II

Така живееше и браварот Михаил Власов, влакнест, зловолен, со мали очи, коишто од под густите веѓи на секого гледаа недоверливо и со потсмешлива насмевка. Беше најдобар бравар во фабриката и најсилниот човек во предградието, кон началството се однесуваше грубо и затоа малку заработуваше, на секој празник некого претепуваше, и затоа никој не го сакаше, секој од него сс плашеше. Неколку пати се обидуваа и него да го натепаат, но без успех. Кога Власов ќе видеше дека му доаѓаат, ќе грабнеше в раце камен, штица, парче железо и, расчекорувајќи се широко, молчешкум ги очекуваше непријателите. Неговото лице, зараснато во црна брада од очите до вратот и влакнестите раце, кај секого предизвикуваа страв. Особено се плашеа од неговите очи, мали, остри, навлегуваа во луѓето како челични сврдли, и секој кој ќе се сретнеше со неговиот поглед, чувствуваше дека пред себе има ѕвер, дива сила, на која стравот и е недостапен, готова да тепа безмилосно.

—  Де мавнете ми се од очите, никаквеци! — подмолно велеше тој. Низ густите влакна на неговото лице светкаа крупните, жолти заби. Луѓето се разбегуваа, одговарајќи му со плашлива и подмолна пцост.

—  Никаквеци! — кусо дофрлуваше по нив, а очите му блескаа со како шило остра потсмевка. Потоа, држејќи ја главата исправено и предизвикувачки, одеше в чекор по нив и постојано извикуваше:

—  Де, — кој сака да умре?

Никој не сакаше.

Зборуваше малку, и зборот „никаквец“ беше негов сакан збор. Со него го именуваше началството во фабриката и полицијата, со него и се обраќаше на жената.

—  Ти, никаквице, не гледаш ли — ми се скинале панталоните!

Кога Павел, неговиот син, имаше четиринаесет години, на Власов му се присака да го фати за коса. Но Павел го грабна тешкиот чекан и кусо му рече:

—  Не гибај ме ...

—  Што? — праша таткото движејќи се кон високата и танка како сенка на бреза фигура на својот син.

—  Доста е! — рече Павел. — Не се давам веќе...

И замавна со чеканот.

Татко му го погледна, ги прекрсти своите влакнести раце на грбот, и, насмевнувајќи се, проговори:

—  Добро...

Потоа, тешко воздивна и додаде:

—  Ех, ти, никаквец ...

Малку потоа на жена си и рече:

—  Веќе од мене пари не барај ... Пашка ќе те храни...

—  А ти сè ќе пиеш? — се осмели да го праша таа.

—  Тоа не е твоја работа, никаквице! Јас љубовница ќе си најдам ...

Љубовница не најде, но од тоа време цели две години, сè до својата смрт, не се обѕираше на синот и не зборуваше со него.

Тој имаше куче, исто толку големо и влакнесто како и тој, самиот. Тоа куче секој ден го придружуваше до фабриката и секоја вечер го очекуваше пред фабричката врата. Во празнични денови Власов одеше по крчмите. Одеше молчејќи и, како да бараше макар кого, со очите испитувачки гледаше во лицата на луѓето. И кучето цел ден одеше по него со големата отпуштена и долга опашка. Кога ќе се вратеше дома пијан, седнуваше да вечера и го хранеше кучето од својата чинија. Не го тепаше, и не викаше на него, но никогаш не го ни милуваше.) По вечера ќе ги расфрлаше садовите од масата на подот, ако се случеше жената да не успее на време да ги крене, ставаше пред себе шише вотка и, потпирајќи се со грбот на ѕидот, со потемнат глас, кој разбудуваше тага, ќе запееше, широко отворајќи ја устата и затворајќи ги очите. Невеселите, грди звуци се мрсеа низ неговите мустаќи тресејќи ги од нив трошките леб; браварот ги дотеруваше брадата и мустаќите со дебелите прсти и — пееше. Зборовите од песната беа неразбирливи, растегнати, мелодијата беше слична на зимно волчешко завивање. Пееше се додека во шишето имаше вотка, а потоа легнуваше на клупата или ја пушташе главата на масата, и така спиеше до сирената. Кучето лежеше крај него.

Тој умре од кила. Пет дена, целиот поцрнет, со цврсто затворени очи се превртуваше во постелата и чкрташе со забите. Понекогаш на жената ќе и речеше:

—  Дај арсеник, труј ...

Докторот велеше на Михаил да му се стават облози, но и додаде дека е неопходно потребна операција и дека болниот треба веднаш да се пренесе в болница.

—  Оди по ѓаволите. — Јас и сам можам да умрам! Никаквец — простенка Михаил.

А кога докторот си отиде и кога жената со солзи почна да го наговорува Михаила да се согласи за операција, ја стегна тупаницата и, заплашувајќи ја, извика:

—  Ако оздравам — тебе ќе ти биде полошо!

Умре утрината, токму во оној момент кога сирената повикуваше за работа. Во мртовечкиот сандак лежеше со отворена уста, а веѓите му беа налутено намуртени. На погребот дојдоа жената, синот, кучето, стариот пијаница Данило Вјесовшчиков, кој од фабриката беше отпуштен како крадец, и неколку просјаци од предградието. Жената плачеше тивко и малку, а Павел — не плачеше. Луѓето од предградието, среќавајќи го на улица ковчегот, застануваа и крстејќи се си велеа еден на друг:

—  Изгледа, Пелагија сега е радосна — прерадосна, затоа што умре ...

Некои додаваа:

—  Не умре, туку — пцовиса ...

Кога го запретаа гробот, — луѓето си отидоа, а кучето остана, и седејќи на свежата земја, долго молчешкум го душкаше и го мирисаше гробот. По неколку дена некој го отепал...