Деновите се нижеа еден по друг, како зрна на броеници и сочинуваа недели, месеци. Кај Павела другарите доаѓаа секоја сабота; секое собирање беше стапало на долгата, стрмна скала која води некаде во далечината, полека издигајќи ги луѓето.
Се појавуваа нови луѓе. Малото одајче на Власови стана тесно и задушливо. Наташа доаѓаше настината, капната, но секогаш неисцрпна, весела и жива. Мајката и сплете чорапи и сама и ги обу на малите нозе. Наташа во почетокот се смееше, а потоа одеднаш замолче, се замисли и тивко рече:
— Имав дадијарка — исто толку чудно добра! Колку е тоа необично, Пелагија Ниловна, — работниот народ живее со толку тежок, толку ужасен живот, а има повеќе срце, повеќе добрина одошто тие.
И одмавна со раката покажувајќи со неа негде далеку, премногу далеку од себе.
— Ете, какви сте вие! — рече Власова. — Сте се лишиле од родителите и од сè — не умееше да ја доврши својата мисла, таа воздивна и замолче, гледајќи ја Наташа в лице, чувствувајќи кон неа некаква благодарност. Таа седеше на душемето пред неа, а девојката со наведната глава замислено се смешкаше.
— Сум се лишила од родителите? — повтори таа. — Тоа не е ништо! Мојот татко е толку груб, брат ми исто така. И — пијаница. Постарата сестра, несреќна ... Се омажи за човек многу постар од себе... Многу богат, здодевен и лаком. Но за мајка ми ми е жал. Таа е добродушна, како и вие. Толку е мала, како глушец, — исто така брзо трча и од секого се плаши. Така — понекогаш ми се присакува да ја видам...
— Сирото мое! — нишајќи со главата тажно рече мајката.
Девојката брзо ја крена главата и ја протегна раката како да сакаше нешто да отфрли.
— О, не! Понекогаш чувствувам таква радост, таква среќа!
Лицето и’ пребледна, а сините очи остро и’ светнаа. И откако ги стави рацете на мајката на своите рамена, со длабок глас тивко и занесено рече:
— Кога би знаеле ... Кога би сфатиле колку големо дело правиме!...
Нешто слично на завист ѝ го гибна срцето на Власова. Станувајќи од душемето, таа тажно проговори:
— Стара сум јас за тоа — неписмена ...
Павел зборуваше сè почесто и повеќе, сè поогнено расправаше и — мршавеше. На мајката и’ се чинеше дека неговите строги очи светкаат помеко, гласот му ѕвони понежно, и тој целиот стануваше поедноставен секогаш кога зборуваше со Наташа или кога ја гледаше.
— Дај боже! — мислеше таа и се смешкаше.
Секогаш кога се собираа, штом препирањето ќе почнеше да зема огнен и бурен карактер, стануваше Хохолот и клатејќи се натаму-наваму, како клепало од камбана, зборуваше со својот ѕвонлив, силен глас нешто просто и убаво, од што сите се смируваа и стануваа сериозни. Вјесовшчиков, намрштен, постојано ги поттикнуваше сите другите кон нешто — тој и црвенокосиот кого што го викаа Самојлов, први ги почнуваа сите препирки. Со нив се сложуваше тркалезниот и русикав, како со пепелница попарен Иван Букин. Јаков Сомов, дотеран и чист, зборуваше малку, со тих, сериозен глас, тој и Феѓа Мазин, кој имаше големо чело, секогаш во дискусијата стоеја на страната на Павела и Хохолот.
Понекогаш од градот наместо Наташа доаѓаше Николај Иванович, човек со очила, со мала брадичка со отворена боја, родум од некоја далечна губернија. Тој зборуваше со особено — о-наречје. Воопшто целиот беше некако далечен. Зборуваше за прости работи — за фамилијарниот живот, за децата, за трговијата, за полицијата, за цените на лебот и на месото, за се од што луѓето живеат од ден на ден. И во се откриваше измама, заблуда, нешто глупаво, понекогаш смешно, секогаш — очигледно штетно за луѓето. На мајката и се чинеше дека дошол некаде од далеку, од друго царство, каде што сите живеат чесен и лесен живот, а тука се му е туѓо, не може да навикне на овој живот, да го поднесе како неопходност, тој не му се допаѓа, му предизвикува цврста, упорна желба да го нареди по своја волја. Во лицето беше жолтеникав, околу очите имаше танки, сјајни жубри, гласот му беше тих, а рацете секогаш топли. Поздравувајки се со Власова, со силните прсти и ја опфаќаше целата рака и по таквото здравување во душата стануваше полесно, помирно. Доаѓаа и други луѓе од градот, а почесто од другите — висока, кршна госпоѓица со огромни очи на мршавото, бледо лице. Се викаше Сашенка. Во нејзиното одење и движење имаше нешто машко, често ги набираше густите, црни веѓи налутено, и кога зборуваше, и трепереа танките нослинки на нејзиниот прав нос.
Сашенка прва силно и остро рече:
— Ние сме социјалисти ...
Кога мајката го чу тој збор, со смртен страв погледна во нејзиното лице. Имаше чуено дека социјалистите го отепале царот. Тоа беше во деновите на нејзината младост; тогаш се раскажуваше дека спаиите, сакајќи да му се одмаздат на царот што ги ослободил селаните, се здоговориле да не си ги истрижат косите сè додека не го отепаат, затоа и ги нарекле социјалисти. И сега не можеше да разбере — зошто се социјалисти нејзиниот син и неговите другари?
Кога се разотидоа сите, таа го праша Павела:
— Павлуша, зарем и ти си социјалист?
— Да! — рече тој стоејки пред неа, право и цврсто како секогаш. — А што ако?
Мајката тешко воздивна и, наведнувајќи ги очите, праша:
— Зарем така, Павлуша? А тие се — против царот, — тие еден и отепаа.
Павел прошета низ одајата, се почеша со раката по образот и насмевнувајќи се рече:
— Тоа нам не ни е потребно!
Долго зборуваше нешто со тих, сериозен глас: Таа го гледаше право в лице и мислеше:
— Нема тој да стори ништо лошо — не може!
Потоа тој страшен збор почна сè почесто да се повторува, острината му се изаби, и за нејзиното уво стана исто така обичен како и десетици други зборови што не ги разбираше. Но Сашенка не и’ се допаѓаше, и кога и да се појавеше таа, мајката се чувствуваше немирно, неудобно ...
Еднаш, со незадоволно стегната уста, му рече на Хохолот:
— Некако Сашенка е премногу строга! Се наредува — вие треба тоа, вие треба и ова ...
Хохолот слатко се насмеа:
— Точна забелешка! Вие, мајче, одлично сте забележале! А, Павел?
И намигнувајќи и’ на мајката, со насмев во очите рече:
— Благородство!
Павел сурово забележа:
— Таа е добар човек.
— Тоа е точно! — потврди Хохслот. — Само не разбира дека таа — мора, а ние — сакаме и можеме!
Почнаа да се препираат за нешто за неа нејасно.
Мајката исто така забележа дека Сашенка најстрого се однесува спрема Павела, понекогаш дури и му подвикнува. Павел се потсмевнуваше, молчеше и гледаше право во лицето на девојката со оној мек поглед со каков што порано гледаше во лицето на Наташа. Тоа исто така на мајката не и се допаѓаше.
Понекогаш мајката необично ја изненадуваше за неа несфатливата бурна радост којашто одеднаш ги опфаќаше сите. Обично тоа бидуваше во оние вечери кога во весниците читаа за работниот народ од другите земји. Тогаш на сите очите им светкаа од радост, сите се чувствуваа необично, некако детски среќни, се смееја со весела, јасна смеа, пријателски се тупкаа еден со друг по рамењата.
— Браво другари Германци! — ќе извикнеше некој сосем опијанет од својата веселост.
— Да живеат работниците од Италија! — извикуваа другпат.
И праќајќи ги тие извици некаде далеку, на другарите што не ги познаваат и на кои јазикот не би им го разбрале, како да беа уверени дека тие непознати луѓе го слушаат и го разбираат нивното восхитување.
Хохолот зборуваше, очите му светкаа, и целиот беше опфатен од чувство на љубов кон сите:
— Добро би било да им пишеме, а? Нека знаат дека во далечна Русија живеат нивни другари кои веруваат и исповедаат иста религија како и тие: живеат луѓе со исти цели, кои се радуваат со нивните победи!
И сите занесено, со радосна насмевка на лицето долго зборуваа за Французите, Англичаните и Швеѓаните како за свои пријатели, луѓе блиски на срцето кои ги уважуваат, со чија радост живеат и чија тага ја делат.
Во тесната одаја се раѓаше чувството на духовно сродство помеѓу сите работници на земјата. Тоа чувство ги слеваше сите во една душа, тоа ја возбудуваше и мајката — макар што сето тоа и беше необјасниво, и ја занесуваше со својата сила, радосна и млада, опијанувачка, полна со надеж.
— Какви сте, — еднаш му рече на Хохолот. — Сите ви се другари — и Ерменците и Евреите, и Австралијанците, — за сите вие и тагувате и се радувате!
— За сите, мајче мое, за сите! — извикна Хохолот. — За нас нема нации, нема племиња, има само другари и само непријатели. Сите работници се наши другари, сите богаташи, сите влади, — наши непријатели. Кога ширум земјата ќе погледнеш со очите, кога ќе видиш колку ние работниците сме многу, колку сме силни — толкава радост го опфаќа срцето, толку голема свеченост пее во градите! И истото, мајче, кога ќе погледнат на животот го чувствуваат Французот и Германецот, исто толку се радува и Италијанецот. Сите ние сме — деца на една мајка, на непобедната мисла за братството на работниот народ од сите земји на светот. Таа не грее, таа е второ сонце на небото на правдата, а тоа небо е — во срцето работничко; макар кој да бил тој, макар како да се викал, социјалистот е наш брат по дух, секогаш, ниње и присно и во вјеки вјеков!
Таа детска, но силна вера се почесто никнуваше меѓу нив, се повеќе растеше и се креваше со сета своја моќна сила. И кога мајката ќе ја видеше, таа без да сака чувствуваше дека навистина во светот се појавило нешто големо и сјајно, слично на сонцето што го гледа на небото.
Често пееја песни. Простите, на сите познати песни ги пееја гласно и весело, но понекогаш ќе запееја и нови, некако особено привлечни, но невесели и необични по рефрените. Ги пееја полугласно, сериозно, како в црква. Лицата на пејачите бледнеаја и пламнуваа, во звучните зборови се чувствуваше голема сила.
Особено една од новите песни ја трогнуваше и ја возбудуваше жената. Во неа немаше тажно размислување на навредената душа која осамено блуди по мрачните патишта на болните сомненија, по маките на душата, убиена од немаштија, заплашена со страв, безлична и безбојна. Таа не звучеше со жалните воздишки на силата која нејасно жедува за простор, со предизвикувачки извици на пркосна храброст, еднакво готова да ги уништува и злото и доброто. Во неа немаше слепо чувство на одмазда и навреда, кое е во состојба да сруши се и бессилна макар што да создаде, — и во таа песна не можеше да се чуе ништо од стариот, ропски свет.
Отсечните зборови и суровиот рефрен не и’ се допаднаа на мајката, но зад зборовите и рефренот имаше нешто големо, тоа со својата сила го заглушуваше звукот и зборовите и во срцето разбудуваше претчувство на нешто што не може да се опфати со мислата. Тоа нешто таа го гледаше на лицата, во очите на младичите, го насетуваше во нивните гради и, подавјќи и се на силата на песната која целата не можеше да се собере во зборовите и звуците, секогаш ја слушаше со особено внимание, со подлабок немир одошто сите други песни.
Таа песна ја пееја потивко одошто другите, но таа ѕвонеше посилно од сите и ги занесуваше луѓето, како воздух во мартовски ден — на првиот ден од пролетта што настапува.
— Време е оваа и на улица ја запееме! — мрачно рече Вјесовшчиков.
Кога татко му пак нешто украде и беше затворен. Николај мирно им рече на другарите:
— Сега можеме да се собираме кај мене...
Речиси секоја вечер по работата кај Павела седеше некој од другарите — нешто читаа, препишуваа нешто од книгите загрижени, не успевајќи ни да се измијат. Вечераа и пиеја чај со книгите в раце, а нивните зборови за мајката стануваа се понесфатливи.
— Треба да имаме свој весник! — често велеше Павел.
Животот стана забрзан и трескав, луѓето се побрзо преминуваа од книга на книга како пчела од цвет на цвет.
— Се зборува за нас! — рече еднаш Вјесовшчиков. — Сигурно наскоро ќе нè откријат...
— Потполошката за тоа е, да падне в замка! — се одзва Хохолот.
Тој сè повеќе и’ се допаѓаше на мајката. Кога ќе и речеше „мајче“, тој збор како да ја галеше по образот со мека, детска рака. Во неделите, кога Павел немаше кога, тој ќе нацепеше дрва; еднаш дојде со штица на плеќи и, откако ја зеде секирата, брзо и подвижно го смени дотраениот басамак на влезот, другпат, исто така, незабележано ја поправи накривената ограда. Работеше свирејќи и свиркањето му беше убаво и тажно.
Еднаш мајката му рече на синот:
— Како би било да го земеме Хохолот кај нас да живее? На двајцата ќе ви биде подобро; не ќе ви биде потребно да трчкате од едниот до другиот.
— Зошто да се стеснувате? — праша Павел, кревајќи ги рамената
— Друго што ќе речеш! Цел живот сум се притеснувала не знаејќи зошто, — за добар човек може!
— Чинете како сакате! — одговори синот. — Ако сака да премине — јас ќе се радувам.
И Хохолот се пресели кај нив.