Првпат објавено: Black Rose Books, Montréal, Canada, 1971.
Извор: Theory and Practice
Техничка обработка и превод: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2021
На 1 март 1921 година, поморската база на Кронштат на островот Котлин, дваесетина и пет милји оддалечена од Петроград, усвои програма од петнаесет точки со политички и економски барања – програма што беше во отворен пркос на контролата на Болшевичката партија врз советската држава.
Речиси веднаш, болшевиците го осудија востанието како „белогардејски заговор“, како наводно уште едно од низата контрареволуционерни заговори што го опсадуваа советскиот режим за време на претходните три години граѓанска војна. Помалку од три недели подоцна, на 17 март, Кронштат беше покорен во крвавиот напад на избраните единици на Црвената армија. Кронштатското востание, како што изгледа, беше нешто повеќе од минлива епизода во горката историја на граѓанската војна.
Сепак, сега можеме да кажеме дека Кронштатското востание го означи дефинитивниот крај на самата Руска револуција. Всушност, карактерот и важноста на востанието беа предодредени да станат предмет на тежок спор во рамките на меѓународната левица во годините што следеа. Денес, иако се појави потполно нова генерација револуционери – генерација речиси потполно неинформирана за настаните – „проблемот со Кронштат“ не изгуби ништо од својата важност и потресност. Бидејќи Кронштатското востание постави многу далекусежни прашања: односот помеѓу т.н. „маси“ и партиите што тврдат дека зборуваат во нивно име, како и природата на општествениот систем во модерниот Советски Сојуз. Кронштатското востание, фактички, останува траен предизвик на болшевичкиот концепт за историската функција на партијата и за поимот на Советскиот Сојуз како „работничка“ или „социјалистичка“ држава.
Кронштатските морнари не беа вообичаено воено тело. Тие беа познатите „Црвени морнари“ од 1905, 1917 и Граѓанската војна. Со заедничка согласност (сè додека болшевиците не започнаа да ја ревидираат историјата по востанието), кронштатските морнари се сметаа за најсигурни и најполитизирани воени елементи на нововоспоставениот советски режим. Млитавиот обид на Троцки во подоцнежните години да го потцени нивниот углед, алудирајќи на „новите“ општествени слоеви (по претпоставка „селани“) кои ги замениле „изворните“ Црвени морнари (по претпоставка „работници“) во Кронштат за време на Граѓанската војна е достоен за презир. Без разлика дали биле „селани“ или „работници“ – и едните и другите ги имало во различен број во поморската база – Кронштат долго време беше печката на револуцијата. Неговите живи традиции и неговиот близок контакт со „Црвениот Петроград“ служеа да се разгорат луѓето од речиси сите слоеви до револуционери.
Всушност, Кронштат се крена како резултат на штрајкувачкото движење во Петроград, што беше речиси востание на пролетаријатот во Петроград. Не може да се нагласи доволно силно дека барањата на кронштатските морнари не беа формулирани на сигурно на изолираниот остров во Финскиот Залив: тие беа развиени како резултат на блискиот контакт помеѓу поморската база и немирните работници од Петроград, чии барања во суштина ги артикулира програмата во петнаесет точки. Како што Исак Дојчер беше должен да даде до знаење, болшевичките оцрнувања на Кронштатското востание како „белогардејски заговор“ беа едноставно неосновани.
Што беа овие барања? Ида Мет подробно расправа околу нив во нејзината книга. Дури и површниот поглед покажува дека политичките барања се фокусираа на советската демократија: нови избори за советите, слобода на говор за анархистите и левите социјалистички партии, слободни синдикати и селански организации, ослободување на анархистичките и социјалистичките политички затвореници. Економските и институционалните барања се фокусираа на олабавување на строгите трговски ограничувања наметнати во периодот на „воениот комунизам“. Барањата на кронштатските морнари беа најосновниот минимум кој беше потребен за да се спаси револуцијата од бирократската дегенерација и економското задушување.
Редовно, постојат две истории на револуциите. Првата ја претставува официјалната историја, историја што се врти околу судирите на партиите, фракциите и „лидерите“. Другата, според зборовите на рускиот анархист Волин, може да се нарече „непозната револуција“ – ретко напишаните описи за независно, креативно делување на револуционерниот народ. Марксистичките описи, до изненадувачка мера, спаѓаат во официјалната форма на историографија: народните аспекти на револуцијата често се искривуваат за да се усогласат со однапред утврдената општествена рамка. Работниците секогаш ја имаат нивната доделена историска „улога“; селаните своја „улога“; интелектуалците и Партијата, пак, други „улоги“. Обично се игнорира виталната, честопати одлучувачка активност на таканаречените „преодни класи“, како што се работниците со селско потекло или декласираните елементи. Благодарение на неговото поедноставно распарчување на општествената реалност, овој вид историографија остава целосно необјаснети многу клучни аспекти на минатите и денешните револуции.[1] Настаните се здобиваат со академска форма, која е склопена од програми, идеолошки судири и, се разбира, сеприсутните „водачи“.
Во Кронштатското востание, „масите“ ја имаа дрскоста повторно да стапат на историската сцена, како што тоа го сторија во Февруари и Октомври, четири години порано. Всушност, востанието ја означи кулминацијата и крајот на народното движење во Руската револуција – движење во кое Болшевичката партија во основа немаше доверба и кое бесрамно го манипулираше. Соборувањето на царизмот во февруари 1917 година – спонтана револуција во која ниту една од социјалистичките партии и фракции не играше значајна улога – го отвори патот за надојденото народно движење. Откако разбија со векови долготрајни институции за неколку дена, работниците и селаните започнаа самоиницијативно да создаваат нови, целосно револуционерни општествени форми. Историските описи за револуцијата ретко ни кажуваат дека во градовите, најзначајните од овие форми не биле советите, туку фабричките комитети: тела на работници основани и контролирани од собирите на работниците во работилниците. Во селата, она што обично се именува како „совети“, поблиску одговараше на локални комитети на селаните, засновани на народни собранија. И во двата случаи, комитетите беа навистина органски општествени тела, посветени на директните, лице-в-лице демократски форми. Спротивно на тоа, регионалните совети во суштина беа парламентарни тела, структурирани како индиректни или т.н. „претставнички“ политички хиерархии. Тие кулминираа во далечните национални конгреси на советите, контролирани од избран извршен комитет.
Општествената историја на Револуцијата се вртеше околу судбината на фабричките комитети и селските собранија, а не само околу спротивставените армии и дуелите меѓу болшевиците и нивните политички противници. Фабричките комитети бараа и, за краток период, се здобија со целосна контрола врз индустриското работење. Ленин по Октомври потполно не им веруваше. Веќе во јануари 1919 година, само два месеци откако „декретира“ работничка контрола над фабриките, болшевичкиот водач премина во отворено спротивставување на комитетите. Според гледиштето на Ленин, револуцијата барала „токму во интерес на социјализмот, масите беспоговорно да се покоруваат на единствената волја на водачите на работниот процес“. После тоа, комитетите сè повеќе лишувани од каква било функција во индустриското работење, нивните овластувања беа пренесени на синдикатот и, конечно, овластувањата на синдикатите им беа доделени речиси потполно на управителите назначени од државата. Работничката контрола беше остро осудена не само како „неефикасна“, „хаотична“ и „непрактична“, туку и како „ситно-буржоаска“ и како „анархосиндикалистичка девијација“.
На село, болшевичката политика беше одбележана со недоверба кон задругите и комуните – и со растечката употреба на присилно реквирирање на храната. Како што посочив на друго место, за Ленин претпочитаната, „посоцијалистичка“ форма на земјоделско претпријатие ја претставуваше Државната фарма: буквално, земјоделска фабрика во која државата го поседуваше земјиштето и земјоделската опрема, назначувајќи управители кои вработуваат селани за плата.[2] До 1920 година, болшевиците целосно се изолираа од работничката класа и селанството, факт што Ленин отворено го призна. Дури и советите беа испразнети до политичка школка, лишени од секаква содржина. Политичкиот живот, јавното изразување и народната активност дојдоа до застој; Чека, тајната полиција основана од Џержински, ги собираше револуционерните опозиционери во затворите и логорите. Во сѐ поголем број, најгласните гласноговорници на независните советски партии и групи беа стрелани само за изразување на несогласувачки ставови. Политиките формулирани под рубриката „воен комунизам“ создадоа речиси услови на глад во градовите поради блокирањето на речиси секоја размена меѓу градот и селото и поради наметнувањето покрупни реквизиции врз селанството. Работниците и селаните можеби ја добија Граѓанската војна, но ова е сигурно: тие ја изгубија револуцијата.
Само во овој политички и економски контекст може да ги разбереме штрајковите што го преплавија Петроград во февруари 1921 година и востанието на кронштатските морнари. Од Кронштат потекна повикот за „Трета револуција на трудбениците“, а не за контрареволуција со цел обнова на минатото. Со задушувањето на востанието, болшевиците успеаја не само да блокираат трета револуција, туку и да го поплочат патот за сталинистичкиот режим. Подоцна, историјата имаше своја сопствена дивјачка одмазда: многу од болшевиците кои играа улога во задушувањето на Кронштат платија со своите животи во крвавите чистки од триесеттите години.
Главната вредност на делото на Ида Мет е увидот што ни го дава во народното движење, движење од кое зависи исходот од сите револуционерни бранувања. Одвлечени сме од партиските и советските конгреси, од „лидерите“ и политичките фракции, и внесени во самата душа на револуционерниот процес. Добиваме чувство за политичките увиди што еволуирале на улиците и во бараките; доведени сме до молекуларните процеси на движењето долу; воспоставуваме контакт со исклучителниот дух на народната импровизација, ентузијазмот и енергијата, што го одбележуваат револуционерниот народ во движење. Дури и само поради овие причини, краткото дело на Мет заслужува највнимателно прочитување, бидејќи она за што се работи во нејзиниот опис за Кронштат не е само Руската револуција, туку и самиот концепт на револуцијата.
Болшевичката партија не ја „направи“ Руската револуција; таа ја доминираше револуцијата и со тоа ја задуши. Таа не играше никаква улога во февруари 1917 година, кога беше соборен царизмот; во октомври, осум месеци подоцна, партијата ја презеде власта за себе, а не во име на советите или фабричките комитети. Без сомнение, свесните револуционерни организации беа неопходни во 1917 година, или, барем, активните групи на револуционери. Сепак, вистинското прашање беше дали овие револуционерни групи беа способни да се растворат во општествените форми создадени од револуционерниот народ (било да се работи за фабрички комитети или за совети) или дали тие се претворија во засебна моќ над овие општествени форми, манипулирајќи ги и конечно уништувајќи ги. Болшевичката партија беше структурно неспособна да тргне во првиот правец; нејзината хиерархиска, централизирана структура, а да не зборуваме за менталитетот на нејзините водачи, едноставно ја претвори партијата во одраз на буржоаскиот државен апарат што тврдеше дека го собори.
За време на дебатите што ја одредија судбината на фабричките комитети, левиот комунист Осински ја предупреди својата партија: „Социјализмот и социјалистичката организација мора да бидат воспоставени од самиот пролетаријат, или тие воопшто нема да бидат воспоставени; ќе се воспостави нешто друго – државен капитализам“.
Предупредувањето, дадено во раните денови на револуцијата, беше пророчко. Би било крајно апсурдно да се тврди дека државниот апарат што ги лишува работниците од каква било контрола врз општеството може да се смета за „работничка држава“. Всушност, до 1917 година, сите главни фракции на руското марксистичко движење веруваа дека Русија се соочува со буржоаска револуција. Настрана од организациските размислувања, несогласувањата меѓу болшевиците и меншевиците главно се фокусираа на политичката улога на работниците и селаните во претстојното бранување. Со барањето за „демократска диктатура на пролетаријатот и селанството“, болшевиците во суштина повикуваа на политички доминантна улога на угнетените. Меншевиците, пак, во суштина се држеа до ставот дека на Русија ѝ треба демократска, парламентарна република, владеена од буржоаските партии. Ниту една од двете социјалдемократски фракции не беше толку наивна да поверува дека заостанатата, аграрна Русија е подготвена за „пролетерска диктатура“, уште помалку за социјализам.
Сепак, успехот на Февруарската револуција предизвика Ленин да се сврти кон „пролетерската диктатура“, позиција искажана во познатата парола: „Сета власт на советите!“ Колку и да беше значајно ова поместување, тоа не беше втемелено во какво било убедување на Ленин дека Русија одеднаш е подготвена за „работничка држава“. Сосема спротивно: Ленин ја гледаше „пролетерската револуција“ во Русија првенствено како поттик за социјалистичките револуции во индустријализираните земји на Запад, зафатени со војната, особено во Германија. За Ленин, војната ја отвори можноста за револуции во странство – револуции што може да бидат поттикнати со „пролетерска револуција“ во Русија. Во ниту еден момент тој не се залажуваше дека „работничка држава“ или „социјализам“ можат да бидат воспоставени само во рамките на една претежно селска земја.
Поразот на спартакистичкото востание во Берлин во јануари 1919 година ја остави Руската револуција целосно изолирана. И покрај марксистичкиот жаргон на новиот советски режим, и покрај црвените знамиња и очигледното непријателство кон традиционалните владејачки класи дома и во странство, останува фактот дека револуцијата сè повеќе паѓаше на буржоаско ниво, зашто беше незамисливо дека една изолирана, економски заостанатата земја, опколена од политички непријатели од сите страни, може да напредува потаму од капиталистичките општествени односи.
Но, каков вид на капиталистички општествени односи беа создадени од Октомвриската револуција? Ова остана многу замрсено прашање. Револуцијата ја елиминира традиционалната руска буржоазија и многу од нејзините политички институции. Таа ги национализира земјата и целата индустрија, чин без преседан во модерната историја на Европа. Подоцна, советскиот режим воспостави „планирано производство“. Сите овие промени во раните децении на дваесеттиот век се сметаа за некомпатибилни со капитализмот, иако Енгелс во „Анти-Диринг“ си подигруваше со теоретската можност тие да се случат во буржоаски рамки.
Проблемите создадени од Октомвриската револуција беа дополнително комплицирани од терминологијата на самите болшевици. Ленин различно ја опишуваше советската држава како „државно-капиталистичка“, „работничка држава“ и „селанска држава со бирократски деформации“, по што следеше Троцкиевиот бесмислен опис на сталинистичката диктатура како „дегенерирана работничка држава“. Ленин, исто така, го комплицираше проблемот со грубото опишување на социјализмот како „ништо друго освен државен капиталистички монопол направен за да му служи на целиот народ“. Така, во раните години на советскиот режим, беше тешко не само да се најдат паралели за државниот капитализам во која било постоечка капиталистичка земја, туку и да се разликува тој од „социјализмот“.
Денес, по половина век капиталистички развој, ние имаме подобра гледна точка. Можеме да видиме дека, освен за време на неколкуте месеци кога фабричките комитети ја контролираа индустријата, Руската револуција во никој случај не ја надмина буржоаската општествена и економска рамка. Стоковното производство и економската експлоатација беа предодредени да бидат исто онолку доминантни по Октомвриската револуција колку и порано. На работниците и селаните им се оневозможи контролата над советското општество исто толку сигурно како што тоа им беше оневозможено и над царистичкото општество. Ние, исто така, знаеме дека национализацијата на индустријата и планираното производство се совршено компатибилни со буржоаските општествени односи. Историскиот тренд на индустрискиот капитализам отсекогаш бил во насока на централизација на капиталот, развој на монополи, спојување на индустријата со државата, економско планирање и, конечно, со зголемена моќ на бирократскиот апарат над економскиот и политичкиот живот.
Иронично, Троцки можеби ќе разбереше како се разви овој тренд во Русија ако едноставно го следеше својот сопствен концепт на „комбиниран развој“ до неговиот логичен заклучок. Тој виде (сосем правилно) дека царистичка Русија, задоцнет играч во европскиот буржоаски развој, нужно се стекна со најнапредните индустриски и класни форми, наместо да го помине целиот буржоаски развој од неговите почетоци. Тој занемари да земе предвид дека Русија, растргната од огромно внатрешно бранување што ги обезвласти традиционалните буржоаски и земјопоседнички класи, може поради тоа да замине пред капиталистичкиот развој на другите места во светот – секако, откако работниците и селаните беа лишени од нивната контрола над фабриките и земјата од новата бирократија. Хипнотизиран од апсурдната формула, „национализираната сопственост е противречна на капитализмот“, Троцки не успеа да разбере дека самиот монополски капитализам има тенденција да се спои со државата преку својата внатрешна дијалектика, што вклучува концентрација на капитал во сè помалку и помалку претпријатија. Аналогијата на Ленин помеѓу „социјализмот“ и државниот капитализам на тој начин стана застрашувачка реалност за време на Сталин – форма на државен капитализам што „не му служи на целиот народ“.
Во основа, изворот на збрката во врска со „природата“ на општествениот систем во Русија – познатото „руско прашање“ – лежи во нецелосноста на марксистичката економска анализа. Пишувајќи во средината на деветнаесеттиот век, Маркс беше запознаен само со две фази на капиталистичкиот развој: меркантилизам и „laissez-faire“ индустриски капитализам. Иако „Капиталот“ брилијантно ја прикажува појавата на индустрискиот од трговскиот капитализам, расправата завршува токму таму каде што таа треба да започне за нас еден век подоцна. Можеме да видиме дека концентрацијата на капитал напредува во уште една фаза: подржавување на капиталот. „Слободниот пазар“ преминува на монополистички и конечно на пазар манипулиран со државата. „Анархијата на производството“ (да го употребиме изразот на Енгелс) преминува во управувана, „планирана“ економија, систем на планирање скроен не само за да ги избегне економските кризи, туку и да ја унапреди акумулацијата на капитал. Капитализмот ја проследува својата дијалектика на речиси класичен хегелијански начин: од економија контролирана од државата, иницирана од меркантилизмот, во „слободниот пазар“, воспоставен од индустрискиот капитализам, и повторно назад кон нео-меркантилистички форми, но на ново ниво создадено од технолошкиот и индустрискиот раст. Од Маркс пред еден век не можеше да се очекува да ја проследи оваа дијалектика до нејзиниот заклучок; за нас, да ја игнорираме неа, еден век подоцна, би било теоретска кратковидост од најлош можен вид.
Развојот кон државен капитализам се појавува како тенденција на Запад пред сѐ затоа што раните економски и политички форми сè уште вршат силно влијание врз општествените институции. Иако брзо опаѓаат, поимите „слободен пазар“ и „суверена индивидуа“ продолжуваат да ги вовлекуваат економските односи во Европа и Америка. Во Русија и многу области на „Третиот свет“, државниот капитализам зазема потполна форма, затоа што револуцијата прави раскин на сегашноста од минатото, што доведува до уништување на постарите владејачки класи и институции. „Социјализмот“ во неговиот прифатен марксистички облик има тенденција да стане идеологија во најтесна смисла на зборот токму затоа што, како што забележа Ленин, толку многу од марксистичкиот социјализам може да се идентификува со државниот капитализам. Марксовото прифаќање на државата – на „пролетерската диктатура“, на „социјалистичката држава“ – станува средството за преобразба на големата социјалистичка визија во тотално реакционерен спектакл: црвените знамиња кои го покриваат ковчегот на народната револуција.
Што можеше да се случи доколку Кронштат успееше? Секако дека ќе бевме поштедени од сталинистички развој, од развој што го претвори целото светско комунистичко движење во средство на меѓународната контрареволуција. На крајот, не само Русија страдаше брутално, туку и човештвото како целина. Наследството што ни го остави болшевизмот во облиците на сталинизам, троцкизам и маоизам, ја оптоваруваат револуционерната мисла и пракса исто онолку колку и предавствата на реформистичките крила на социјалистичкото движење.
Победата на кронштатските морнари можеше, исто така, да отвори нова перспектива за Русија – хибриден општествен развој што ќе ја комбинираше работничката контрола над фабриките со отворен пазар на земјоделски производи, втемелен врз селска економија од ситен обем и доброволни аграрни комуни. Секако, едно такво општество во заостанатата аграрна Русија нема да можеше да се стабилизира многу долго без надворешна помош; но помошта можеше да пристигне доколку револуционерното движење на Европа и Азија се развиваше слободно, без мешање од Третата интернационала. Сталинизмот целосно ја затвори оваа можност. Кон крајот на дваесеттите години, речиси сите секции на Комунистичката интернационала станаа инструменти на сталинистичката политика, со кои се тргуваше во замена за дипломатски и воени сојузи со капиталистичките сили.
Задушувањето на Кронштат во март 1921 година беше чин на директна контрареволуција, задавување на народното движење во време кога Ленин, Троцки и другите истакнати болшевици стоеја на кормилото на советскиот режим. Да се зборува, како што тоа го прави Троцки, за „континуитетот“ на Руската револуција до триесеттите години, да се опишува бирократијата како чувар на победите на Октомври, да се нарекува сталинизмот само „термидорска“ реакција – сето ова е чиста бесмислица. Нема ниту континуитет ниту термидор; само привидност како замена за визијата што беше задавена во 1921 година, па дури и порано. Сталиновото искачување на власт само ја потенцираше контрареволуцијата што започна порано. Долго време пред 1927 година, кога беше исклучена троцкистичката опозиција, сите социјални придобивки беа избришани што се однесува до рускиот народ. Оттука произлегува и рамнодушноста на работниците и селаните кон антисталинистичките опозициски движења во рамките на Комунистичката партија.
Сите услови за сталинизам беа подготвени со поразот на кронштатските морнари и петрогрдските штрајкувачи. Можеби ќе избереме да жалиме над овие народни движења, да го чествуваме хероизмот на жртвите, да ги впишеме нивните напори во аналите на револуцијата. Но, над сè, треба да се разберат Кронштатскиот бунт и штрајкувачкото движење во Петроград – како што треба да ги разбираме поуките од сите големи револуции – ако сакаме да ја разбереме содржината на самиот револуционерен процес.
Фусноти
[1] Во Шпанија (1936), Руската револуција, Париската комуна, Јунското востание на париските работници во 1848 година, не помалку од денешните револуционерни бранувања, најдинамичните елементи беа токму членовите на овие „преодни класи“. Во минатото, тие главно беа занаетчии, работници со селско потекло и декласирани, а кои сите Маркс ги префрла кон спротивното. Денес, тие се состојат од студенти, млади од речиси сите класи, интелектуалци, декласирани, а во „Третиот свет“, безземјишни работници и селани.
[2] Спореди “Listen, Marxist”, Anarchos памфлет, p. 20.