Извор: The National Ripsaw, Vol. 12, No. 135, May 1915, p. 3
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2025
На секој што ја бара вистината му е јасно дека Исус од Назарет бил работнички агитатор и социјален бунтовник и дека тоа била вистинската причина за неговото распнување како престапник. Дрводелец по занает, тој, во време кога трудот бил вистинско ропство, го знаел значењето на угнетувањето, на сиромаштијата и на тагата, и нема сомнение дека неговото големо срце излегувало во пресрет со најдлабоко сочувство кон сопствената страдална класа и дека неговата повредена душа се побунила против системот на изнуда и грабеж на кој тие биле жртвите.
Тој не се дружел со богатите, освен за да ги прекорува и осудува. Страдалните сиромашни, несреќните, напуштените, во нивната сиромаштија и беда, не можеле да направат никакво претерување што тој не можел да го оправда.
Сите свои ученици Исус ги избрал од својата класа, од работната класа, од „пониската класа“ во која се родил и на која ѝ останал верен и посветен до денот на својата смрт.
Исус бил обвинет за богохулство и за „ширење лажна религија“. Тоа им било само побожен изговор на фарисеите да ги затрујат умовите на неуките и суеверните – против него. Тој бил опасен за менувачите на пари, изнудувачите, ограбувачите на сиромашните, и ги камшикуваше со огнени камшици, и токму тие, со премолчување на нивните првосвештеници и други слуги, поднеле лажни обвиненија против него и ја заговарале неговата сурова смрт.
Голата вистина е дека Исус бил распнат зашто ги поттикнал на бунт робовите како него против арогантните и немилосрдни господари, а денес директните потомци на истите овие господари што го убиле него како опасен агитатор, тврдат дека го обожаваат, затоа што умрел за да бидат тие непорочни во крвта на јагнето.
Исус ги сакал сиромашните меѓу кои се родил со света страст и жестоко ги мразел нивните богати и угледни грабачи, и доколку денес тој би се вратил и би ги нападнал коцкарите на Волстрит како што ги нападнал менувачите на пари во Храмот, токму истите благородници што сега изјавуваат дека се негови кротки и скромни следбеници и се поклонуваат во негово име, би бил првите што ќе се кренат и ќе ја бараат неговата крв, а единствената милост што ќе му ја покажат како резултат на дваесетте векови христијанска цивилизација би била замена на распнувањето со електрична столица.