдневието е нераздвоен дел од иднината, вткаен во сето она што човекот и човечкото општество еднаш ќе биде и што воопшто може да биде, што е прва премиса не само за она кога ќе биде, туку и какво ќе биде. Дури тогаш до крај ќе го негираме христијанското есхатолошко барање на жртви за идното, дури тогаш наспроти жртвувањето за она што е сè уште невидено ќе ја жртвуваме самата таа плански осигурана илузионистичка розева иднина, во името на самата стварност, во името на она овде и сега кое е единствена реална отскочна штица на иднината. Зашто само таквото „овде“ и „сега“, само неговото „како“ и „што“ може да стане темел на реално новото. Поради тоа ова денес не може да биде ниту царство на аскезата и владеење на ограничените медиокритети кое утре би нè довело до своето богатство на неограниченоста; тоа не може да биде касарна која што ќе не воведе во мисловното ослободување; владеење на заткулисни идејни директиви, денунцијации и морално изгужвани доушници кое нè води до самостојно изградени личности; царство на омразата кое што нè приближува кон љубовта; полиција која што ја овозможува слободата; нехумано што ја отвора вратата на хуманото. Зашто кој и во име на што ќе се гради идното општество како татковина на хуманитетот, кој и откаде ќе ни подари таков градител, ако денес го осакатиме човекот и го направиме имун за сè човечко, откаде, ако не од небо, ќе ни падне таквиот нов човек на љубовта, на занесот, тој човечен човек на тоа човечно општество? Зашто на земјата - ако би го свеле на исцрпувачко материјално живуркање, на принуда, на сува дисциплина, на идејна кастрација - тогаш сигурно повеќе нема да може да се најде. А зарем да чекаме на тоа во еден ненадеен натприроден момент богот да му го просветли умот и да му ја облагороди душата?

Денес често и пречесто целта сè уште се митологизира до апсурдност, целосно се раздвојува од патот кој што води до неа, па секој што недоволно увидува дека за таа цел се неопходни средствата на принуда, се анатемизира како некој што се сомнева - колку смртен грев - во самите цели на комунизмот. Во [советското] списание „Проблеми na мирот и социјализмот“ докторот на филозофски науки С. Ковалјов - кој инаку многу добро полемизира со некои кинески догматски тези - неодамна напиша: „Оној што истапува против револуционерната принуда како објективно неизбежно и неопходно средство на борбата за комунизам, тој всушност истапува против целите на комунизмот.“ Не се оправдува ли така во името на сакросанктната, возвишена цел, принудата на современоста, не им се заканува ли така во името на идните на сегашните, не се дозволуваат ли во името на целта нему спротивни средства и не се срозува ли всушност социјализмот во името на слободниот комунизам на провизориум на принудата и неслободата?

Но не е ли во принцип таквото фиктивно упатување на целите, таквото создавање на одредени вештачки напнатости и расчекори помеѓу целите и средствата исто така и вел со кој се прекриваат недостатоците на современиот живот, идеен сурогат со кој се сака да се исполнат празнините на реалноста?

Мислам дека во времето во кое живееме повторно е потребно комунизмот како концепт на идното да се претвори од замислена состојба на некоја трајна радост, општо задоволство, исполнување на сите потреби и целосна хармонија во реален концепт на општество кое во себе во нов облик носи многу катаклизми на современоста и кое што израснува од сите противречности, конфликти, маки и болести на човекот на нашето време, на човекот чии прашања се поинакви, потребите поразнолики, двоумењата и дилемите променети од времето кога класиците ги создаваа идеалите на новата заедница. Кој можеше да ги предвиди сите тие девијации, сите тие, често многу длабоки општествени деформации, национални угнетувања, пројавувања на најтемни шовинистички страсти, геноцид, третирање на идејните и политичките противници полошо од криминалните злосторници, како и сите други стравотии на дехуманизацијата, личниот терор, сивилото на бирократијата, владеењето на каста и на примитивизам во рамките на принципиелно најхуманиот и најслободниот систем на социјализам и во името на најсилните и најслободните умови каков што беше Маркс? А зарем сталинизмот не значеше и зарем во некои модифицирани облици во одделни земји и денес не значи сето тоа? Токму затоа - по тие искуства - и сомнежите и прашањата и болките на човекот денес не се исти како пред стотина години. Напротив, денес сè повеќе се увидува дека тие не се резултат на некој привремен неред, или на некоја економска или идејна неразвиеност, недоволна свест или свесност, или пак на недоволното производство - како што тоа се сака да се нагласи во некои педагошко-политички тези. Навистина, човекот на современите движења во социјализмот повеќе не мисли дека многу сè уште отворени проблеми се резултат на таквиот привремен, случаен неред кој само преку понатамошна автоматизација и технификација, преку понатамошен развиток на силите за производство и преку настанокот на новата ера и на нејзиниот ред дефинитивно би бил отстранет. Прашањето на болните лични амбиции, на волјата за моќ, на појавувањето на водечки нации и на економско искористување на малите народи, на заткулисни ликвидации на политичките неистомисленици, како и разните други морални деформации, сето тоа нема да може така лесно да исчезне само од себе во некоја нова ера, па не знам колку таа била економски развиена и со кое име ја етикетираме. Покрај сето тоа треба секогаш да се има на ум дека не само што остануваат прашањата кои секогаш одново ќе го мачат човекот додека постои човекот - а би било страшно осиромашување кога би постигнале една таква состојба при која би престанал да реагира на нив и да ги чувствува - туку е и прашање колку воопшто може да стане реален таквиот хармоничен концепт на општество во кое секој би бил задоволен, во кое навистина би била остварена паролата „секому според неговите потреби“. Зошто всушност тогаш кога во своите идејни проекции само што стапивме на прагот на историјата, зошто во комунизмот (а според некои дури веќе и во социјализмот) ја заменивме дијалектиката на судирите и противречностите со мирната хармонија на логичкото исполнување на сите потреби? Зошто ја запревме историјата таму каде што таа треба допрва да почне? 

Кога станува збор за задоволувањето на потребите мислам дека не смееме да го заборавиме ниту тоа дека историјата покажува дека одредени класи, па дури и помали групации секогаш сметаа дека се борат за правата и потребите на човекот како таков - па поради тоа - повикувајќи се на својот идеален концепт - секогаш се идентификуваа со оние кои донесуваат среќа, слобода, благосостојба на целото човештво, кому, со други зборови, му носат задоволување на сите потреби. Но секоја од тие историски групи или класи од својата перспектива, од аспектот на своите потреби, па и на своите недостатоци, на своите стремежи, од сопствените маки, проблеми, од тегобите кои токму нив ги притискаат го формулира и својот идеал, својата цел, конечната, најдобрата, дефинитивната состојба на општеството, која ќе претставува врв на историјата, каде што историјата всушност ќе престане, а не вистинската историја допрва ќе започне. Поради тоа и не е чудо што за економски и идејно ограничената граѓанска класа во феудалните односи идеал стана слободата: на говорот, пазарот, изборот на работите, слободата на конкуренцијата и воопшто на економската и идејната акција. Исто така воопшто не е необично што за еден дел од најгрубо експлоатираниот и бездушно пауперизираниот пролетаријат гонет на 14-часовен работен ден идеал на идно општество - да ги опишеме помалку вулгаризирано одредените тенденции - стана полната маса и неработата, материјалното изобилство, уживањето во сите сетилни наслади, задоволувањето на сето она што Маркс со право го нарекува животинско, а истовремено е одмазда полна со горчина против сите моќни, образовани, префинети бонвивани, паразити, мрзливци. Па и денес при маките на изградбата на новиот свет, во нашето релативно материјално заостанување и примитивизам (кога понекогаш и со злорада завист гледаме на поудобниот, посовремен живот кој што е присутен во некои други земји) комфорот, техничките чуда и совршенства стануваат оние важните потреби и воедно идеали на кои се сака, при општоприфатената идеја за удобен живот, во целост да се сведе среќата и целта на личното и на општественото човечко битие.

Но за сета среќа потребите - како што знаеме од некои елементарни социолошки и економски истражувања - не се никаква константа и тие - како што веќе утврдивме - постојано растат, се менуваат, се модифицираат, па затоа всушност денес воопшто и не можеме во принцип да му се приближуваме на таквото идно царство во кое би можеле да знаеме дека идните потреби или некои апстрактни потреби воопшто ќе бидат задоволени. Токму создавањето на сè поголеми како материјални така и хумани и културни потреби треба постојано да се стимулира, зашто онаа заедница во која сите нејзини поединци би ги задоволувале сите свои потреби всушност би извршила акт на самоуништување, би претставувала крај на прогресот и на какво било смислено движење. Тоа задоволување на сите потреби - стара слика на утописките нацрти на сите идни општества - т.е. со самото тоа исчезнување на какви било потреби - таа стагнација и изумирање на мотивите за барање на новото всушност не е, како што често се мисли, оптимистички концепт. Тоа побрзо е концепт на монотонијата, на сивилото, концепт кој би можел во голема мера да се изедначи со страшната Ничеовска визија за последните луѓе што треперат од задоволство со очите, пловат во своите мали радости дење и во своите мали радости ноќе и меѓу кои сите мислат исто, а оној што мисли поинаку доброволно заминува во лудница.

Поради тоа, се чини, денес и овде е подобро и посоодветно на самиот марксистички, овоземски основен увид да се зборува за тенденциите и правците на движењето, за насоката на прогресот отколку за апсолутната цел, за сигурно планираниот систем на иднината. Впрочем, таквото егзактно планирање всушност е уништување на иднината. Со целата почит кон научното планирање и со целото незадоволство од неодговорното експериментирање што создава атмосфера на лекомислен авантуризам и анархоидна случајност - сепак не треба да се заборави дека строго поставената планска задача, која во себе не би носела никаква можност за непредвидливото, новото, непланското, која како иднина, значи, не би имала своја сопственост - всушност не би била никаква иднина. Имено, ако „иднината“ можеме денес прецизно да ја предвидеме, тогаш таа во принцип денес веќе е овде, тогаш таа не доаѓа, не настапува, тогаш таа само се исполнува, се остварува, таа не е смела пловидба во новото утре, туку извршување на нешто што е зададено. Накратко: мислам дека она идното - а тоа е важно и за односот на тие две концепции на социјализмот и комунизмот и на сите нивни т.н. преодни стадиуми - пред сè би можело да биде означено како постојан процес, како перманентно движење а не како состојба, како непрестајно креирање без запирање, а не како некое изградено општествено уредување кое со своите општи, точно утврдени, непроменливи координати го предодредува севкупното наше денешно идејно и материјално случување. Зашто тоа општото, тој врховен, неповредлив концепт на идната најидеална заедница често всушност денес го притиска, го ограничува и го осиромашува нашиот личен живот и со својата безличност, надиндивидуалност ја моделира, ја гази персоналноста во името на тој нов калап, на таа анонимна идна шема на животот, во името на таа пресреќна заедница на која треба да и' жртвуваме сè, па и човекот, неговото име, неговите барања, сомнежи и многу негови неповторливо индивидуални човечки квалитети. Не е редок случај во името на тој надмоќен апстрактум дури и интимните човечки врски толку да се деформираат што сè повеќе добиваат изглед на смешен реликт, анархоиден сентиментализам, конфузна, приглупа романтика или дури и на сомнителни настраности, екстраваганции, срамни болести. Сведувањето на човекот исклучиво на тоа колку денес и' користи или колку во иднина ќе и' користи на таа нова апстрактна заедница, колку придонесува, колку дава, колку и' жртвува на таа безлична општествена вредност - сето тоа се појави кои можат многу лесно да доведат не само до превласт на општоприфатеното и општоразбирливото, на секој применлив критериум, значи, и до апологија на еден примитивен менталитет, туку и до деградација на персоната и на каква било персонална врска. Така и вистинското пријателство и љубов стануваат целосно немодерни и тоа не поради тоа што никој не би ги доживеал, туку затоа што секое такво доживување во крајна линија би морало да се најде под проценувачката лупа на она надиндивидуалното, на општото, на секој оној што ги брани интересите на заедницата. А од тој аспект секое такво доживување ќе го предизвикува презирот, подсмевот на оние свесни општествени сили кои ги остваруваат повисоките, општествените, колективните, масовните, општонародните вредности. Тоа е она владеење на општото според кое поединецот и без свеста за тоа сè повеќе станува ништо - па така тој всушност и не би требало да има, на пример, ниту свои љубовни и индивидуални соништа и занеси. Поради тоа тој и ја доживува иронијата на општеството, зашто не е доволно - хегеловски кажано - предикат на општиот ум, тој и отповеќе е субјект - тој не е доволно нивелиран на апстрактен супстрат на вредноста. Токму поради тоа во тој случај т.н. ускладување на човечката есенција и егзистенција се врши исклучиво така што оваа втората се предава, се дарува и се жртвува на првата.

Така - да спомнеме само еден од илјадниците случаи - на пример Евтушенко[2] - кој себеси си ја дозволи таа непромисленост да напише дека не му се допаѓаат некои париски девојки (на што, мислам дека не треба премногу да се чудиме) - неодамна од Кинезите е прогласен не само за „развратник“, туку - што е многу покарактеристично - со самото тоа ни помалку ниту повеќе туку за „човек кој зазема позиција непријателска за народот“![3] Кинезите во таквите осуди навистина се единствени и многу не кружат, па често во нивните коментари може да се најде изразено многу јасно и недвосмислено она што другите, поради опортунистички причини, го прикриваат со дебели наслаги на политичко-тактичка, па дури и филозофска терминологија. Така, Кинезите по повод една неодамнешна критика на советските книжевници, без матни премислувања или повикувања на слободата на уметничкото творештво, чесно, логично и отворено напишаа: „Социјалистичкото општество може да биде изградено само врз безпоштедното задушување на сè што е лично кај човекот.“ И понатаму: „Мечтаењето на девојките за љубовта, семејството и среќата не е социјалистичко, а кога мајката го оплакува загинатиот син во војна (како во филмот на Чухраев, 'Балада за војникот'), таа прави нешто неправедно и неправилно, ако војната во која загина синот е праведна и антиимперијалистичка. Кај луѓето што градат социјализам не може да има никакви остри човечки судири и психолошки дилеми.“ Ова може да звучи многу гротескно или едноставно имбецилно. Па сепак мислам дека би било добро кога сите што навистина така мислат и би зборувале вака прекрасно отворено и без маски. Тогаш би било, веројатно, појасно каде води тоа и што тоа значи кога под плаштот на општиот возвишен поим на социјализмот, а понекогаш и на комунизмот се сака да се задуши, сотре или целосно да се обесмисли целата човечка егзистенција.

Не треба да се заборави што претставува рајот за христијанскиот начин на размислување: прибежиште за сите страдања, рехабилитација на сите овоземски неправди. Животот во него ќе ни биде дотолку поубав доколку ни е на овој свет полошо, доколку повеќе се жртвуваме, доколку помалку се бунтуваме, посамостојно бараме, доколку помалку сме автономни, смели, доколку помалку сме си дозволиле чувствени радости, доколку сме поедноставни и попримитивни. Човекот на земјата е само патник, минувач, тоа е негов провизорен стадиум, полн со замки, гревови и лаги; дури кога влезе во рајот за него престанува таа овоземска макотрпна историја, тој од временоста влегува во вечноста, процесот станува состојба и на таа последна станица секое патување завршува. Се разбира, не треба да се тргне по таа иронија која, од навистина туѓи позиции на социјализмот, злобно и во суштина примитивистички го поистоветува христијанскиот рај со божемната фикција на идно комунистичко општество како што тоа, на пример, со добра доза на малициозност го направи Б[ертранд] Расел. Станува збор за сосема поинакви премиси за изградба на ново општество, нашиот принцип на надеж во никој случај не може да биде христијанското „уфање“ во светот на трансмунданата сфера и сите вистински претставници на марксистичката мисла навистина се стремеа кон реално, остварливо царство на слободата. Па сепак не треба секогаш едноставно да се става во загради дека токму денес многумина повторно заборавија на таа реалност, дека комунизмот поради сосема одредени причини и социолошки реперкусии навистина го поставија од другата страна на можното и дека во името и поради тој идеал проповедаа една длабоко лажна, деформирана, опиумска, митска идеологија на одрекувањето и аксетизмот. А комунизмот не е ништо „друго“, ништо онострано, ништо независно од нас и тој само дотолку ќе постои доколку самите можеме да бидеме во него, доколку - макар само како реален регулатив - го чувствуваме присутно како дело на нашите сопствени раце и на нашите сопствени мисли. Никој нема да ни го подари, од никаде нема да ни дојде. Поради тоа на крајот да повториме недвосмислено: нашиот комунизам ќе биде толку и само дотолку хуман колку што се хумани премисите и координатите врз кои се гради и во рамките на кои денес се движи нашиот социјализам. Одговорноста за новото општество и за целиот историски пат на движење кон него на тој начин исклучиво паѓа врз нас самите.


Фусноти

[1] Во марксистичката литература, под предисторија често се подразбира човечката историја пред воспоставувањето на бескласно општество (заб. на прев.).

[2] Евгениј Евтушенко е руски поет, еден од водечките советски книжевници - дисиденти (заб. на прев.).

[3] Овденаведените текстови на кинеските статии се цитирани според „Политика“ и „НИН“ (јули 1964).


Архива на Данко Грлиќ

Архива на Праксис школата

марксистичка интернет архива