Бертолт Брехт

Германија


Напишано: 1933
Извор: Бертолт Брехт, „На родените по нас (9 песни)“, „Граѓаните за Македонија“, Скопје, мај 2015, 6-7 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2018



                                                               Други нека зборуваат за својата срамота;
                                                               јас ќе зборувам за својата

О Германија, бледа мајко!
Како извалкана седиш
Меѓу народите!
Меѓу закашканите
Упаѓаш во очи.

Најбедниот од твоите синови
Лежи сотрен.
Кога гладта му беше голема,
Други твои синови
Дигнаа рака на него.
Тоа се расчу.

Со така подигнати раце,
Дигнати кон својот брат,
Дрско се моткаат пред тебе
И ти се смеат в лице.
Тоа се знае.

Во твојата куќа
Вриска лагата.
А вистината
мора да молчи.
Така ли е?

Зошто насекаде те фалат угнетувачите
А угнетуваните те окривуваат?
Експлоатираните
Со прст укажуваат кон тебе
А експлоататорите го фалат системот
Што во твојата куќа е измислен!

А сите гледаат
Како ја криеш својата подсукња, крвава
Од крвта на твојот
Најдобар син.

Кога ги слушаат говорите што допираат од твојата куќа,
Се смеат.
Но кој ќе те здогледа, го дофаќа ножот
Како да гледа арамија.

О Германија, бледа мајко!
Како само те средија синовите
Меѓу народите да седиш
Како ругло или ужас!



Архива на Бертолт Брехт

Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива