Изговорено: 18 септември 1918
Извор: Антропол
Превод: Јован Крајевски (корекции: Здравко Савески)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2017
Чесен суде, пред многу години го согледав моето сродство со сите живи суштества и дојдов до сознанието дека не сум ни малку подобар од најзлобното на земјава. Велев тогаш, а велам и сега, дека додека има пониска класа, јас сум во неа, и додека има криминален елемент, јас сум дел од него, додека има барем еден човек во затвор, јас не сум слободен.
Слушнав сѐ што беше кажано во оваа судница како поддршка и оправдување на ова обвинение, но не се предомислив. Јас сметам дека Законот за шпионажа е деспотски акт што е во флагрантен судир со демократските принципи и духот на слободните институции...
Чесен суде, јас веќе изјавив пред овој суд дека сум против општествениот систем во кој ние живееме; дека верувам во суштинска промена — но, доколку е можно, на смирен и уреден начин.
Стоејќи тука ова утро, се присетувам на своето детство. На 14 години, отидов да работам во една работилница за железнички пруги; на 16 години, потпалував мотор на товарен воз на железницата. Ги паметам сите маки и немаштијата на тие денови и од тогаш, па до денес, моето срце бие за работничката класа. Одамна можев да бидам дел од Конгресот. Но претпочитав да одам в затвор...
Размислувам ова утро за мажите во работилниците и фабриките, во рудниците и на железничките пруги. Размислувам за жените кои се принудени да работат за безначајна плата; за децата кои овој систем ги ограби од нивното детство и во нивните нежни години, ги зграпчи со безмилосната мамонска канџа и ги присили да ги хранат чудовишните машини, прегладнети и овенати, телесно и духовно. Ги гледам, мали и болни, со скршени и распрснати животи, бидејќи во ова пладне на христијанската цивилизација, парите сѐ уште се поважни од крвта и месото на децата. Навистина, златото денес е бог кој немилосрдно владее со човечките животи.
Во оваа земја — најблагословената под ова небо — има широки предели на најбогата и најплодна почва, материјални намирници во неисцрпно изобилие, чудесна производствена машинерија и милиони работници што се желни да го вложат својот труд за таа машинерија да произведува во изобилие за секој маж, жена и дете — и ако и покрај тоа има голем број луѓе што се жртви на сиромаштијата и чии животи се непрекината борба од младешки години до длабока старост, сѐ додека најпосле смртта не ги избави со бессоно спиење, тоа не е вина на Семоќниот: тоа не може да ѝ се препише на природата, туку во потполност се должи на надраснатиот општествен систем во кој живееме, кој треба да се укине, не само во интерес на потиснатите маси, туку и во повисокиот интерес на целото човештво...
Јас верувам, чесен суде, исто како што веруваат и сите социјалисти, дека оваа нација треба да ги поседува и контролира своите фабрики. Јас верувам, како што веруваат и сите социјалисти, дека сите нешта што се заеднички потребни и што заеднички се користат треба заеднички да се поседуваат — дека индустријата, основата на нашиот заеднички живот, наместо да биде приватна сопственост на неколкумина и да се управува за нивно збогатување, треба да биде заедничка сопственост на сите, демократски раководена во интерес на сите...
Јас сум против општествениот поредок во кој е можно некој што не прави апсолутно ништо корисно, да трупа богатство од стотици милиони долари, додека милиони мажи и жени, кои секојдневно работат, одвај да можат да обезбедат бедна егзистенција.
Овој поредок на работите не може вечно да опстојува. Јас го регистрирав мојот протест против него. Ја сфатив залудноста на мојот обид, но, за среќа, јас не сум сам. Има илјадници други кои, како мене, дојдоа до сознанието дека пред навистина да можеме да ги уживаме благодетите на цивилизираниот живот, ние мора да го преуредиме општеството врз заемна и кооперативна основа; и за оваа цел ние организиравме големо економско и политичко движење кое се шири по лицето на земјата.
Денес има над 60 милиони социјалисти, лојални, посветени приврзаници на каузата, без разлика на нацијата, расата, верата, бојата или полот. Сите ја создаваат заедничката кауза. Тие со неуморна енергија ја шират пропагандата на новиот општествен поредок. Тие чекаат, гледаат и работат со надеж во текот на сите часови на денот и ноќта. Тие сѐ уште се малцинство. Но, тие научија да бидат трпеливи и да го чекаат своето време. Тие чувствуваат, фактички тие знаат, дека навистина, овој пат, доаѓа времето, и покрај сиот отпор и сето прогонување, кога ова еманципаторско евангелие ќе се рашири низ сите луѓе и кога ова малцинство ќе стане победничкото мнозинство и, доаѓајќи на власт, ќе ја воспостави најголемата општествена и економска промена во историјата.
Тој ден ќе ја имаме сеопштаѕа заедница — хармоничната соработка помеѓу сите нации на земјата...
Чесен суде, не барам милост и не се повикувам на имунитет. Сфаќам дека правото најпосле мора да надвладее. Никогаш не сум ја разбирал толку јасно како сега големата борба помеѓу силите на алчноста и експлоатацијата, од една страна, а на другата растечкиот број на индустриска слобода и социјална правда.
Можам да ја видам зората на подобрите денови за човештвото. Луѓето се будат. За догледно време тие ќе го добијат и мора да го добијат своето.
Кога морнарот, пловејќи по тропските мориња, бара олеснување од своето заморно набљудување, ги врти своите очи кон Јужниот крст, кој впечатливо гори над разбрануваниот океан. Како што се приближува полноќта, Јужниот крст почнува да се свива, променливите светови си ги заменуваат местата и со ѕвездено посочување со прстот Семоќниот го обележува поминувањето на времето на бројчаникот на универзумот и, иако можеби ѕвончето нема да заѕвони за добрите вести, погледот знае дека полноќта поминува и дека олеснувањето и одморот се близу. Нека луѓето насекаде ги исполнат срцата со надеж, зашто крстот се свива, полноќта поминува и радоста ќе дојде со утрото.