Милован Ѓилас (Подбиште, Црна Гора, 4 јуни 1911 – Белград, 20 април 1995) е поранешен комунистички раководител на СФР Југославија и најпознат дисидент од поранешна Југославија.
Во КПЈ се зачленува во 1933 година. Набрзо настанува голема провала при што се уапсени голем број комунисти, вклучително и Ѓилас. Осуден е на пет година робија и е затворен во затворот во Сремска Митровица. Поради здравствени причини, во 1936 година е помилуван и пуштен на слобода.
Ѓилас брзо се стекнува со углед кај раководството на КПЈ што доведе до тоа на почетокот на 1940 да биде примен во Политбирото на Партијата.
По окупацијата на Југославија од страна на Силите на Оската Ѓилас како член на Политбирото по автоматизам е избран во Врховниот штаб. Испратен е во Црна Гора за таму да раководи со борбата. При раководењето со борбата, Ѓилас зазема секташки позиции, поради кои на почетокот од 1942 е партиски казнет, иако не и исклучен од КПЈ.
По ослободувањето на земјата, Ѓилас се профилира како еден од водечките раководители на КПЈ и на Југославија, препознатлив по своите догматски сфаќања и пристап кон прашањата.
Сепак, по Резолуцијата на Информбирото и откако КПЈ се реши да раскине со своето сталинистичко минато, Ѓилас станува еден од најголемите поборници на новиот курс. Заедно со Борис Кидрич го „пронаоѓа“ самоуправувањето кај Маркс и пополека почнува да еволуира од еден од најригидните водачи на југословенската комунистичка партија во најслободноумниот член на тогашното раководство на КПЈ. Од тоа време потекнуваат неговите брошури „Ленин за односите помеѓу социјалистичките држави“ и „Современи теми“, во кои врши остра критика на сталинизмот, врз основа на тезата дека сталинизмот дегенерирал од ленинизмот.
Понесен од критиката на сталинизмот и од позитивните ефекти што критиката на СССР ја имаше врз состојбата со слободата на мислата во Југославија, Ѓилас во 1953 година преминува од критика на советскиот комунизам на критика на југословенскиот комунизам. Од октомври 1953 година до јануари 1954 година, тој пишува серија колумни во „Борба“ во кои се залага за либерализација на партијата и државата и за воведување на повеќепартиски систем, а во својот сатиричен расказ „Анатомија на еден морал“, објавен во истиот период, ја критикува дволичноста што владеела во редовите на комунистичкото раководство во земјата. Тито и останатото раководство на Партијата негативно реагира на неговите написи. На Третиот пленум на СКЈ одржан на 16 и 17 јануари 1954 година, Ѓилас е повикан да се откаже од своите ставови. Тој одбива така да постапи, поради што е обвинет за „анархолиберализам“ и е отстранет од власта.
Во 1955 во САД е објавена неговата книга „Нова класа“ во која тврди дека во Југославија и во останатите комунистички земји се кристализира нова владејачка класа. Поради ставовите изнесени во оваа книга Ѓилас е осуден на три години затвор и е затворен во Сремска Митровица. Пуштен е на слобода во 1958, но не се откажа од своите ставови, главно застапувајќи демократско-социјалистички позиции. Во 1966 му е дозволено да емигрира од Југославија. Се враќа во Југославија по падот на комунистичкиот систем.
„Современи теми“ (1950)
„Нова класа“ (1955)
„Разговори со Сталин“ (1962)
„Несовршено општество“ (1969)
„Дружење со Тито“ (1981)
„Падот на новата класа“ (1998)