Нил Фолкнер

Како војната и климатските промени се напојуваат
од истиот мотор што ја уништува планетата

(12 ноември 2015)


Извор: Neil Faulkner "How War and Climate Change Are Wired To the Same Engine Destroying the Planet", Stop the War Coalition, 12 November 2015.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2023


Глобалната криза се влошува. Климатските промени, сиромаштијата и војната го распарчуваат нашиот свет. Ова не се засебни прашања; тие не се „поединечни прашања“. Тие се поврзани. Тие се дел од системот на спротивставени држави и корпорации. Двигателот на системот е натпреварот за профит.

Јаглеродната машина

Кризата може да се замисли како збир од машини од кои секоја се напојува од истиот мотор. Јаглеродната машина пумпа загадување во атмосферата и брзо ја загрева планетата.

Климатските промени не се некоја идна закана: тие веќе се случуваат. Во 1998 година поплавите привремено зафатија 65% од Бангладеш, уништувајќи села, фарми и инфраструктура. До 2004 година половина од островот Бола, дом на 1,6 милиони луѓе, беше трајно поплавен. Во 2011 година најлошите шумски пожари во историјата на Австралија го опустошија континентот.

Само во 2008 година беа раселени околу 20 милиони луѓе поради ефектите од климатските промени, а 150.000 луѓе годишно сега умираат од нивните последици, бидејќи болестите се шират побрзо на повисоки температури.

Профитната машина

Светот сега е повеќе класно поделен од кога било порано во историјата. 80-те најбогати луѓе на Земјата – што можат да се сместат во двокатен автобус – сега имаат богатство исто колку посиромашната половина од човештвото (3,5 милијарди луѓе).

Најбогатиот 1% поседува половина од целото глобално богатство, додека посиромашните 80% поседуваат само 5,5%. Овие нивоа на нееднаквост се без преседан.

Брзорастечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните е поттикнат од профитната машина. Моќта на корпорациите, приватизацијата и затегањето на ременот ги раздробуваат општествата за да се збогати едно мало малцинство. Сè, од домувањето преку здравството до урбаниот простор се комодифицира – се претвора во нови извори на профит.

Демократијата е испразнета од страна на технократските режими што им служат на богатите, банките и корпорациите. Општеството е испразнето од сиромаштијата, долговите и стравот.

Воената машина

Нашите владетели секоја година трошат по 1,7 трилиони долари на вооружување. Армиите стануваат сè повеќе високо-технолошки, сè повеќе убиствени и разорни.

Денешните војни – сите потхранувани од истите глобални конгломерати за оружје – се од два вида. Некои се империјалистички војни што ги водат големите сили за контрола на ресурсите, особено нафтата и гасот. Другите се секташки војни што ги водат десничарските вооружени групи кои го пополнуваат вакуумот кога општествата се растргнати од сиромаштија и насилство.

И двата вида на војни имаат корен во истиот систем: воената машина – како и јаглеродната машина и профитната машина – е цврсто поврзана со моторот на акумулација на капиталот.

Компетитивен систем што сам се шири

Капитализмот е систем на самопроширување. Никоја банка или корпорација не инвестира без да очекува да оствари профит. Инвестирањето капитал секогаш има цел правење пари: да се добие повеќе одошто се вложува. Затоа станува збор за неконтролиран, неограничен, бесконечен раст.

Не постои такво нешто како капитализам на „стационарна состојба“. Затоа и идејата за „зелен капитализам“ е илузија.

Економијата на фосилни горива – корпорации за нафта и гас, рударски компании, производители на автомобили – претставува втора најголема концентрација на капитал во светот (најголемата се банките). Под ризик се инвестиции на капитал вредни трилиони долари. Сето тоа е врзано за растот.

Она што го движи моторот на растот е конкуренцијата. Светот е поделен на конкурентски банки, корпорации, национални држави и војски. Борбата меѓу нив е борба за енергија, минерали, пазари и договори. Затоа е и борба за власт.

Конкуренцијата го движи моторот на растот. А тој мотор ги напојува машините за јаглерод, профит и војна. Ние живееме во споен свет: еден систем, една криза.

Едно големо движење

Системот не може да си дозволи ниту социјална правда ниту климатска правда без да го загрози сопственото постоење. Профитерите и воените хушкачи што го раководат системот нема да дозволат промени што ги загрозуваат нивното богатство и моќ.

Времето сега истече. Катастрофални климатски промени се неизбежни. Владетелите на светот повторно се вооружуваат за да водат нови војни. И тие и нивниот систем ја втурнуваат масата на човештвото сè подлабоко во сиромаштија.

Треба да изградиме обединето масовно движење против војната, сиромаштијата и глобалното затоплување; движење за целосна промена на системот; едно големо движење што се бори за еднаквост, демократија и одржливост.

 


Капитализмот, природата и климатската правда | марксистичка интернет архива