Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


15.

ГЕРМАНСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

    Германија стои помеѓу Русија и Англија. Германскиот народ не се ослободи од феудализмот и апсолутизмот дури сега, како рускиот, но тој зад себе нема ни така долга епоха на индивидуални слободи, парламентаризам, демократија, како англискиот. Германскиот социјализам, развиен под други услови, носи поинакви карактерни црти од рускиот болшевизам, од една страна, и од англиската “индустриска демократија", од друга страна. И тој сега, откако војната и поразот целосно ги променија економските и политичките услови на живот на германската нација, ќе добие поинакви карактерни црти од оние што ги имаше од 1863[1] до 1918.

Има нации кои нивната судбина ги одредува за револуционерна улога. Таква нација беа, на пример, Полјаците пред повеќе од еден век, зашто полскиот народ не можеше поинаку да се ослободи и обедини освен преку целосен слом на европскиот владејачки систем утврден со конгресните акти од 1815. Поради тоа тој мораше да ги смета за свои сојузници сите оние нации кои се бунеа против овој владејачки систем. Поради тоа полскиот народ се бореше насекаде каде што некој народ ќе се кренеше против владејачкиот систем на Светата алијанса: во Виена како и во Берлин, во Париз како и во Наполи.

На германската нација судбината и' додели спротивна улога. Додуша, германската пред-мартовска[2] демократија се надеваше дека ќе може да го извојува германското единство преку револуционерна борба, преку воспоставување на сеопшта германска република врз урнатините на монархистичките поодделни држави, во сојуз со италијанските, полските и унгарските борци за слобода, со француските републиканци и со англиските радикали. Но овој обид пропадна. Единството на Германија не беше втемелено преку револуција, туку преку војна; не од борците за демократија на барикадите, туку од војниците на прускиот крал; не во сојуз со француските републиканци, туку под заштита на царизмот. А владејачкиот систем што така беше воспоставен претпоставуваше поделба на Полска на Исток, анексија на Алзас и Лорењ на Запад, владеење на Германците во Австрија над Словените и Романците на Југ, додека улогата на австриското стебло на нацијата беше словенските и романските бајонети да ги стави под германска команда. Благосостојбата на нацијата почиваше врз владејачки систем кој беше втемелен преку сила, кој можеше да се одржува само преку до заби вооружен милитаризам и кој почиваше врз угнетување на сите соседни народи. Ако егзистенцијата на нацијата беше втемелена на контрареволуционерен систем на владеење, тогаш и водството на нацијата мораше да остане во рацете на нејзините контрареволуционерни класа, а самата нација да остане авангарда на контрареволуцијата во светот.

На ова битие на нацијата му одговараше нејзината свест. Поради тоа што власта, врз која почиваше нејзината благосостојба, можеше да биде втемелена само преку војна, таа веруваше во творечката семоќ на силата. Поради тоа што нејзината власт, а со тоа и нејзината благосостојба, можеше да се одржи само преку до заби вооружена држава, таа и' призна на државата неограничено право над народната економија, над личностите и над групите. Поради тоа што само династијата, јункерите, генералите можеа да создадат единство на царството, кое беше основата на силниот економски полет, таа доброволно духовно и' се потчини на власта.

Но војната го разори целиот овој владејачки систем. Германија повеќе не владее над своите соседни народи, туку изгуби германска земја во корист на сите соседни народи. Нејзината благосостојба повеќе не почива на нејзиниот систем на владеење, туку е уништена преку версајскиот систем на владеење. Преку никаква војна не може да се ослободи од состојбата на немоќ, раздробеност, осиромашување, која и' ја наметна францускиот и британскиот империјализам; одземени и' се сите можности за техничка подготовка на војна. Денес Германија стои пред договорите од 1919 како што Полска стоеше пред договорите од 1815: нејзина единствена надеж е меѓународната револуција која ќе го уништи владејачкиот систем на империјализмот. Бидејќи иднината на нацијата може да биде втемелена уште само преку меѓународна револуција, и водството на нацијата паѓа во рацете на нејзината единствена револуционерна класа, во рацете на пролетаријатот, а самата нација станува авангарда на светската револуција.

Нацијата сé уште се бори за тоа да стане свесна за смислата, за целта на својата револуција. И поради тоа што традициите на минатото се мешаат со идеите на сегашноста, таа сé уште талка по невозможното.

Некои сонуваат за сојуз на прускиот милитаризам со рускиот болшевизам, на Лудендорф со Ленин, за војна против Антантата. Но би било лудост, дури и кога не би се работело за лудост која не може да се замисли, да се направи од Германија воено поприште на Русите и Французите, кое би ги уништило и последните остатоци од нејзината благосостојба.

Други сонуваат за воен сојуз на Германската советска република со Руската советска република против Антантата. Но Германија не може да се прехрани преку домашната жетва, како Русија, не може како Русија да се заштити преку положбата и пространството од туѓите војски. Болшевизмот, кој би го растроил системот на производство во Германија, кој Германија би му ја предала на гладот, на граѓанската војна, на инвазијата, не би ја направил способна за одбрана против Западот дури ниту во сојуз со Русија.

Не, задачата не може да биде војната што беше изгубена под црно-бело-црвеното знаме да се води под црвеното знаме. Германската револуција има друга, поголема задача.

Прва претпоставка на исполнувањето на нејзината задача е целосно, без остаток прекинување со традициите и идеите од Бизмарковото време. Но социјализмот не може да ја ослободи нацијата од идеологијата на минатото пред целосно и без остаток да се ослободи од неа самиот себе. Тоа не бара само еманципација од сите последици на онаа духовна капитулација пред идеологијата на германскиот владејачки систем на минатото, што беше вистинската содржина на “политиката од 4-ти август".[3] Тоа бара повеќе! Ако сакаме да се ослободиме од стегите на идеите кои се наследство на источно-елбската[4] епоха од историјата на Германија, тогаш мораме да се ослободиме од суеверието за семоќта на силата и на целосната власт на државата. Денес болшевизмот му стои на патот на ова ослободување. Зашто помеѓу војничкиот социјализам на Ленч, Планге, Шпенглер, кои ја слават германската држава како претходен степен на социјализмот, а социјализмот како остварување на пруската државна идеја, и рускиот комунизам постои внатрешно сродство; и овде и таму владее истото суеверие во самостојната творечка моќ на силата која создава чуда, и овде и таму постои истата заблуда дека семоќта на владејачкото малцинство може и треба да ги принуди покорните маси на повисоки облици на живот. Ние не сме слободни од идеологијата на прусизмот сé додека пруската државна идеја само ја преведуваме на друг јазик, само ја украсуваме со други бои, само ја ставаме во служба на друга класа. Ние мораме наспроти прусизмот да поставиме друга, нему навистина радикално спротивна државна идеја: социјализам, чиј корен е стремежот на личноста за слобода, чиј извор е самостојното делување на масите, чиј цел е self-government на сите оние што работат. Оваа задача сé уште не ја гледа ниту една германска работничка партија: ниту социјалистите десничари, кој не се ослободија од стариот војнички дух, ниту независните[5] и комунистите, кои подлежат на искушението на новиот русизам. На германскиот социјализам ништо не му е понеопходно отколку додавање на онаа вистинска демократија која потекнува од индивидуалистичкиот корен, која бара свое остварување во англиската идеја на industrial self-government, на општествена преобразба преку самостојно делување и самостојно воспитување на масите.

Само кога таквиот социјализам целосно ќе го преобрази светот на идеи на германскиот народ, кога целосно ќе го обнови германскиот дух, кога револуционерното ослободување од установите на минатото ќе биде придружено од револуционерно ослободување од идеите на овие установи; само кога на таков начин ќе стане друга, навистина нова Германија, таа ќе се ослободи од наследството на омраза на народите, која и' ја остави контрареволуционерната епоха од нејзината историја. И само доколку преку конструктивна работа се остварува таквиот германски социјализам, создавајќи за сите народи на Запад пример сообразен на нивниот сопствен дух, само дотолку германскиот народ ќе ги придобие одушевените симпатии на работничката класа на Запад, преку пропагандата на творечкото делување ќе даде најсилен поттик за пролетерската револуција на Запад, ќе стекне сојузници со кои единствено може да ги скрши оковите на западниот империјализам.

Германија ја врзува за Русија вистинско заедништво на судбини. И двете си требаат една на друга за подобрување на своите економии. И двете се жртви на владејачкиот систем на западниот империјализам. Ова заедништво на судбините бара сојуз на Германската и Руската револуција - сојуз не за војна со Западот, туку за заемно потпомагање при социјалистичката изградба. Но овој сојуз не може да биде втемелен врз еднаквост на методите на борба и владеење, туку само врз еднаквост на смелоста, на пожртвуваноста, на воодушевувањето во борбата за социјализам.

___________________

Фусноти

[1] Во 1863 Фердинанд Ласал го формира Општиот работнички сојуз, прва самостојна работничка организација во Германија (заб. на прев.).

[2] Станува збор за март 1848, кога, по Франција, и во Германија избувна револуција (заб. на прев.).

[3] На 4 август 1914 германската социјалдемократија гласаше за воените кредити, поддржувајќи го на тој начин влегувањето на Германија во Првата светска војна (заб. на прев.).

[4] Источна Елба - дел од Прусија во кој преовладуваше крупниот земјопосед и кој беше темелот на доминантната позиција на јункерите во Прусија и Германија пред Првата светска војна (заб. на прев.).

[5] Независни - вообичаен назив за Независната социјалдемократска партија на Германија (заб. на прев.).