Напишано:
Извор: Bertolt Breht, „Чујемо: више нећеш да радиш с нама“, "Pesme sirotog B. B.", "Rad", Beograd, 1985.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026
Слушаме: веќе не сакаш да работиш со нас.
Премногу си уморен. Веќе не можеш да трчаш.
Премногу си истоштен. Веќе не можеш да учиш.
Смртно си исцрпен.
Не може од тебе да се бара уште нешто да направиш.
Па знај:
Ние тоа го бараме.
Ако си мирен и спиеш
Никој веќе нема да те разбуди да ти каже:
Станувај, тука е јадењето.
Зошто јадењето да биде тука?
Ако не можеш да трчаш,
Ќе лежиш. Никој
Нема да те побара и да ти каже:
Извршена е револуција. Фабриките
Чекаат на тебе.
Зошто да се изврши револуција?
Ако си мртов, ќе те погребаат,
Бил ти виновен за својата смрт или не бил.
Велиш:
Предолго си се борел. Не можеш веќе да се бориш.
Па чуј:
Бил ти виновен или не бил:
Ако не можеш веќе да се бориш, ќе пропаднеш.
2.
Велиш: предолго си се надевал. Не можеш веќе да се надеваш.
На што си се надевал?
Дека борбата ќе биде лесна?
Не е така.
Нашата положба е полоша одошто си мислел.
Ваква е:
Ако не направиме натчовечки напор,
Изгубени сме
Ако не сме кадарни да го направиме она што никој не може од нас да го бара,
Ќе пропаднеме.
Нашите непријатели токму и чекаат
Да се измориме.
Кога борбата е најогорчена,
Борците се најуморни.
Борците кои ќе бидат премногу уморни – ја губат битката.