Напишано: 2018
Извор: David Graeber, „‘I had to guard an empty room’: the rise of the pointless job", extract from Bullshit Jobs: A Theory, The Guardian 4 May 2018.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2025
Копирање и препраќање е-пошта. Измислување бесмислени работни задачи за другите. Само изгледање зафатено. Зошто толку многу луѓе сметаат дека нивната работа е целосно непотребна?
Еден ден, се срушија ѕидните полици во мојата канцеларија. Поради тоа книгите беа расфрлани по целиот под, а назабената, полуизвадена метална рамка што некогаш ги држеше полиците на свое место остана да виси над моето биро. Јас сум професор по антропологија на универзитет. По еден час се појави еден столар за да ја провери штетата и тој со сериозен глас објави дека, бидејќи има книги по целиот под, безбедносните правила го спречуваат да влезе во просторијата или да преземе понатамошни дејствија. Ќе морало да ги соберам на куп книгите и да не допирам ништо друго, по што тој ќе се врател што е можно поскоро.
Столарот никогаш не се појави повторно. Секој ден, некој од одделот за антропологија ќе се јавеше, често неколкупати, за да праша што се случи со столарот, кој секогаш испаѓаше дека има нешто исклучително итно да направи. Откако помина една недела, стана јасно дека има еден човек што беше вработен од фирмата за одржување згради и имоти, а чија севкупна работна позиција се состоеше во тоа да се извинува за фактот дека столарот не дошол. Се чинеше дека е фин човек. Сепак, тешко е да се замисли дека тој е особено среќен со својот работен живот.
Секој е запознаен со оној тип работни места кои, на човек однадвор, не му изгледаат дека има многу аир од нив: консултанти за човечки ресурси, координатори за комуникации, истражувачи за односи со јавноста, финансиски стратези, корпоративни адвокати или оној тип луѓе кои го поминуваат своето време пополнувајќи комитети кои дискутираат околу проблемот со непотребните комитети. Што ако овие работни места се навистина бескорисни, а оние што ги извршуваат се всушност свесни за тоа? Може ли да има нешто подеморализирачко од тоа да се будите наутро пет од седум дена од вашиот возрасен живот за да извршувате работна задача за која верувате дека не треба да се извршува, дека е едноставно губење време или ресурси, или дека таа дури и го прави светот полош? Постојат многу анкети за тоа дали луѓето се среќни на работа, но што е со тоа дали луѓето сметаат дека нивните работни места имаат каква било добра причина да постојат? Одлучив да ја истражам оваа појава потпирајќи се на повеќе од 250 сведоштва од луѓе ширум светот кои сметале дека некогаш имале, или сега имаат, она што го нарекувам срање работно место.
Дефинирачката карактеристика е оваа: тоа е работа што е толку потполно бесмислена што дури и лицето кое мора секојдневно да ја врши не може да се убеди себеси дека има добра причина зошто да го прави тоа. Овие луѓе можеби не им го признаваат тоа на своите колеги – често има многу добри причини зошто е така – но тие сепак се убедени дека нивната работа е бесмислена.
Посраните работни места не се едноставно работни места што се бескорисни; обично, во сето тоа мора да има и одреден степен преправање и измама. Вработениот мора да се чувствува обврзан да се преправа дека всушност има добра причина зошто постои неговото работно место, иако, приватно, ги сметаат таквите тврдења за смешни.
Кога луѓето зборуваат за посрани работни места, тие генерално мислат на вработувањето што го вклучува тоа да се биде платен за да работиш за некој друг, било како плата за работа на парче или на време (при што најголемиот дел ги вклучува платените консултации). Очигледно, има многу самовработени што успеваат да добијат пари од други, преправајќи се дека им обезбедуваат некаква корист или услуга (нив обично ги нарекуваме манипулатори, лажговци, шарлатани или измамници), исто како што има самовработени што добиваат пари од други правејќи им некаква штета или заканувајќи се дека ќе им ја направат (нив обично ги нарекуваме џепчии, провалувачи, изнудувачи или крадци). Барем во првиот случај, може да зборуваме за срање, но не и за посрани работни места, зашто тоа не е нечие работно место, прецизно зборувајќи. Работата на измама е чин, не е професија. Понекогаш луѓето зборуваат за професионални провалници, но тоа е обично начин да се каже дека крадењето му е примарен извор на приход на провалникот.
Овие согледувања ни овозможуваат да го формулираме она што го сметам за конечна работна дефиниција на едно посрано работно место: облик на платено вработување што е толку потполно бесмислено, ненужно или штетно што дури и вработениот не може да го оправда неговото постоење, иако, како дел од условите на вработувањето, се чувствува обврзан да се преправа дека тоа не е така.
На овие им се дава некоја минорна работна задача за да го оправдаат своето постоење, но тоа навистина е само изговор: во реалноста работни места за климоглавци се оние што постојат единствено или примарно за да направат некој друг да изгледа или да се чувствува важен. Класичен климоглавец е некој како Стив, кој ми кажа: „Само што дипломирав и моето ‘работно место’ во основа се состои во тоа што мојот шеф ми ги препраќа електронските пораки, при тоа пишувајќи ми: ‘Стив, одговори на тоа подолу’, а јас одговорам дека тоа што го пишува е бесмислено или спам.“
Вратарите се најочигледен пример. Тие ја извршуваат истата онаа функција во домовите на многу богатите што електронските интерфони ја извршуваат за сите останати барем од 1950-тите. Во некои земји, како Бразил, некои згради сè уште имаат униформирани оператори на лифтови чија цела работа е да го притиснат копчето наместо вас. Други примери се рецепционерите и персоналот на рецепција на места каде што очигледно не се потребни. Некои други климоглавци обезбедуваат симболика на важност. Тука спаѓаат предјавувачите, оние што воспоставуваат контакт со потенцијалните клиенти врз основа на претпоставката дека брокерот за кого работат е толку зафатен со заработувањето пари што му е потребен асистент што ќе го направи тој повик.
Ова се луѓе чии работни места имаат агресивен елемент во себе, но, што е клучното, тие постојат само затоа што и други луѓе вработуваат луѓе на овие улоги. Најочигледен пример за ова се националните вооружени сили. На земјите им се потребни војски само затоа што другите земји имаат војски; ако никој немаше војска, војските немаше да бидат потребни. Но, истото може да се каже и за повеќето лобисти, специјалисти за односи со јавноста, телемаркетери и корпоративни адвокати.
Акмаците им замеруваат на своите работни места не само затоа што сметаат дека им недостасува позитивна вредност, туку и затоа што ги сметаат за суштински манипулативни и агресивни. Меѓу нив се и многу вработени во кол-центри: „Правите активен негативен придонес во денот на луѓето“, објаснува едно анонимно сведоштво. „Им се јавував на луѓето за да ги заглавам со некое бескорисно срање: конкретно, со пристап до нивниот ‘кредитен рејтинг’ што можеа да го добијат бесплатно на друго место, но што ние им го нудевме, со некои бесмислени додатоци, за 6,99 фунти месечно.“
Работните места на овие вработени постојат само заради маана или вина на организацијата; тие се таму за да решат проблем што не треба да постои. Најочигледниот пример за залепувачи се оние чија работа е да се поправи штетата направена од несмасни или некомпетентни надредени.
Многу од залепувачките работни места се резултат на маана во системот што никој не се зафатил да ја поправи – работни задачи што, на пример, лесно можат да се автоматизираат, но тоа не е сторено зашто никој не обрнал внимание, зашто менаџерот сакал да има што е можно повеќе подредени, или заради некаква структурна збрка.
Работното место на Магда бараше од неа да ги прегледува истражувачките извештаи напишани од врвниот истражувач-статистичар во нејзината компанија. „Човекот немаше поим од статистика и се мачеше да склопи граматички точни реченици. Се наградував себеси со колач кога ќе наидев на кохерентен параграф. Изгубив пет килограми работејќи во таа компанија. Мојата работа беше да го убедам да се нафати на темелна преработка на секој извештај што ќе го изготвеше. Се разбира, тој никогаш не се согласуваше да исправи било што, па потоа морав да го однесам извештајот кај директорите на компанијата. И тие беа статистички неписмени, но, како директори, можеа уште повеќе да ги одолговлекуваат работите.“
Овие вработени постојат само или првенствено за да ѝ овозможат на одредена организација да тврди дека прави нешто што, всушност, не го прави. Најбедното нешто во врска со работните места на штиклирачите е што вработениот обично е свесен не само дека штиклирањето не прави ништо за да се оствари неговата наводна цел, туку и ја поткопува, бидејќи одзема време и ресурси од самата цел.
Сите сме запознаени со штиклирањето како облик на владеење. Ако некој владин службеник биде фатен дека направил нешто многу лошо – на пример, земал мито или прегазил човек на пешачки – првата реакција неизбежно е да се создаде „комисија за утврдување на фактите“ со цел да се дојде до суштината на работите. Ова служи за две функции. Прво, тоа е начин да се инсистира дека, освен една мала група никаквеци, никој немал поим дека вакво нешто се случува (ова, се разбира, ретко кога е вистина); второ, тоа е начин да се алудира дека, откако ќе се утврдат сите факти, некој сигурно ќе преземе нешто во врска со тоа (што, обично, исто така не е вистина).
Локалната власт се опишува како нешто малку повеќе од бесконечна низа ритуали за штиклирање што се вртат околу месечните „целни бројки“. Постојат секакви начини на кои приватните компании вработуваат луѓе за да можат да си кажат дека прават нешто што всушност не го прават. На пример, многу големи корпорации имаат свои списанија па дури и телевизиски канали, чија наводна цел е да ги држат вработените во тек со интересните вести и случувања, но кои, всушност, постојат речиси без никаква друга причина освен да им овозможат на раководителите да го доживеат она топло и пријатно чувство што се јавува кога ќе видите поволна приказна за себе во медиумите.
Овие спаѓаат во две групи. Првиот тип ги опфаќа оние чија улога во целост се состои во доделувањето работа на други. Ова работно место може да се смета за срање ако наредбодавачот верува дека нема потреба од неговата интервенција и дека, доколку тој не би бил таму, подредените би биле совршено способни сами да си ја извршуваат работата.
И додека првиот вид наредбодавачи е едноставно бескорисен, вториот прави вистинска штета. Тоа се наредбодавачи чија примарна улога е да создаваат посрани работни задачи за другите да ги извршуваат, да го надгледуваат срањето, па дури и да создаваат потполно нови посрани работни места.
Наредбодавачот може да помине најмалку 75% од своето време распределувајќи задачи и надгледувајќи дали подредениот ги извршува, иако нема апсолутно никаква причина да верува дека подредените би се однесувале поинаку доколку тој не би бил таму.
„Изјавите за стратешка мисија“ (или, уште полошо, „документите за стратешка визија“) всадуваат посебен ужас во академските кругови. Тоа се главниот начин преку кој во академскиот живот се напикуваат техниките за корпоративно управување: утврдувањето квантифицирачки методи за проценка на перформансите, принудувањето на наставниците и научниците сè повеќе и повеќе време да поминуваат оценувајќи го и правдајќи го она што го прават, како и сè помалку и помалку време всушност правејќи го тоа.
Треба да додадам дека всушност постои само една класа луѓе кои не само што негираат дека нивните работни места се бесмислени, туку и изразуваат отворено непријателство кон самата идеја дека нашата економија е преполна со посрани работни места. Тоа се – сосема предвидливо – сопствениците на бизниси и останатите што се задолжени за вработување и отпуштање. Никој, инсистираат тие, никогаш не би трошел пари на компанијата за вработен за кого нема потреба. Сите оние што се убедени дека нивните работни места се безвредни мора да се во заблуда, или се самобендисани, или едноставно не ја разбираат својата вистинска функција, која е целосно видлива само за оние погоре. Некој би можел да биде во искушение да заклучи од ваквиот одговор дека ова е класа луѓе кои вистински не сфаќаат дека нивните сопствени работни места се срање.
Овие иматели на посрани работни места сведочат за бедотијата што може да настане кога единствениот предизвик што може да го остварите во вашата работа е предизвикот да се помирите со фактот дека вам, всушност, не ви се поставени никакви предизвици; кога единствениот начин на кој може да ги користите вашите способности е да смислувате креативни начини да го прикриете фактот дека не можете да ги користите вашите способности; да се справите со фактот дека, целосно против вашиот избор, сте се претвориле во паразит и измамник. Сите сакаа да останат анонимни:
„Работев како чувар за една глобална компанија за обезбедување во музеј каде што една изложбена сала беше сосема празна. Мојата работа беше да ја чувам таа празна просторија, да обезбедам дека ниту еден музејски гостин нема да го допре, па, она ништото во просторијата и да се обезбедам дека никој нема да подметне пожар. За да ми остане умот бистар, а вниманието фокусирано, ми беше забранет каков било облик на ментална стимулација, како книги, телефон итн. Бидејќи никој никогаш немаше таму, седев мирно и си ги вртев палците седум и пол часа, чекајќи да се вклучи алармот за пожар. Ако тоа се случеше, требаше мирно да станам и да излезам. Тоа беше тоа.“
„Ми беше доделена само една одговорност: да следам електронско сандаче во кое се примаше е-пошта во определен формулар од страна на вработените што бараа техничка помош и да го копирам во друг формулар. Не само што ова беше учебникарски пример за автоматизирана работа, туку всушност таа порано и беше автоматизирана. Имало некои несогласувања меѓу менаџерите што доведоа до стандардизација, со која се укина автоматизацијата.“
„Бев вработен на привремена основа, но не ми беа доделени никакви должности. Ми беше кажано дека е многу важно да останам зафатен, но не смеев да играм игри или да сурфам на интернет. Мојата главна функција се чинеше дека е да седам на стол и да придонесувам кон декорацијата во канцеларијата. На почетокот, ова ми изгледаше прилично лесно, но брзо открив дека изгледањето зафатен кога не си е една од најнепријатните канцелариски активности што може да се замислат. Всушност, по два дена, беше јасно дека ова ќе биде најлошата работа што некогаш сум ја имал. Инсталирав „Линукс“, веб-прелистувач само со текст што во основа изгледа како прозорец на DOS [оперативен систем со дискови]. Без слики, само текст со единечен проред на бесконечна црна позадина. Моето расеано пребарување на интернет сега изгледаше како работа на вешт техничар, а веб-прелистувачот – терминал во кој внимателно напишаните команди сигнализираа за мојата бескрајна продуктивност.“
„Во текот на летото работам во студентски дом. Три години ја вршам оваа работа и до овој момент сè уште ми е нејасно кои се моите вистински задолженија. Главно, се чини дека мојата работа се состои од физичко зафаќање простор на рецепцијата. Додека сум зафатен со ова, слободен сум ‘да вршам свои проекти’, што главно го сфаќам како создавање топчиња од гумени ленти од гумените ленти што ги наоѓам по орманите. Кога не сум зафатен со тоа, можеби ќе ја проверам електронската пошта на канцеларијата (се разбира, во основа немам никаква обука или административна моќ, па сè што можам да направам е да ги препраќам овие електронски пораки до мојот шеф), ќе ги преместам пакетите од вратата, каде што ги оставаат, до просторијата за пакети, одговарам на телефонски повици (повторно, не знам ништо и ретко одговарам на прашање на задоволство на јавувачот) или да наоѓам пакувања кечап од 2005 година во фиоките на бирото. За овие задолженија, ме плаќаат 14 долари на час.“