Социјализмот сака да ги уништи хартиите кои даваат право на вишок на вредност, да го прекине давањето на данок на капиталистичката класа во облик на вишок на вредност и со тоа да добие средства за да го зголеми реалниот приход на работните народни маси. Вишокот на вредноста во капиталистичкото општество се јавува во облик на претприемачка добивка, камата на капиталот и земјишна рента, значи, во облик на паричен приход. Овој појавен облик на вишокот на вредноста ја предизвикува популарната илузија дека животот на масите може да се поправи со еден удар на тој начин што ќе го конфискува паричниот приход на поседничките класи и ќе им го додели на работниците. Но, всушност, пренесувањето на вишокот на вредноста од поседничките класи на работничката класа е многу потежок и многу посложен процес.
Парите се само упатница за стоката. А бидејќи работниците трошат различни стоки од поседничките класи, секое зголемување на паричниот приход на работничката класа на сметка на поседничките класи нема дејство ако истовремено не се зголеми и производството на оние стоки кои ги троши работничката класа. Ако ја зголемиме работничката парична наемнина а истовремено не се зголеми и производството на животни намирници, станови итн., кои работниците сакаат да ги трошат, тогаш работиците не можат со зголемената парична наемнина да купат повеќе животни намирници, станови итн. во споредба со порано при пониска наемнина; зголемувањето на паричната наемнина се израмнува со поскапувањето на стоката на која се концентрира работничката побарувачка; реалната наемнина останува непроменета. Ако, значи, го конфискуваме вишокот на вредноста за да им го доделиме на работниците, мораме, ако преку тоа навистина треба да се зголеми реалната работничка наемнина, истовремено да го прекинеме производството на оние стоки кои капиталистите обично ги трошат и да го зголемиме производството на оние стоки кои ги трошат работниците. Ако, на пример, оној дел од вишокот на вредноста, кој што го трошат капиталистите, претставува шестина од произведената вредност на општествениот труд, тогаш шестина од работниците е вработена во луксузните индустрии, кои произведуваат стоки за потрошувачка на капиталистите. Ако сега се конфискува вишокот на вредноста и ако на работниците им се додели дел од вишокот на вредноста кој досега го трошеа капиталистите, тогаш луксузните индустрии мораат да прекинат со работа, а работниците кои се вработени во нив мораат да се префрлат во оние гранки на производство кои произведуваат животни намирници и станови за потребите на работниците. Мора, значи, да се префрли во новите струки шестина од вкупното работничко население. Префрлувањето од една струка во друга во многу случаи бара и промена на местото, а оттука и градење на нови станови. Но пред сé ова префрлање од една струка во друга претпоставува дека овие големи работнички маси ќе бидат снабдени со нужните средства за производство во струките во кои сега се префрлаат; тоа бара подигање на нови фабрики и градилишта за економскиот труд, производство на безбројни машини, алати итн.[1] Јасно е дека овој огромен процес на префрлање на луѓето од една струка во друга и од едно место во друго и истовремената преобразба на општествениот апарат на производството во секој случај бара подолго време. Поради тоа конфискацијата на вишокот на вредност не може во никој случај веднаш да се изрази преку зголемување на работничките приходи; на почетокот може да се зголеми само нивниот паричен приход; нивниот реален приход се зголемува само постепено, само дотолку доколку се одвива големиот процес на префрлање и преобразување. Но при сегашните односи овој процес на префрлање и преобразување сé уште е многу подолготраен отколку вообичаено, зашто во време на недостиг на јаглен и суровини градењето нови работилници, фабрики итн. ќе наидува на несовладливи тешкотии.
Ослободувањето на работничката класа од капиталистичката експлоатација, значи, претпоставува два различни процеси: прво, правен акт на конфискување на капиталистичките хартии кои даваат право на вишок на вредност и, второ, економски акт на преобразба на производството, префрлање на работните сили и средствата за работа од производството на луксузни производи за капиталистите во производството на средства за живот на работниците.
Животот на масите може да се подобри само дотолку доколку навистина е извршена преобразбата на производството; со самиот правен акт на конфискување тој не може забележително да се подобри. Ако преобразбата на производството може да се изврши само постепено, само во текот на подолга епоха, тогаш на работничката класа не и' користи тоа што правниот акт на конфискување е декретирано со еден удар: наглото конфискување не овозможува зголемување на реалниот приход на вкупното работништво, но затоа веднаш остава еден дел од работничката класа, работниците од луксузните индустрии, без труд и леб, а нивното префрлање во другите гранки на производството не би можело веднаш да се спроведе.
Но и кога ќе се изврши конфискацијата на хартиите кои даваат право на вишок на вредност и преобразбата на производството која и' е соодветна, реалниот приход на работничката класа само малку ќе биде зголемен. Поголемиот дел од вишокот на вредноста капиталистичката класа не го троши, туку го акумулира, т.е. го преобразува во капитал и го употребува за зголемување и усовршување на својот производствен апарат. А овој дел од вишокот на вредноста кој во текот на капиталистичкиот развиток брзо расти, ниту социјалистичкото општество не би можело да им го додели на работниците, зашто ни тоа не може да се одрекне од постојаното зголемување и усовршување на општествениот производствен апарат. Поради тоа, социјалистичкото општество може да употреби за подигнување на положбата на работните маси само помал дел од вишокот на вредноста, кој капиталистичката класа не го акумулира туку го троши. Но бројот на работниците е многу поголем од бројот на капиталисти. Сумата вишок на вредност, која им овозможува на неколку илјади капиталисти живот полн со уживања и луксуз, поделена на милионите работници не може значително да го подобри животот на ниту еден поодделен работник. Социјализмот, значи, не може со едноставната промена на распределбата на општествените приходи од трудот значително да ја подобри положбата на масите. Тој може само тогаш забележително да го подобри животот на масите кога ќе успее значително да ги зголеми самите општествени приходи од трудот; кога, значи, ќе биде во состојба да го зголеми, рационализира и интензивира производството.
Карл Кауцки во 1902 пресмета дека конфискацијата на вишокот на вредноста би дозволила дуплирање на приходите на работниците, кога вишокот на вредноста би се разделил помеѓу работниците. Но тоа не е случај, зашто поголемиот дел од вишокот на вредноста мора и по “експропријацијата на експропријаторите" да се употребува за зголемување и усовршување на општествениот производствен апарат. “Гледаме, значи, дека за зголемување на наемнините не останува премногу од сегашните приходи на капиталистите, дури и кога би го конфискувале капиталот со еден удар. Поради тоа ќе биде безусловно нужно производството да се зголеми над неговата денешна мерка за работничките наемнини да можат да бидат зголемени."[2] Ако тоа беше точно во 1902, тогаш тоа денес важи уште повеќе, зашто вишокот на вредност што сега би можел да биде разделен помеѓу работните маси е многу помал од она што беше пред војната.
Сумата на вишок на вредноста која се произведува во едно општество зависи, прво, од сумата производствен труд кој што се врши во општеството и, второ, од стапката на вишок на вредноста. А самата стапка на вишокот на вредноста зависи од продуктивноста на трудот. Таа “се качува со качувањето, а паѓа со паѓањето на производните сили."[3] Денес, од една страна се врши многу помалку труд отколку пред војната, поради недостигот на суровини и јаглен, а од друга страна продуктивноста на трудот е многу помала отколку пред војната поради пустошувачкиот начин на работа во земјоделието и рударството кој се вршеше за време на војната и поради физиолошкото слабеење на работната сила. Поради тоа денес сумата на вишок на вредност мора да биде помала отколку што беше пред војната.
Од друга страна, општеството сега мора да акумулира уште поголем дел од вишокот на вредноста од вообичаено. Зашто откако војната го прекина не само проширувањето и усовршувањето на општествениот производствен апарат, туку ја наруши и простата репродукција на расходуваните средства за производство преку тоа што уништи огромни количини на средства за производство, сега мора да се употреби многу поголем дел од општествениот труд за репродукција и проширување на општествениот производствен апарат од она што е вообичаено. Но ако вишокот на вредноста е многу помал од порано и ако мора да се акумулира многу поголем дел од вишокот на вредноста од порано, тогаш е јасно дека општеството и при целосна конфискација на вишокот на вредноста би можело само малку да го зголеми приходот на работниците. Денес повеќе од кога било е вистина дека животот на масите не може да се подобри преку едноставна промена на распределбата на општествените приходи од трудот, туку само преку зголемување на производството.
Поради тоа социјализмот не мора да го промени само расчленувањето на производството, поставувајќи на местото на производството на луксузни производи за капиталистите производство на животни намирници за работниците; тој мора што повеќе и пред сé да го зголемува и рационализира производството воопшто. Тој го зголемува производството на тој начин што ја совладува анархијата својствена за капитализмот, дури и за организираниот капитализам, што плански го организира производството и поделбата на производите, што ја исклучува конкуренцијата и трговијата, што префрла во производствениот труд големи маси на луѓе, кои делумно се активни непосредно во конкурентската борба, а делумно се вработени во производството на конкурентни потреби. Тој го рационализира производството на тој начин што го концентрира во технички најсовршените претпријатија и го снабдува со најсовршени средства за производство. Но овие два процеси, како претворањето на широките човечки маси од органи на конкуренцијата во органи на производството така и концентрирањето и рационализирањето на производството, бараат префрлање на големи човечки маси од една струка во друга и нивно преселување од едно место во друго и градење на многу нови работилници и станови, значи, во секој случај бараат доста време; тие во секој случај можат да се извршат само постепено, а при денешниот недостиг од јаглен и суровини можат да се извршат особено бавно. И само дотолку доколку тие бидат извршени, социјализмот може навистина да го подобри животот на масите.
Подобрувањето на животот на масите претпоставува, значи, не само правен акт на експропријација на експропријаторите, туку и економски процес на рационализација на општествениот апарат на производство и распределба. Ако економскиот процес може да се спроведе единствено постепено, тогаш единствено постепено ќе се подобрува и животот на масите, иако правниот акт на експропријација е декретиран со еден удар.
Демократскиот и деспотскиот социјализам се разликуваат пред сé во тоа што на различен начин го извршуваат правниот акт на експропријација на средствата за производство и конфискацијата на хартиите кои даваат право на вишок на вредност. Ако се сака експропријацијата и конфискацијата да бидат извршени со еден удар, тогаш се потребни средствата на диктатурата и насилството. Демократијата може да спроведе експропријација и конфискација само постепено, само чекор по чекор, само преку методска преобразба на постојните правни установи. Поради тоа не подлежи на никакво сомневање дека диктатурата е средство со кое значително се забрзува правниот акт на социјализација. Но е сосема друго прашање дали диктатурата може да го забрза и економскиот процес на социјализација, дали може да ја забрза преобразбата и рационализацијата на производството. И само ако го може тоа, само тогаш таа навистина е средство за забрзување на подигањето на животот и културното ниво на масите.
Но лесно е да се забележи дека преобразбата и рационализацијата на производството и поделбата на производите зависи од одредената структура на капиталистичката народна економија која социјализмот ја затекнува, дека тоа мора да биде извршено на поинаков начин во поодделните народни економии.
Многу голем дел од руската индустрија им припаѓаше на странските капиталисти. Таму присвојувањето на вишокот на вредноста се вршеше на следниов начин: Руското индустриско претпријатие им ги продаваше своите производи или на селаните или на државата, која ги плаќаше преку данокот од селаните. За да може да купи индустриски производи и да плати даноци, селанецот мораше да продава жито. Тој им го продаваше на трговците, кои го извозуваа житото во странство, менуваа за него странски средства за плаќање и тие средства за плаќање им ги продаваа на индустриските претпријатија. Индустриските претпријатија ги употребуваа овие средства за плаќање за исплата на дивидендата на своите странски акционери. Целиот овој процес на оптек во основа резултираше со тоа што индустриските претпријатија ги разменуваа своите производи за жито и во обликот на ова жито им го носеа вишокот на вредноста на своите странски акционери, а ним им оставаа ова жито да го разменат за производите на нивната домашна луксузна индустрија. Ако сега се уништат хартиите кои даваат право на вишок на вредност, ако дивидендата повеќе не им се дава на акционерите, туку им се доделува на работниците, тогаш се менува само тоа што житото, кое селанецот го продава за да има да купи индустриски производи, повеќе не се извезува во странство, туку го купуваат и трошат руските работници; исто така, количеството на жито кое ќе биде купено со профитот на индустриското претпријатие сега не им припаѓа на странските акционери, туку на руските работници. Преобразба на руското производство во овој случај воопшто не се врши; се менува само распределбата на производот.
Сосема е поинаку кога, на пример, во Англија би се уништиле хартиите кои даваат право на вишокот на вредност. Англискиот капиталист го менува вишокот на вредноста за производи на англиските луксузни индустрии. Ако сега се експроприраат капиталистите и вишокот на вредноста им се додели на работниците, тогаш од една страна мора да се затворат луксузните индустрии, а од друга страна мора да се зголемат оние гранки на производството кои произведуваат животни намирници за англиските работници, како и оние што произведуваат стоки за извоз за кои Англија разменува странски животни намирници за потребите на своите работници. Овде, значи, уништувањето на хартиите кои даваат право на вишок на вредност бара реален процес на преобразба, префрлање на работните сили и на средствата за работа од индустриските гранки кои произведуваат производи за потребите на капиталистите во другите гранки на производството.
Бидејќи во Русија странскиот капитал владее со голем дел од индустријата, за разлика од Западна и Средна Европа каде што преовладува домашниот капитал, јасно е дека преобразбата на производството, која бара уништување на капиталистичката експлоатација, во Западна и Средна Европа ќе биде нужно во неспоредливо поголема мерка отколку во Русија.
Руската индустрија е многу млада. Сите придобивки на модерната техника се внесени готови во Русија. Поради тоа руската индустрија се концентрира во релативно мал број претпријатија, технички многу усовршени. Поради тоа социјализмот може да ја преземе индустријата, не морајќи суштински да го промени апаратот на производството. Поинаку е, на пример, во Англија. Тука, фабричката индустрија органски се развиваше отприлика еден век, па поради тоа во секоја индустриска гранка постојат едни крај други многу претпријатија со различна големина и со многу различно техничко совршенство. Овде социјализмот ќе може и ќе мора да се зафати со тоа да ги затвори заостанатите претпријатија и да го концентрира производството во технички најсовршените претпријатија. Рационализацијата на општествениот производствен апарат во старите индустриски земји, значи, ќе биде задача од несразмерно поголеми размери отколку во Русија.
Во Русија селаните се преовладувачко мнозинство од населението и од производите на селската економија многу голем дел не се продава, туку се троши од страна на самите селани. Поголемиот дел од производите на трудот на рускиот народ, значи, не се состои од стоки кои се произведуваат за пазарот, туку од добра кои се произведуваат за сопствени потреби. Сосема е поинаку, на пример, во Англија, каде земјоделието претставува само релативно мал дел од националното производство, а и земјоделието главно произведува за пазарот, а не за сопствени потреби. Во индустриските држави, значи, многу поголем дел од националниот производ на трудот е составен од стоки отколку во Русија. Поради тоа во индустриските земји и многу поголем дел од населението е вработен во тргувањето со стоки, активен е во конкурентската борба и е употребуван во производството на средства за конкуренција отколку во Русија. А социјализмот мора, како што знаеме, да ја рационализира општествената организација на распределбата и да ги префрли на производствен труд човечките маси кои капитализмот ги употребува во конкурентската борба и во производството на потреби на конкуренцијата. Се гледа дека и овој процес ќе мора да земе значително поголеми размери во Западна и Средна Европа отколку во Русија.
Произлегува, значи, дека сите три процеси, кои ја претставуваат економската содржина на социјализацијата, ќе бидат спроведени во значително поголем обем во Западна и Средна Европа отколку во примитивната руска народна економија. Прашање е сега дали нивното спроведување може да се потпомогне и забрза преку диктатура на пролетаријатот. Изгледа дека всушност тоа е случајот. Диктатурата насилно го крши не само секој отпор кој буржоазијата може да го врши против големиот процес на преобразба и рационализација, туку таа многу полесно од демократскиот социјализам го крши и секој отпор на кој овој процес на преобразба наидува кај самата работничка класа. Големите маси работници мораат од досегашните струки и места на живеење да бидат префрлени во други струки и места на живеење, ако се сака да се изгради социјалистичкото производство. Професионалните и локалните посебни интереси на поодделни работнички слоеви доаѓаат во противречност со општиот интерес на работничката класа. Токму поради тоа што диктатурата на пролетаријатот станува диктатура над пролетаријатот и доколку таа тоа станува, може многу побрзо од демократијата да спроведе преобразба на целото производство и распределба, што е претпоставка на социјализмот.
Но дали насекаде е можно да се извојува големиот процес на преобразба преку средствата на диктатурата? Во Русија процесот на преобразба и рационализација е нужен само во релативно мали димензии. А рускиот работник го поднесува тоа што советската власт го мобилизира во армиите на трудот и што го праќа таму каде што и' е потребна. Во Англија процесот на преобразба и рационализација мора да продре многу подлабоко во животните навики на масите. Таму милиони работници мораат да бидат префрлени во нови струки и да бидат преселени во нови места на живеење. Дали англискиот работник, чиј силен индивидуализам, чие упорно настојување на автономијата на поодделното претпријатие и поодделната индустриска гранка така јасно се изразува во неговиот идеал на “индустриска демократија", дали тој би го поднесувал тоа кога диктаторската власт, па дури и ако тоа е власта која ја поставила работничката класа, би сакала да го затвори неговото претпријатие, кога би сакала да му нареди премин на друга струка, преселување во друг град? На руското културно ниво може да се изврши, па поради тоа и да се забрза, големиот процес на преобразба во производството под диктаторската принуда. Во високоразвиената индустриска држава, со работништво кое се чувствува индивидуалистички, воспитано во светот на идеите на self-government, секој таков обид би наишол на отпорот на самите работнички маси. Овде големиот процес на преобразба не може да се изврши поинаку освен постепено, во постојан договор со поодделните индустриски и професионални групи, грижливо чувајќи ги нивните посебни интереси. Во високоцивилизирана средина процесот на преобразба и рационализација нема да може да се спроведе преку принудно префрлање на возрасните работници во новите струки, туку само преку планска акција на населување, која се спроведува не преку принуда туку само преку примамливоста на поповолните услови на живот. Но од тоа следува дека овој процес ќе трае неспоредливо подолго, дека ќе се врши само постепено.
Бесцелно е со еден удар да се изврши правниот акт на експропријација и конфискација, ако економскиот процес на социјализација може да се изврши само постепено, само во текот на неколку генерации. Зашто тоа би ја имало само таа последица што широките маси на работници од луксузните индустрии, интелектуалците, трговците, трговските службеници итн. би останале без работа и веднаш не би можеле да бидат префрлени во други струки, дека поради тоа животот на широките работнички слоеви значително би се влошил, а истовремено ни најмалку не би се подобрил животот на целата работничка класа. Поради тоа е поцелисходно и правниот акт на социјализација да се врши само постепено и тоа само со онаа брзина со која може да се врши економскиот процес на социјализација: значи, да се анулираат хартиите кои даваат право на вишок на вредност само чекор по чекор, со онаа брзина со која работниците од луксузните индустрии, кои поради ограничувањето на капиталистичката побарувачка ќе останат без работа, ќе можат да бидат префрлени во другите гранки на производството; да се експроприра индустријата и трговијата само со онаа брзина со која оние што се активни во конкуренцијата можат да бидат префрлени во областа на производството и со која производството може да се рационализира. Фактот дека економската преобразба може да се изведи само постепено бара и правниот акт да не се врши преку нагло, насилно раскинување со минатото, туку преку планска преобразба на она што постои, значи, не преку методите на диктатурата, туку преку методите на демократијата.
Но навистина е можно отпорите што стојат на патот на правниот акт на социјализација да можат да се скршат само преку диктаторски средства. Но и во овој случај диктатурата може да биде само преодна фаза која го декретира правниот акт; економскиот процес кој доаѓа по него може да се изврши само постепено, само преку самостојното делување на самите работни маси, значи, само на тлото на демократијата. Тоа, се разбира, е многу подолг процес; деспотизмот кој му го наметнува новото уредување на народот делува многу побрзо од демократијата, која може да го изгради новото уредување само дотолку доколку тоа созрева во свеста на самите маси. Но затоа бавниот демократски процес на преобразба може многу поуспешно да го подобри животот на народот отколку диктаторската принуда.
Пред сé, диктатурата во Русија не го подобри животот на градските работници, туку стравотно го влоши. Ова влошување е последица на граѓанската војна, на блокадата од страна на капиталистичкото странство и на привременото анархизирање на производството. Ако овие непосредни последици на револуцијата бидат совладани, тогаш, природно, значително ќе се подобри животот на масите. Но не смееме да го преценуваме она што социјализацијата на индустриското производство и распределба може да го направи за подобрувањето на животот. Социјализмот може, како што видовме, преку конфискација на вишокот на вредноста да го подобри животот на масите само во мала мера, а во поголема мера само преку тоа што ќе го зголеми и рационализира производството. Но во овој поглед социјализмот токму во Русија може малку да направи: тој може релативно малку да го зголеми производството, затоа што таму човечките маси, кои треба да се префрлат од областа на конкуренцијата во областа на производството, претставуваат релативно мал дел од народот, а капитализмот му остави релативно малку работа околу рационализирањето на индустриското производство, зашто веќе пренесе во Русија индустрија во најконцентриран, технички најсовршен облик. Рускиот болшевизам ќе има многу работа повторно да ја доведе руската индустрија на технички толку рационално производство колку што беше достигнато пред револуцијата; рационализирањето над овој степен уште долго време нема да му биде можно.
Најважно средство за зголемување на продуктивноста на трудот на рускиот народ, а со тоа и за подобрување на животот на руските народни маси во градовите и селата, не е социјализацијата на индустријата, туку рационализацијата на земјоделието. Но рационализацијата на земјоделието претпоставува подигнување на културното ниво на селаните, зашто само на повисок културен степен селанецот ќе биде способен да премине од традиционалните методи на работа кон посовршените. Но кога селанецот ќе стане културно зрел за поинтензивно стопанисување, тој ќе стане и премногу зрел да ја поднесува диктатурата на индустрискиот пролетаријат. Диктатурата во Русија може да ја зголеми продуктивноста на трудот, да го подобри животот на масите не преку тоа што ќе ја забрза социјализацијата на индустријата, туку само дотолку доколку се труди да го подигне културното ниво на масите; но токму со тоа таа истовремено ги поткопува и основите на својата сопствена егзистенција: подигајќи ги селаните на повисоко културно ниво, самата ја создава основата на идната демократија.
Во Западна и Средна Европа, напротив, индустријата претставува неспоредливо поголем дел од општественото производство, нејзе во многу поголема мера и' е потребно рационализирање и таму треба да се префрли неспоредливо поголем дел од населението од областа на конкуренцијата во областа на производството. Тука општествениот процес на рационализација е можен и нужен во неспоредливо поголема мера. Поради тоа овде рационализацијата на производството и распределбата е неспоредливо поголем процес, кој може да се изврши само многу побавно; не диктаторски да се извојува, туку само демократски да се одработи; но токму поради тоа може преку овој процес на рационализирање, кој овде претставува вистинска задача за социјализмот, во неспоредливо поголема мера да се зголеми продуктивноста на трудот, па, значи, и животот на масите да се подобри во неспоредливо поголема мера.
Само неискажливо површното сфаќање на социјализмот ја гледа суштината на својата задача во социјализацијата на сопственоста, значи, во правниот акт на експропријација и конфискација. Всушност, социјализацијата на сопственоста е само празна форма; нејзината важна содржина е социјализацијата на производството: економската задача на преобразба на производството, на нова поделба на луѓето и работните сили според гранките на производство, на рационализација на производството и распределбата. Силата може да извојува социјализација на сопственоста преку еден удар. Социјализацијата на производството може да биде резултат само на методската работа која трае со десетлетија. За социјализација на сопственоста се доволни, се разбира, декретите на диктатурата; но со тоа луѓето нема да бидат доведени до повисоки облици на живот. Дури социјализацијата на производството му дава посовршена власт на човештвото над природата; но таа не може да биде дело на силата, туку само плод на демократското самостојно делување на сите оние што работат.
____________________
Фусноти
[1] Теориски гледано, станува збор за прекинување на производството во Одделот 2б и проширување на производството во Одделот 2а на општественото производство во смисла на Марксовиот “Капитал", том 2, 398 стр. и понатаму. Но ова претпоставува, како што многу јасно произлегува од Марксовото излагање, промени и во Одделот 1, значи, преобразба и ново расчленување на вкупниот општествен апарат на производството.
[2] Кауцки “Социјална Револуција. Вториот ден по социјалната револуција", Берлин, 1902, 21 стр.
[3] Маркс “Капиталот", том 1, 283 стр.