Ноам Чомски

Кратка историја на анархизмот


Извори: Noam Chomsky, "A Brief History of Anarchism", In These Times, January 9, 2014; „Окно“, 20.01.2014 .
Превод: „Окно“ (корекции: Здравко Савески)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2022


Луѓето се општествени суштества и каков ќе стане некој првенствено зависи од општествените, културните и институционалните околности во неговиот живот.

Тоа нѐ наведува да ги разгледаме општествените уредувања кои придонесуваат за остварување на правата и благосостојбата на луѓето и за исполнување на нивното праведно тежнеење – најкратко кажано, заедничкото добро.

Заради подобра перспектива, би сакал да се потсетиме на нешто што според мене се труизми [очигледни вистини]. Тие се однесуваат на една интересна категорија етички принципи кои не се само универзални, во смисла дека речиси секогаш номинално се застапуваат, туку двојно универзални, во смисла дека речиси секогаш се отфрлаат во практиката.

Тие се движат од сосема општи принципи, како што е труизмот дека врз себе треба да ги применуваме истите стандарди што ги применуваме на другите (ако не и построги), до поконкретни доктрини како посветеноста на унапредувањето на демократијата и човековите права на кои инсистираат речиси сите, дури и најлошите монструми, иако реалноста е многу мрачна, ширум целиот спектар.

Добро место за почеток е класичното дело на Џон Стјуарт Мил „За слободата“. Неговиот воведен цитат поставува „голем, водечки принцип, кон кого директно се насочува секој аргумент изложен на овие страници: апсолутната и суштинска важност на човековиот развој во неговата најбогата разноликост.“

Ова се зборови на Вилхелм фон Хумболт, основач на класичниот либерализам. Од нив следи дека институциите што го ограничуваат таквиот развој се нелегитимни, освен доколку на некој начин можат да се оправдаат себеси.

Стремежот кон општото добро треба да нѐ наведе да изнајдеме начини за негување на човечкиот развој во неговата најбогата разноликост.

Адам Смит, уште еден мислител на просветителството со слични погледи, сметал дека не би требало да е особено тешко да се воспостават хумани политики. Во „Теорија на моралните чувства“ тој забележал: „Колку и да се претпостави дека човекот е себичен, во неговата природа очигледно постојат некои принципи поради кои тој е заинтересиран за среќата на другите и кои ја прават нивната среќа неопходна за него, иако тој нема никаква корист од неа освен задоволството да ја гледа.“

Смит ја препознава силата на она што го нарекува „подла девиза на господарите на човештвото“: „Сѐ за себе и ништо за другите.“ Но, побенигните „првобитни чувства на човековата природа“ можат да ја потиснат таа патолошка појава.

Класичниот либерализам се насука на карпата на капитализмот, но неговата хуманистичка посветеност и стремежи не умреа. Рудолф Рокер, анархистички мислител и деец од 20 век, повторува слични идеи.

Рокер го опишува она што го нарекува „јасна тенденција на историскиот развој на човечкиот род“, што тежнее „кон слободно, непречено исполнување на сите индивидуални и општествени сили во животот“.

Рокер укажуваше на анархистичката традиција која кулминира во анархосиндикализам – што во европски контекст е еден вид „либертерски социјализам“.

Овој вид социјализам, сметал тој, не пропишува „фиксиран, заокружен општествен систем“ со конечни одговори на сложените прашања и проблеми во човековиот живот, туку тежнеење во човековиот развој за постигнување на просветителските идеали.

Вака сфатен, анархизмот припаѓа на поширокиот спектар на либертерската социјалистичка мисла и акција што ги вклучува практичните достигнувања на револуционерна Шпанија во 1936; понатаму достигнува до претпријатијата во сопственост на работниците на американскиот ‘Рѓосан појас [на североистокот и Средниот запад во САД], северно Мексико, Египет и многу други земји, најмногу во баскискиот регион на Шпанија; и ги опфаќа многуте задружни движења ширум светот и добар дел од феминистичките иницијативи и иницијативите за граѓански и човекови права.

Оваа широка тенденција на човековиот развој настојува да ги идентификува структурите на хиерархија, авторитет и доминација, што го ограничуваат човековиот развој, и потоа им поставува многу разумен предизвик: Оправдајте се.

Ако овие структури не можат да одговорат на тој предизвик, треба да бидат расклопени – и, според анархистичкото уверување, „повторно изградени одоздола“, како што забележува коментаторот Нејтан Шнајдер.

Ова делумно звучи како труизам: зошто некој би бранел нелегитимни структури и институции? Но, за труизмите барем важи фактот дека се вистинити, а тоа ги разликува од голем број политички расправи. И мислам дека даваат корисен патоказ за откривање на заедничкото добро.

За Рокер, „проблемот кој се поставува во наше време е ослободувањето на човекот од проклетството на економска експлоатација и политичко и општествено поробување.“

Треба да се напомене дека американскиот вид на либертаријанство драстично се разликува од либертерската традиција, прифаќајќи го, па дури и заговарајќи го потчинувањето на работните луѓе од економските господари, како и општото потчинување на рестриктивната дисциплина и деструктивните одлики на пазарот.

Анархизмот е познат по спротивставувањето на државата и заговара „планско администрирање на работите во интерес на заедницата“, како што вели Рокер; а на поширок план широки федерации на самоуправни заедници и работни организации.

Денес анархистите што се посветени на овие цели често ја поддржуваат државната власт за да се заштитат луѓето, општеството и самата планета од пустошењата на концентрираниот приватен капитал. Тоа не е противречност. Луѓето живеат, страдаат и истрајуваат во постоечкото општество. Расположливите средства треба да се искористат за тие да се заштитат и да им користат ним, дури и кога долгорочната цел е изградба на пожелни алтернативи.

Во бразилското движење на селските работници се зборува за „проширување на ѕидовите на кафезот“ – на кафезот на постоечките институции за принуда кои можат да се прошират преку народна борба – што и се случувало за текот на многуте години.

Можеме да ја прошириме оваа метафора, разбирајќи го кафезот на државните институции како заштита од дивите ѕверови што демнат околу него: грабливите капиталистички институции со државна потпора, посветени на приватната добивка, моќ и доминација, при што заедницата и интересот на луѓето во најдобар случај им се фуснота, реторички почитувани, но отфрлани во практиката, во принцип, па дури и по закон.

Во многу познати дела од академската политикологија се споредуваат ставовите на граѓаните и државната политика. Во книгата „Изобилство и влијание: економската нееднаквост и политичката моќ во Америка“ политикологот Мартин Гиленс од Принстон открива дека на најголемиот дел од населението во САД фактички им е одземена политичката моќ.

Околу 70% од населението, на понискиот дел од скалата на богатство/приходи, нема никакво влијание врз политиката, заклучува Гиленс. Со искачувањето по скалата, влијанието полека се зголемува. На самиот врв се оние кои прилично многу ја одредуваат политиката, преку средства кои не се скриени. Системот што се добива не е демократија туку плутократија.

Или можеби, нешто поблаго кажано, тоа е она што правникот Конор Герти го нарекува „неодемократија“, сродник на неолиберализмот – систем во кој слободата ја ужива малцинството, а сигурноста во нејзинаа целосна смисла ѝ е достапна само на елитата, но во рамките на поопштите формални права.

Наспроти тоа, како што пишува Рокер, вистинскиот демократски систем би го достигнал обликот на „сојуз на слободни групи мажи и жени врз основа на кооперативен труд и планско администрирање со работите во интерес на заедницата“.

Американскиот филозоф Џон Дјуи никој не го сметал за анархист. Но размислете за неговите идеи. Тој препознал дека „моќта денес почива врз контролата на средствата за производство, размена, реклама, транспорт и комуникација. Оној што ги поседува владее со животот во државата“, дури и доколку демократската форма е присутна. Додека тие институции не бидат во рацете на граѓаните, политиката ќе остане „сенка што ја фрла крупниот капитал врз општеството“, како што е случај денес.

Овие идеи сосема природно водат до визиите за општество засновано на работничка контрола на производните институции, како што замислувале 19-вековните мислители, пред сѐ Карл Маркс, но – што е помалку познато – и Џон Стјуарт Мил.

Мил напишал: „Обликот на здружување што се очекува да преовлада ако човештвото продолжи да напредува е здружувањето на самите работници врз основа на принципите на еднаквост, колективно поседување на капиталот со чија помош ја вршат својата дејност и работење под управа што самите ја избираат и менуваат.“

Основачите на САД биле многу свесни за ризикот од демократијата. Во дебатите на Уставотворната конвенција, главниот втемелувач Џејмс Медисон предупредил на тој ризик.

Природно земајќи ја Англија како свој образец, Медисон забележал дека „кога денес во Англија изборите би биле отворени за сите класи од народот, имотот на земјопоседниците би бил несигурен. Брзо би бил усвоен Аграрен закон “, поткопувајќи го правото на сопственост.

Основниот проблем што го предвидел Медисон во „втемелувањето на систем кој сакаме да трае со години“, бил како да се обезбеди вистинско владеење на богатото малцинство „за да ги заштитиме имотните права од заканите на еднаквоста и општото право на глас, што би ја предале целокупната власт во рацете на оние што не учествуваат во имотот.“

Науката главно се согласува со проценката на Гордон С. Вуд од Универзитетот Браун дека „Уставот бил суштински аристократски документ осмислен да ги заузда демократските тенденции од тоа време.“

Многу пред Медисон, Аристотел во „Политика“ го препознал истиот проблем со демократијата.

Разгледувајќи различни политички системи, Аристотел заклучил дека тој систем е најдобар или можеби најмалку лош облик на владеење. Но, препознал еден негов недостаток: големата маса сиромашни би можела да ја употреби својата гласачка моќ за да го преземе имотот на богатите, што би било неправедно.

Медисон и Аристотел дошле до различни решенија: Аристотел советувал намалување на нееднаквоста преку државни мерки насочени кон обезбедување благосостојба. Медисон сметал дека одговорот е ограничување на демократијата.

Пред крајот на својот живот, Томас Џеферсон, човекот кој ја напишал Декларацијата за независност на САД, ја доловил суптинската природа на овој судир кој никако не е завршен. Џеферсон бил сериозно загрижен за исправноста и судбината на демократскиот експеримент. Направил разлика помеѓу „аристократите и демократите“.

Аристократи се „оние кои се плашат од народот и не му веруваат, и сакаат да му ја одземат сета власт, ставајќи ја во рацете на повисоките класи.“

Наспроти тоа, демократите „се поистоветуваат со народот, му веруваат, го ценат и го сметаат за чесен и безбеден, иако не и најмудар заштитиник на јавниот интерес.“

Денес наследниците на „аристократите“ на Џеферсон би можеле да расправаат околу тоа кој треба да ја игра водечката улога: технократски и политички ориентираните интелектуалци или банкарите и корпоративните директори.

Вистинската либертерска традиција настојува токму ова политичко покровителство да го расклопи и реконструира одоздола, истовремено менувајќи го производството, како што вели Дјуи, „од феудален во демократски општествен поредок“ заснован врз работничка контрола, почитувајќи го достоинството на производителот како вистински човек, а не орудие во рацете на други.

Како кртицата на Карл Маркс – „нашиот стар пријател, нашата стара кртица, што знае вредно да работи под земјата, а потоа изненадно да се појави на површината“ – либертерската традиција секогаш ровари близу површината, секогаш подготвена да излезе надвор, понекогаш на изненадувачки и неочекуван начин, стремејќи се да оствари нешто што, според мене, е разумна апроксимација на општото добро.