XXVII

Излезе од судот и се зачуди од тоа што над градот веќе е ноќ, фенерите по улиците горат и ѕвездите на небото светкаат. Околу судот се тискаа групи луѓе, во студениот воздух крцкаше снегот, ѕвонеа млади гласови пресечувајќи се еден со друг. Еден човек во сура качулка се загледа во лицето на Сизов и брзо праша:

—  Каква е пресудата?

—  Прогонство.

—  На сите?

—  На сите.

—  Благодарам!

Човекот отиде.

—  Гледаш ли? — рече Сизов. — Прашуваат...

Одеднаш ги окружија десетина младичи и девојки и брзо се посипаа извици што ги привлекоа луѓето. Мајката и Сизов застанаа. Ги прашуваа за пресудата, за тоа како се држеле обвинетите, кој држел говор, за што — а во сите прашања звучеше истата нотка на жедна љубопитност — искрена и огнена, која будеше желба да се задоволи.

—  Господа! Тоа е мајката на Павел Власов! — полека извика некој и не одеднаш, но наскоро сите замолчеа.

—  Дозволете да ви ја стегнам раката!

Нечија силна рака ги стегна прстите на мајката, нечиј глас возбудено проговори:

—  Вашиот син за сите нас ќе биде пример на јунаштво...

—  Да живее рускиот работник! — се зачу ѕвонлив извик.

Извиците растеа, се множеа, се палеа онде и овде, од сите страни трчаа луѓе, се тискаа околу Сизов и мајката. Во воздухот затрепери свирењето на полицијата, но нивното чуруликање не ги заглуши извиците. Старецот се смееше, а на мајката сето тоа и се чинеше како пријатен сон. Таа се насмевнуваше, се ракуваше, се поклонуваше и добри, светли солзи и го стегаа грлото, нозете и трепереа од капнатост, но срцето преполно со радост примаше се и впечатоците во него отсјајуваа како на светла езерска површина. А близу до неа нечиј јасен глас нервозно велеше:

—  Другари! Чудовиштето коешто го голта рускиот парод денеска повторно голтна со својата бездна лакома челуст...

—  Подобро би било, мајко, да одиме! — рече Сизов.

Во исто време однекаде дојде Саша, ја зеде мајката под рака и брзо ја одзлече на другата страна од улицата велејќи:

—  Ајде — можеби ќе тепаат. Или ќе апсат. Прогонетво? Во Сибир?

—  Да, да!

—  А како зборуваше? Јас, впрочем, знам. Беше од сите посилен и попрост — од сите посуров, се разбира. Тој е чувствителен, нежен, но му е срам да се покаже таков.

Нејзиниот огнен полушепот, зборовите на нејзината љубов, ја смируваа мајчината возбуда, и ја поткреваа премалената снага.

—  Кога ќе одите кај него? — тивко и милозливо ја праша таа Саша, привлекувајќи и ја раката кон своето гело. Гледајќи со самоувереност напред, девојката одговори:

—  Веднаш штом најдам некого којшто ќе ја преземе мојата работа. Јас исто така очекувам осуда. Веројатно и мене во Сибир ќе ме пратат. — Јас тогаш ќе изјавам дека сакам да ме протераат во она место каде што ќе биде тој.

Зад нив се слушаше гласот на Сизов:

—  Поздравете го тогаш од моја страна! Сизов, речете. Тој знае. Стрико му на Фјодор Мазин...

Саша застана, се сврте, ја подаде раката.

—  Јас се познавам со Феѓа. Се викам Александра.

—  А по татко?

Таа го погледна и одговори:

—  Немам татко.

—  Умрел, значи.

—  Не, жив е! — возбудено одговори девојката и во нејзиниот глас зазвучи нешто упорно, непоколебливо, тоа се појави на нејзиното лице. — Тој е спаија, сега е — окружен началник, тој ги поткрадува селаните...

—  Та-ка! — придушено се одзва Сизов и откако помолче, одејќи крај девојката и погледнувајќи ја отстрана, рече:

—  Е, мајко, збогум! Јас морам в лево. Довидување, госпоѓице — строги сте кон татко ви. Најпосле, ваша работа е...

—  А вашиот син да е — ѓубре, штетен за луѓето, да се гадите — дали би го рекле тоа? — страсно викна Саша.

—  Па — би рекол! — одговори старецот малку подоцна.

—  Значи, правичноста — ви е помила од синот, а мене — ми е помила од таткото...

Сизов се насмевна, одмавна со главата, потоа воздивнувајќи рече:

—  Де, де! Вешто го рековте тоа! Ако издржите долго — ќе ги победите старците — многу се заложувате!... Збогум, ви пожелувам секакво добро! И кон луѓето — бидете поблаги, а! Збогум, Ниловна. Ако го видиш Павела, речи му дека го слушнав неговиот говор. Не е сè разбирливо — по нешто и страшно е, но — речи — точно!

Тој ја поткрена капата и бодро одмина зад аголот на улицата.

—  Сигурно е добар човек! забележа Саша, следејќи го со насмевнатиот поглед на своите големи очи.

На мајката и’ се пристори дека лицето на девојката е помеко и подобро одошто инаку.

Дома седнаа на диванот, цврсто стегнати една до друга, и мајката, починувајќи во тишината, повторно зазборува за патувањето на Саша кај Павела. Кревајќи ги густите веѓи замислено, девојката гледаше во далечината со големите, мечтателни очи, на нејзиното бледо лице се разлеваше душевен мир.

—  Потоа, кога ќе ви се родат деца — ќе ви дојдам, ќе ви ги гледам. И таму ќе живееме не полошо одошто овде. Паша ќе најде работа, нему златни му се рацете...

Погледнувајќи ја мајката со прашален поглед, Саша праша:

—  А зарем вие не сакате веднаш да одите по него?

Воздивнувајќи, мајката рече:

—  Зошто сум ви јас? Само да му пречам, во случај да бега. А тој и не ќе се согласи ...

Саша потврди со глава.

—  Не ќе се сложи.

—  Па — и на работа сум! — додаде мајката со малку гордост.

—  Да! — замислено се одзва Саша. — Тоа е добро ...

И одеднаш, затреперувајќи, како да отфрлува нешто од себе, проговори просто и потивко:

—  Тој нема да остане да живее таму. Тој — ќе побегне, се разбира ...

—  А вие? ... И деца ако дојдат? ...

—  Ќе видам таму. Тој не мора да се обѕира на мене, ниту пак јас ќе му пречам. Ќе ми биде тешко да се разделам од него, но, се разбира, некако ќе се снајдам. Нема да му пречам, не.

Мајката почувствува дека Саша е во состојба да стори така како што зборува и и’ стана жал за девојката. Прегрнувајќи ја, рече:

—  Мила моја, тешко ќе ви биде!

Саша меко се насмевна приближувајќи се до неа со целото тело.

Пристигна Николај капнат и, соблекувајќи се, почна брзо да зборува:

—  Е, Сашенка, чистете се, додека сте цели! Мене од утринава ме следат два шпиона, и тоа толку отворено, што работата мириса на затвор. Имам — претчувство. Некаде нешто се случило. Туку, кај мене е говорот на Павела, решено е да се напечати. Носете го кај Људмила, молете ја да работи што побрзо. Павел сјајно зборуваше, Ниловна!.. . Чувајте се од шпионите, Саша...

Зборувајќи, тој силно ги триеше изѕемнатите раце и, приближувајќи се кон масата, почна брзо да ги отвора фиоките, да вади од нив хартии, едни ги кинеше, други редеше настрана, загрижен и разбушавен.

—  Неодамна сè исчистив, а веќе пак ете сè и сешто се насобрало — по ѓаволите! Гледате ли, Ниловна, и за вас, ви се молам, би било подобро да не ноќевате дома. А? Прилично е здодевно да се присуствува на таа музика, а може и вас да ве затворат. — Вие, меѓутоа, ќе треба да одите таму и ваму со говорот на Павела ...

—  Та, што ќе сум им јас? — рече мајката.

Николај, одмавнувајќи со дланката пред очите, убедено рече:

—  Имам јас нос. Покрај тоа, вие би можеле да и помогнете на Људмила, а? Одете подалеку од гревот.. .

Можноста да земе учество во печатењето на говорот на синот, и беше пријатна, та одговори:

—  Ако е така — одам.

И неочекувано и за самата себе, со увереност, но не и премногу гласно, рече:

—  Сега од ништо не се плашам — сполај ти тебе. Христе!

—  Прекрасно! — извика Николај, не гледајќи ја.

—  Еве што — кажете ми кај ми е куферот и кај ми се алиштата, сето тоа сте го заграбиле во своите грабливи раце, и јас сум наполно лишен од можноста слободно да располагам со личната сопственост.

Саша молчешкум во печката ги палеше парчињата хартија, и кога ќе изгореа, остатоците внимателно ги мешаше со пепелта.

—  Саша, одете! — рече Николај подавајќи и ја раката. — До видување! Спомнете си за мене, испраќајте ми по некоја книга, ако се појави што било занимлива. Па, до видување, драги другаре! Бидете повнимателни...

—  Сметате ли за подолг рок? — праша Саша.

—  А ѓавол да ги знае! Веројатно — за нешто ме имаат на рабушот. Ниловна, одете заедно, а? Двајца потешко се следат — така ли е?

—  Одам! — одговори мајката. — Сега ќе се облечам...

Внимателно го посматраше Николаја, но освен загриженоста што го покриваше обичниот добар и мек израз на лицето, не забележуваше ништо. Ни премногу немирни движења, ни макар каков знак на возбуда не гледаше на тој човек кој и беше помил од другите. Кон сите еднакво внимателен, со сите љубезен и одмерен, секогаш спокојно осамен, за сите остана ист како и порано, живеејќи со таен живот во себе и некаде пред луѓето. Но таа знаеше дека нејзе и се приближил повеќе одошто макар кому и го сакаше со претпазлива љубов, којашто како да не верува во самата себе. Сега за него и беше неподносливо жално, но го воздржуваше своето чувство, знаејќи дека, ако го покаже, Николај ќе се збуни, ќе се засрами, ќе стане, како секогаш, малку смешен — а таа не сакаше да го гледа таков.

Повторно влезе во собата, тој стегајќи и ја раката на Саша, велеше:

—  Прекрасно! — Тоа, е уверен сум, многу добро за него и за вас. Малку лична среќа — не е на одмет. Готови ли сте, Ниловна?

И’ се приближи со насмевка местејќи ги очилата.

—  Па, до видување, мислам — на три, четири месеци, половина година, најпосле! Половина година — тоа е премногу живот . .. Чувајте се, ви се молам, а? Дајте, да се прегрнеме...

Мршав и танок, и’ го преграби вратот со своите силни раце, и’ се загледа в очи и се расмеа велејќи:

—  Јас како да сум се заљубил во вас — само се прегрнувам!

Таа молчеше, љубејќи го в чело и по образите, а рацете и трепереа. За да не го забележи тој, таа ги рашири.

—  Внимавајте, утре — повнимателно! Еве што ќе правите — изутрина пратете го детето — таму кај Људмила има едно момче — нека погледа. Е, до видување, другари! Се е во ред!...

На улица Саша тивко и’ рече на мајката:

—  Ете, исто така просто ќе отиде и во смрт, ако треба, а исто така, веројатно, малку ќе побрза. А кога смртта ќе му поглецне в лице, ќе ги поднамести очилата, ќе рече: прекрасно! — и ќе умре.

—  Јас го сакам! — прошепоти мајката.

—  Јас му се восхитувам — а да го сакам не! Го почитувам — многу. Некако е сув, макар што е и добар и скоро нежен понекогаш, но сето тоа е — недоволно човечки... Ми се чини дека не следат? Ајде да се разминеме. И не влегувајте кај Људмила ако ви се пристори дека има шпиони.

—  Знам! — рече мајката. Но Саша упорно додаде:

—  Не влегувајте! Тогаш — кај мене. Дотогаш, збогум!

Брзо се сврте и отиде во спротивен правец.