Првпат објавено: Leaves of Olives, 1964.
Извор: Окно
Превод: П. Вулкански
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2024
Пиши:
Јас сум Арапин
Број на лична карта: 50.000
Деца: осум
По летото доаѓа деветтото.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Со измачените другари работам во каменолом.
Имам осум деца,
Од карпите им вадам
Облека, парче леб и тетратка.
И не питачам пред твојата врата
И не паѓам на плочникот пред твојот праг.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Име сум без титули,
Трпелив во земја каде што
Сè живо врие од гнев.
Моите корени...
Пуштени се пред раѓањето на времето,
Пред започнувањето на годините,
Пред кипарисите и маслините,
Пред надирот на тревите...
Татко ми е од родот на ралото,
Не привилегиран господин.
И дедо ми беше селанец
Без благородно потекло и род,
Ме учеше за висината на сонцето
Пред да ме научи да читам.
Мојот дом е чуварска колиба
Од гранки и пратови.
Те задоволува мојот статус?
Јас сум име без титула.
Пиши:
Јас сум Арапин
Боја на коса: саѓава
Боја на очи: кафена
Лични карактеристики:
На главата куфија врзана со игало,[1]
Дланката јака како карпа
Може да го повреди оној што ја закача.
Мојата адреса:
Село зафрлено и заборавено,
Со безимени улици,
А сите жители се на нивите и во каменоломот.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Ти ги украде лозјата на моите дедовци
И земјата што ја оравме
Јас и сите мои деца.
Ни на внуците мои не им остави
Ништо освен карпиве...
И нив ќе ги земе вашата влада,
како што се зборува?
Значи,
Пиши, најгоре на првата страница:
Јас не мразам луѓе,
Никого не напаѓам,
Но ако бидам гладен
Го јадам месото на узурпаторот.
Пази се... Пази се од мојот глад
И мојот бес!.
Забелешка на преведувачот
[1] Куфија е препознатливата арапска марама што ја носат мажите, обично бела или карирана, а прицврстена е со игало, црна врвца.