Мари Букчин

Анархијата и организацијата: писмо до левицата[1]


Напишано: 1969
Извор и превод: Анархија форум
Техничка обработка и корекции на преводот: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2020


Постои еден изветвен мит дека анархистите не веруваат во организација за да промовираат револуционерна активност. Овој мит беше подигнат од своето почивалиште од Маркузе во интервју за „Л’Експрес“ пред неколку месеци и повторен од Хјуи Њутон во неговото дело „Во одбрана на самоодбраната“, што „Њу лефт нотс“ одлучија да го реиздадат во неодамнешното издание за Националната конвенција.

Да се дискутира околу прашањето на „организација“ наспроти „не-организација“ е смешно; ова прашање никогаш не се полемизирало помеѓу сериозните анархисти, освен можеби помеѓу оние осамени „индивидуалисти“, чија идеологија повеќе е вкоренета во екстремна варијанта на класичниот либерализам одошто во анархија. Да, анархистите веруваат во организација – во национална организација и во интернационална организација. Анархистичката организација има опсег од лабави, високо децентрализирани групи до „авангардни“ движења на многу илјади, како шпанската ФАИ, која функционираше на многу здружен начин.

Вистинското прашање не е организација наспроти не-организација, туку: каква организација. Тоа што различните видови на анархистички организации го имаат заедничко е што се развиени органски од долу, а не инженирани во постоење од горе. Тоа се социјални движења кои комбинираат креативен револуционерен начин на живот со креативна револуционерна теорија, а не политички партии, чиј јазол на живот не се разликува од околната буржоаска средина и чија идеологија е сведена на ригидни испробани програми. Тие се обидуваат да бидат одраз, колку што е човечки можно, на ослободеното општество што сакаат да го постигнат, а не го дуплираат на ропски начин постоечкиот систем на хиерархија, класи и авторитет. Тие се градени околу интимни групи на браќа и сестри, чија способност да делуваат заеднички се темели на иницијатива, убедувањам до кои е стигнато слободно, и на длабоко лично вклучување, а не на бирократски апарат, преполнет со послушно членство, манипулиран од врвот од грст сезнајни лидери.

Јас не знам со кого Хјуи дискутира кога зборува за анархисти што веруваат дека сѐ што треба да направат е само да се изразат себеси индивидуално со цел да постигнат слобода. Тим Лири, Ален Гинзберг, Битлси? Секако не револуционерните анархокомунисти што јас ги знам – а знам голем и доста претставителен број од нив. Ниту пак ми е јасно од каде Хјуи ги доби неговите факти за револтот во мај-јуни [1968] во Франција. Комунистичката партија и другите прогресивни партии од француската левица не само заостануваа зад народот, како што изгледа дека верува Хјуи; овие дисциплинирани и централизирани организации се обидоа на сите начини да ја опструираат револуцијата и да ја пренасочат назад во традиционалните парламентарни канали. Дури и дисциплинираната, централизирана троцкистичка ФЕР [Федерација на револуционерни студенти] и маоистичките групи им се спротивставуваа на револуционерните студенти како ултра-левичари, авантуристи и романтичари, сѐ до првите улични борби во мај. Карактеристично, повеќето од дисциплинираните, централизирани организации на француската левица или скандалозно заостануваа зад настаните, или, во случајот на Комунистичката партија и на прогресивните партии, бесрамно ги предадоа студентите и работниците, на системот.

Чудно ми е тоа што Хјуи, додека ги обвинува француските сталинистички препишувачи за заостанување зад настаните, тој ги смета анархистите и Дени Кон Бендит за виновни што народот бил принуден да се сврти назад кон Де Гол. Ја посетив Франција набрзо по револтот од мај-јуни и можам да потврдам без никаква тешкотија дека Дени Кон Бендит, Движењето „22 Март“ и анархистите се обидоа одлучно да ги развијат формите на собири и акциските комитети во една структурна програма (всушност, тоа отиде многу подалеку од обична програма) за да ја заменат владата на Де Гол. Можам да покажам сосема јасно како тие се обидоа да ги натераат работниците да ги задржат фабриките и да воспостават директни економски контакти со селаните: накратко, како тие се обидоа да ја заменат француската политичка и економска структура со креативни, остварливи револуционерни форми. Во ова, тие наидоа на постојана опструкција од дисциплинираните централизирани партии на француската левица, вклучувајќи и одреден број троцкистички и маоистички секти.

Постои уште еден мит кој треба да се разбие – митот дека социјалните револуции се прават од цврсто дисциплинирани кадри, водени од високо централизирано водство. Сите големи социјални револуции се дело на длабоко вкоренети историски сили и противречности за кои револуционерот и неговата организација придонесуваат многу малку и, во повеќето случаи, целосно погрешно ги оценуваат. Револуциите самите избиваат спонтано. Славната партија обично заостанува зад овие настани – и, ако востанието е успешно, влегува за да командува, манипулира и речиси секогаш ја извитоперува. Дури тогаш револуцијата го достигнува својот вистински период на кризи: дали славната партија ќе создаде одново друг систем на хиерархија, одмазда и моќ во својата света мисија да ја одбрани револуцијата, или ќе исчезне во револуцијата заедно со исчезнувањето на хиерархијата, доминацијата и моќта како такви? Ако револуционерна организација не е структуирана за да исчезне во народните форми создадени од револуцијата, откако нејзината функција на катализатор е комплетирана; ако нејзините форми не се слични на слободарското општество што се стреми да го создаде, така што ќе може да исчезне во револуционерните форми на иднината – тогаш организацијата станува средство за внесување на формите од минатото внатре во револуцијата. Таа станува самоодржлив организам, државна машина што, далеку од тоа да одумира, ги перпетуира сите архаични услови за своето сопствено постоење.

Постои далеку повеќе мит одошто реалност во тврдењето дека цврсто централизираната и дисциплинирана партија го промовира успехот на револуцијата. Болшевиците беа поделени, распрскани и раскарани од фракционерски борби од октомври 1917 до март 1921 година. Иронично, дури откако последните бели армии беа протерани од Русија, Ленин успеа целосно да ја централизира и дисциплинира неговата партија. Далеку пореални беа бесконечните предавства, создадени од хиерархиските, дисциплинирани, високо централизирани партии на левицата, како социјалдемократските и комунистичките.

Тие следеа речиси неумоливо од фактот дека секоја организација (колку и да е револуционерна нејзината реторика и колку и да се добронамерни нејзините цели) која структурно се моделира себеси според самиот систем кој сака да го отфрли станува асимилирана и поткопана од буржоаските односи. Нејзината привидна ефективност станува изворот за нејзините најголеми неуспеси.

Се појавуваат неодречиви проблеми што можат да бидат решени само од комитети, преку координација и преку висока мера на самодисциплина. За анархистот, комитетите мора да бидат ограничени на практичните задачи што го наложуваат нивното постоење и тие мора да исчезнат откако нивните функции се завршени. Координацијата и самодисциплината мора да се постигнат доброволно, преку доблеста на високиот морален и интелектуален калибар на револуционерот. Да се бара помалку од ова значи да се прифати, како револуционер, безумен робот, креатура на авторитарниот тренинг, агент што се манипулира, чија личност и изглед се крајно туѓи, всушност спротивни, на секое општество што барем малку може да се смета за слободно.

Никој сериозен анархист нема да не се согласи со приговорот на Хјуи за нужноста да се збрише империјалистичката структура од страна на организираните групи. Ако воопшто тоа е можно, ние мора да работиме заедно. Ние мора да сфатиме, исто така, дека во САД, срцето на светскиот империјализам денес, развиени се таква економија и технологија што би можеле да ги отстранат, речиси преку ноќ, сите проблеми што Маркс некогаш веруваше дека го оправдуваат постоењето на државата. Би била катастрофална грешка да се справувате со економија на потенцијално изобилство и автоматизирано производство од теоретска позиција што сѐ уште е вкоренета во технолошката ера базирана на јаглен, груби машини, долги часови на работа и материјална оскудица. Време е да престанеме да учиме од Кина на Мао и Куба на Кастро – и да ја видиме исклучителната економска реалност пред нашите сопствени очи за сите луѓе да уживаат откако американскиот буржоаски колос ќе може да се сруши и неговите ресурси ќе можат да му служат на човештвото.


Забелешка на транскриберот

[1] Букчин го напишал овој текст како одговор на текстот на Хјуи Њутон „Одбрана на самоодбраната“, во кој ги напаѓа анархистичките облици на организирање. Хјуи Њутон (1942-1989) бил африканско-американски активист, еден од основачите на Партијата на црните пантери во 1960-тите.


Архива на Мари Букчин

Анархистичка тематска архива

Архива на социјалните движења во 1968

марксистичка интернет архива