Ако Русија е едниот пол на човештвото, Англија е другиот. Во Русија штотуку беше соборен феудалниот начин на работење, штотуку е воспоставен буржоаски сопственички поредок на село; во Англија кулукот е заменето со паричен данок уште во 14-от век, а дури и полуфеудалниот copy-hold е потиснат уште во 15-от и 16-от век од страна на чисто буржоаскиот lease-hold,[1] така што веќе во 17-от век исчезнаа последните остатоци и траги од феудалниот начин на работење. Во Русија штотуку е победен апсолутизмот преку две силни револуции; Англија помина низ кратка фаза на апсолутизам само под Тудорите, во 16-от век, а од револуцијата во 17-от век понатаму постојано развиваше и градеше парламентарен облик на владеење, во 19-от век го претвори својот стар, олигархиски парламентаризам во демократски без насилна револуција, преку низа мирни реформи. Во Русија капитализмот беше нова појава, донесена од страна; англискиот капитализам секогаш органски се развиваше уште од 14-от век, од развитокот на капиталистичката трговија со волна и капиталистичкото одгледување на овци. Русија и денес сé уште е земјоделска земја, во која селаните се преовладувачко мнозинство од населението; Англија е индустриска држава, во која индустрискиот пролетаријат ја претставува масата на населението, а и со нејзиното земјоделие не се занимаваат селани, туку капиталисти и наемни работници. Русија ни покажува слика на пролетерската револуција во земјоделска земја која дури сега се ослободи од феудалното аграрно уредување и од апсолутистичкото државно уредување и во која сред џиновскиот селски свет својата борба ја водат младиот капитал, внесен од странство, и младиот пролетаријат кој штотуку се одвоил од селаните; Англија ни покажува слика на пролетерско движење на врвот од капиталистичкиот развиток, врз основа на буржоаски сопственички поредок и буржоаска демократија, кој се бори против капиталот што веќе со векови ги прилагоди сите гранки на општествениот живот на своите услови на живот.
Во Русија капитализмот стоеше во спротивност со општеството. Работничкото движење од почетокот се развиваше под влијание на револуционерниот социјализам, но и интелигенцијата, ситните буржуи и селаните стоеја непријателски наспроти капитализмот. Во Англија, напротив, капитализмот ги придоби не само сите поседнички класи, туку цел половина век духовно владееше дури и со пролетаријатот, ги помири со себе дури и работничките маси. Навистина, и англискиот пролетаријат ја доживеа својата револуционерна епоха; тој ја преживеа во времето кога фабричкиот систем во Англија беше млад исто толку колку и денес во Русија, во времето на чартизмот. Но, од сломот на чартизмот - од 1848 до крајот на 19-от век - капиталот завладеа не само со работната сила, туку и со душите на работниците. Работниците се помирија со капитализмот. Работничкото движење целосно се предаде на градењето професионално тесно ограничени синдикати, кои не беа поврзани преку заедничка класна идеологија, на мирното склучување колективни работни договори, на развитокот на каси за заемна помош и задруги. Поодделни работнички слоеви ги чуваа своите посебни интереси во капиталистичкото општество, но работничката класа не јуришаше против капиталистичкото општество.
Дури од Бурските војни англиското работништво се разбуди од капиталистичката хипноза. Откако се зголемија цените на животните намирници на светскиот пазар, а подобрата организираност на претприемачите и зголемената конкуренција на светскиот пазар од страна на германската и американската индустрија го отежнаа спроведувањето на зголемувањето на надниците, падна реалната наемнина на англиските работници. Сé поголемото незадоволство ја разбуди заспаната класна свест. Незадоволството од успесите на синдикатите притискаше кон политиката. Основањето на Labour Representation Comittee (1900) и неговото претворање во самостојна партија (1903), првата голема изборна победа на Лабуристичката партија при парламентарните избори од 1906, беа првите знаци на пресвртот. Тој беше поздравен со најпретерани надежи. “Сé поголемото влијание на Лабуристичката партија им влева страв на поседничките класи, а стравот од штрајк престана на биде сила во индустрискиот живот."[2]
Разочарувањето мораше да дојде. Во парламентот, кој беше целосно преокупиран со борбата помеѓу приврзаниците на заштитните царини и приврзаниците на слободната трговија, Labour Party не можеше да биде ништо повеќе од привезок на големата Либерална партија. Нејзините општествено-политички успеси, колку и да се значајни сами по себе, не можеа да ги задоволат масите во периодот на нагло поскапување и нагло паѓање на реалните наемнини. Нивниот тесен реформизам не можеше да разбуди никакво воодушевување. “Токму во моментот кога поседничките класи една на друга си честитаа што среќно ја апсорбираа парламентарната Лабуристичка партија, со драматични последици и со експлозивна сила избива немирот на работниците во целата земја."[3]
Се разбуди желбата на масите за борба. Бран од штрајкови ја заплисна земјата. Штрајковите се концентрираат и подигаат до џиновски борби, како, на пример, штрајковите на железничарите, на пристанишните и рударските работници во 1911 и 1912. Иницијативата за движењето преминува од водачите на масите: масите се подигаат против синдикалното водство, донесуваа заклучоци за штрајковите против синдикалните правила. Истовремено кај масите се појавува зголемена интелектуална живост. Ако основањето и развитокот на Labour Party го стави по прв пат англиското работничко движење под водство на социјалистите, разочарувањето од Labour Party ги направи масите приемчиви за учењата на францускиот синдикализам и американскиот Industrial Unionism. Социјализмот и синдикализмот се борат за работничките души. Во притискањето за преобразба на синдикатите, за демократизација на нивните правила и за радикализирање на нивните методи на борба, за победа над “секционализмот" преку спојување на струковите синдикати во индустриски синдикати и преку примање на неквалификуваните работници во овие синдикати, во потиснувањето на постарите генерации од помладите годишта, воспитани под силно влијание на германскиот социјализам и францускиот синдикализам - во сето тоа се гледа вриењето во работничките маси.[4]
Разочарувањето од Labour Party ги фрли масите на синдикална акција. Но револуционерното расположение на масите ја исполнува синдикалната акција со нов дух. Масите повеќе во штрајкот не гледаат единствено борба за подобрување на овој или оној член од колективниот работен договор, туку битка во војната против самиот капитализам. “Најважно е" - вели Хоџис, секретар на Федерацијата на рударските работници - “што луѓето, вработени во индустријата, станаа свесни за тоа дека ниту тие, ниту нивните татковци пред нив, за целото време од својот живот немаа никакво влијание врз раководењето со индустријата."[5] На масите подобрувањето на условите за работа не им е крајната цел на синдикалната акција, туку “контролата" на синдикатот над самата индустрија.
Во оваа фаза од развитокот дојде војната. Британската влада беше принудена да воведе општа воена обврска и целата индустрија да ја стави во служба на војната. Квалификуваните работници мораа да ги пуштат жените и неквалификуваните работници на местата во фабриките кои до сега беа резервирани за нив и мораа да се откажат од многу синдикални одредби кои го спречуваа зголемувањето на продуктивноста на трудот. Работништвото во воените претпријатија мораше да ја жртвува својата слобода на движење и своето право на штрајк. Британската влада не можеше да се осмели сето тоа да им го наметне на работниците. Таа мораше пред донесувањето на каков било закон кој се однесуваше на војната да преговара со синдикатите, со нив да склучува компромиси; парламентот можеше да одлучува само за она што беше договорено со синдикатите. Оваа практика, која се вршеше од ден за ден за време на целата војна, силно ја подигна самосвеста на работниците. Од друга страна, војната целосно го промени устројството на англискиот капитализам. Државата ја презеде контролата над воената индустрија, над железницата и рудниците, ја регулира паричната и стоковната трговија и ја организира распределбата на животните намирници и суровини; на местото на индивидуалниот капитализам стапи државниот капитализам. Фактот дека државата владее со народната економија кај работничките маси ја буди потребата да завладеат со државата; тој, значи, ги носи масите кон социјализмот. Но искуствата од воената економија истовремено покажуваат колку малку државната бирократија е способна да ја организира народната економија, а тоа ги исполнува масите со омраза против семоќта на државата, која ги регулира сите манифестации на животот на поединецот, ја ограничува секоја политичка слобода; така, таа ја зајакнува синдикалистичката струја во работничкото движење.
“Немирот на трудот" непрекинато се јавуваше дури и за време на војната. Штом помина војната, тој почна да делува со зголемена сила. Сепак сега ова движење има нешто поинаков карактер отколку претходно. Политичката акција на Labour Party и синдикалната акција исполнета со револуционерно борбено расположение на масите повеќе не им изгледаат како спротивни. Растежот на Labour Party, непосредното политичко дејство на силата на синдикатите, директната акција на штрајковите - сето тоа сега се само различни страни на истиот развиток. А обединувањето на политичката и синдикалната акција го наоѓа својот израз и во идеологијата на движењето, што ги слева во повисоко единство реформистичкиот државен социјализам на Labour Party со синдикализмот на револуционерните елементи во синдикатите. Синтезата на овие две е англискиот “гилдски социјализам". Потекнат од идеалот на постариот ситно-буржоаски социјализам, во последната деценија гилдскиот социјализам доживеа развиток кој му овозможи постепено да стане најсилна духовна сила во англиското работничко движење.
Англискиот гилдски социјализам ни го обележува како свој идеал социјалистичкото општество. Средствата за труд треба да бидат сопственост на државата. Но државата не треба да управува со нив преку својата бирократија, туку управувањето со нив да им го пренесе на оние што работат. Секој синдикат се претвора во “национална гилда", т.е. во производна задруга која ја опфаќа целата државна област и таа го презема управувањето со својата индустриска гранка. Националната гилда при внатрешното управување со својата индустриска гранка е слободна од влијанието на државата. Но онаму каде што одредена индустрија се појавува наспроти општеството, таму наспроти неа како застапник на потрошувачите се појавува државата, месните самоуправни тела или кооперативните друштва; за квалитетот и за цената на стоката која се произведува одлучува мешовит одбор, составен од гилдата и од телото што е повикано да ги застапува општите, потрошувачки интереси. Така државата секоја индустриска гранка во нејзините внатрешни работи ја остава на самоуправувањето на нејзините работници, а во работите кои се однесуваат и на потрошувачите - на заедничкото самоуправување на работниците и потрошувачите. А самата држава ги изедначува уделите во општествените приходи од трудот на сите оние што работат на таков начин што како сопственик на средствата за работа зема рента од секоја национална гилда и преку степенување на овие ренти ги изедначува разликите во приходите од трудот.
Сега овој идеал непосредно станува движечка сила. Пред сé рударските работници, помогнати од целото работништво, започнуваат грандиозен поход кој ја потресува целата земја, при што се обидуваат да спроведат национализација на рудниците, а нивното управување да биде заеднички организирано од страна на државата и рударските работници. Железничарите, поштенските и телеграфските чиновници си поставуваат слични цели.
Но гилдскиот социјализам смета дека сега и за одреден подолг период може да се спроведе само социјализација на рудниците и железниците. Тој верува дека до социјализирање на другите индустрии ќе дојде по друг пат. Претприемачите, сé повеќе притиснати од “немирот на трудот", според него, ќе се видат дека принудени да им понудат учество во управувањето со индустријата на работниците. Како што поединечниот капиталист прима во својата фирма junior partner, помлад ортак, така и претприемачите ќе бидат подготвени да им дадат на работниците некој вид junior partnership, еден вид учество во управувањето со индустријата на второ, подредено место. Ќе бидат основани индустриски самоуправни тела, “мешовити одбори", од претприемачите и работниците за да им се дозволи на работниците да учествуваат во управувањето и одговорноста. Но работништвото не смее да се задоволи со тоа. Тоа мора, потпрено врз своите синдикални средства на моќ, сé повеќе да ја шири својата контрола над индустријата, да присвојува една функција на претприемачот по друга сé додека најпосле ниту една функција во индустријата не преостане за претприемачот и работништвото не стане зрело да управува со индустријата. Тогаш ќе биде можно капиталистите кои останаа без функции целосно да се исклучат од индустријата. Зашто секоја класа која повеќе не врши никаква општествена функција - изумира.[6]
Гилдскиот социјализам има и револуционерен дух, зашто се развиваше под силно влијание на револуционерниот синдикализам. А и неговите водачи сé повеќе истакнуваат дека крајното целосно исклучување на капиталистите од индустријата ќе биде можно веројатно само преку револуционерен пат. Но тој ја става револуцијата не на почетокот, туку на крајот: работништвото најпрво мора преку постојано ширење на својата контрола над индустријата практично да ја научи оваа контрола, да се здобие со способности за управување со индустријата пред да може да го преземе тоа управување.[7]
Гилдскиот социјализам ги темели своите практични предлози и своите теориски слики на иднината врз текот на мисли кој произлезе од посебниот, англосаксонски вид демократија. Демократијата во Англија се разви сосема поинаку отколку на континентот. Овде уште апсолутизмот ги укина феудалните “слободи" на личностите, градовите, провинциите, и ја потчини целата земја на својот владејачки апарат. Буржоаската револуција не го осуети овој процес, туку го доврши. По буржоаската револуција со земјата владееше бирократската машинерија со која раководеше централната власт и се промени само тоа што оваа централна власт не ја поставуваше и контролираше апсолутниот владетел, туку парламентот кој произлезе од општите народни избори. Поинаку беше во Англија. Таму апсолутизмот никогаш не се разви. Тој никогаш не можеше да создаде бирократски владејачки апарат. Феудалните “слободи" на личностите, градовите, околиите, никогаш не беа укинати. Напротив, буржоаската револуција тука се состои во тоа што “слободите", кои бароните, ситното благородништво и градскиот патрицијат ги откинаа од Плантагенатите, Тудорите и Стјуартите,[8] станаа наследство прво на буржоазијата, а потоа и на целиот народ. На местото на “поткупливите парохиски собири, градските одбори кои водат валкана трговија со пари, бесни поради гневот на управниците на сиропиталиштата во градовите, и фактички наследните мировни судии на село,"[9] реформските закони од 1882, 1888 и 1894 поставија демократски самоуправни тела во околиите, окрузите и парохиите. Благодарение на своето од основа поинакво потекло, англиската демократија има сосема поинакви карактерни црти отколку континенталната. Во Франција целиот народ го избира парламентот, од него се формира влада и таа управува и владее со целата земја преку својата бирократија; поединечен граѓанин или група од населението може само посредно да влијае врз управниот апарат, само преку учество на парламентарните избори. Напротив, во Англија самиот народ управува со своите работи во парохијата, округот и околијата; тој во локалните самоуправни тела ја врши својата “self-government", својата самоуправа. Државата е само највисоко самоуправно тело кое треба да управува со заедничките работи за целата земја, но не смее да ја ограничи самоуправата на поодделните околии, окрузи и парохии. „Self-government“ на локалните здруженија во државата е темелот на англиската демократија.
Гилдскиот социјализам ги пренесува принципите на англиската демократија од политичката област на економската. Ако политичката демократија значи дека народот повеќе не дозволува со него да владее кралот или олигархијата, туку дека самиот владее, тогаш исто така не треба повеќе да дозволува ниту во економскиот живот капиталистичката класа да владее со него, туку самиот да владее. Социјализмот не е ништо друго освен „industrial democracy“, економска демократија. А демократијата овде се сфаќа во англиска смисла: исто како што политичката демократија почива на “self-government", на самоуправата на градовите и околиите, исто така и економската демократија мора да биде втемелена врз “self-government" на поодделните индустриски гранки и претпријатија. Исто како што англиската демократија ја отфрла власта врз локалните управни области од страна на чиновниците кои ги испраќа централната влада, исто така таа мора да го одбие и државниот социјализам кој економската управна област им ја предава на управување на чиновниците кои ги поставува централната влада. Исто како што политичката власт на државата е ограничена со правото на самоуправа од страна на месните управни области, исто така мора да се ограничи и економската моќ на државата преку правото на самоуправа од страна на индустриските гранки. Така гилдскиот социјализам ја определува целта како “industrial self-government", економско самоуправување.
Гилдскиот социјализам, присвојувајќи ги принципите на англиската демократија за да ги примени на економската област, го апсорбира и целиот старо-англиски индивидуализам, кој лежи во основите на овие принципи. Тој се јавува како застапник на слободата на поодделните работници и на поодделните групи работници против државната власт. Тој го отфрла државниот социјализам, зашто управувањето со индустријата од страна на државата не би значело ништо друго освен потчинување на поодделните работници на семоќната бирократија. Тој изјавува дека слободата на работниците е исто толку малку компатибилна со тоа со индустријата да раководат чиновници кои ги поставува државата, па макар тоа биле и чиновници на државата со која управуваат работниците, колку што е малку компатибилна со тоа со индустријата да господарат капиталистичките претприемачи. Најпосле, тој оди толку далеку што во интерес на слободата на поодделниот работник и на поодделните групи работници повеќе сака поделба на контролата над индустријата помеѓу работниците и претприемачите отколку самата држава да господари со индустријата.[10] И токму од овој став произлегува неговото гледање на општествената револуција. Државниот социјализам, кој го пренесува раководењето со претпријатијата на фабричката бирократија поставена од страна на едно напредно малцинство работници кое управува со државата, кое бара “безусловна потчинетост" (Ленин) на работниците пред управувачите со процесот на производство поставени од државата и снабдени од неа со “најшироки дисциплинирачки права" (Троцки) за спроведување на ова потчинување, таквиот државен социјализам навистина е секогаш можен, каков степен на развој и да достигнало работништвото; напротив, социјализмот кој треба да биде изграден врз „self-governing workshop“, врз претпријатие кое управува самото со себе, можен е само тогаш кога работничката класа преку постепеното проширување на својата контрола над индустријата веќе се стекнала со интелектуални и морални способности кои се претпоставки на индустриската самоуправа. Работништвото мора најпрво да ги искористи своите синдикални и политички борбени средства за да ја прошири што повеќе својата контрола над индустријата, пред преку праксата на оваа контрола да се оспособи не само да го исфрли капиталистот од претпријатието, туку и самото да ја преземе контролата над индустријата.
Болшевизмот настана во крилото на руската социјалдемократија од спорот околу обликот на организацијата на социјалдемократската партија. Меншевиците сакаа да ја конституираат партијата како федерација на демократски организации формирани од самите работници. Болшевиците се плашеа дека пристапувањето во организацијата на нешколуваните работници, кои мислат само на своите најнепосредни економски интереси, ќе го ослаби револуционерниот карактер на партијата. Според Лениновите организациони планови од 1902 и 1903, партијата треба да биде составена од мали одбори на “професионални револуционери", со кои раководи централниот комитет и кои требаат да ги потчинат работниците кои требаат да ги организираат и водат. Болшевиците од меншевиците ги раздвојуваше идејата на “диктатура на револуционерната организација над движењето на масите."[11] Ова диктатура на цврсто централизираната револуционерна организација над движењето на масата болшевици денес повеќе не се остварува во тесните рамки на малата партиска организација, туку во целата огромна Русија. Диктатурата на цврсто централизираната државна власт, со која владеат “професионални револуционери", над сите работни сили и работници - тоа е болшевизмот. Тоа е социјализам на идеолозите на работничкото движење, на кои пролетерското движење на масите им е само средство за остварување на општествениот идеал и кои, бидејќи самите не се плашеа од никакви жртви во револуционерната борба, сакаат да го остварат својот идеал по секоја цена, дури и кога масите најпрво мораат да поминат низ пустошот на гладот, студот, робувањето на државата, војната, за да стигнат до ветената земја.
Напротив, мислата на индустриската демократија израсна од самите борбени работнички маси. Кога работништвото при практиката на синдикалните борби постојано го засилува своето влијание врз индустријата, кај него се раѓа мислата својата контрола над индустријата непрекинато сé повеќе да ја проширува сé додека не може самото целосно да ја преземе индустријата. И како што работништвото ја засилува својата синдикална акција преку политичката акција на партијата, во која се обединуваат поодделните синдикати, целосно зачувувајќи ја својата автономија во индустриските работи, така тоа ја замислува и идната социјална држава како федерација на автономните “национални гилди". Тоа не е социјализам на идеолози за кои пролетаријатот е само средство за идејата, туку социјализам на самото работничко движење кое само си создава своја сопствена идеја во секојдневната практика и од секојдневната практика на борба во работилниците.
Рускиот болшевизам и англискиот гилдски социјализам се најостри спротивности во социјалистичкиот свет на идеи, иако нивниот тек на мисли често меѓусебно се приближува при полемиката против парламентарниот државен социјализам. Рускиот пролетаријат израсна во револуционерната борба против царизмот. Тој на местото на семоќната државна власт на царизмот ја постави исто толку семоќната државна власт на пролетаријатот. Неговиот социјализам на местото на неограничената власт на капиталистите во претпријатијата ја поставува исто толку неограничената власт на поверениците на државната власт, која не е ништо друго освен владејачко средство на револуционерната авангарда на работничката класа. Англискиот пролетаријат, напротив, се разви на тлото на демократијата, која непопустливо ја чува слободата на личноста, самоуправата на општините против секое мешање на државната власт, па макар тоа била и демократски формираната државна власт; поради тоа неговиот социјализам пред сé внимава на тоа да ја штити слободата на работниците, самоуправата на поодделните индустриски гранки против секоја узурпација од страна на државната власт, па макар со таа државна власт владеела работничката класа. И во оваа спротивност не се изразува само националната различност на руската и англиската работничка класа, која е производ на нивните различни истории, на нивните различни традиции, на различноста на нивните наследени идеологии. Напротив, во оваа различност ние ја осознаваме различноста на начинот на мислење на пролетаријатот воопшто на различни степени од неговиот развиток.
Најпрв и најсилен двигател на социјализмот е бунењето против економската нееднаквост. Работникот ја споредува својата беда со богатството на капиталистот. Тој сака да ја преземе власта за да го “ограби ограбеното", за да може да извојува економска еднаквост на сите. Беше потребен деспотизмот на апсолутистичките монархии од 15 до 18 век за да се изедначат илјадо-струките разлики во “слободите" и “правата" од феудалната епоха, да се воспостави општа правна еднаквост најпрво во еднаквата бесправност на сите наспроти самоволјата на апсолутната кнежевска власт за со тоа да може да се создаде основата врз која буржоаската револуција можеше да ја оствари еднаквоста на сите пред законот. Исто така е потребна и деспотска диктатура на пролетаријатот за во краток рок, преку безобѕирни удари против секој отпор на привилегираните, да се изедначат сопственоста и приходите на сите. Првобитниот комунизам на еднаквоста води кон диктатура на пролетаријатот.
Но онаму каде што пролетаријатот веќе минал низ подолг период политичка демократија и пролетерска организираност, таму социјализмот никнува од друг корен. Подигањето на народното образование, живото учество во политичките и синдикалните борби, самовоспитувањето во работничките организации, подолгото слободно време за што работништвото треба да му заблагодари на заштитното законодавство и на синдикалните борби, прават робовите на трудот од минатото постепено да израснат во слободни, самосвесни личности. И доколку работникот станува личност, неговото тежнеење кон слободата станува најсилен поттик на неговото мислење и делување. “Не е само и не е толку нееднаквоста во богатството, не се спротивностите во распределбата она што ги води работниците кон колективизам, колку протестот против самоволието на индивидуалното претприемништво, колку идеалот на слободни работилници."[12] Како што слободниот човек во државата не сака повеќе да му се потчинува на кралот, кој само случајноста на правото на наследство го направи негов господар, дури и кога власта на тој крал е тесно ограничена со Уставот, исто така тој повеќе нема ниту во претпријатието да биде потчинет на господарот според милоста на правото на наследство, дури и кога синдикатот веќе значително ја ограничи моќта на овој господар. Тежнеењето кон слобода сега го води работникот кој созреа до личност кон социјализмот. Но тоа тежнеење не наоѓа свое задоволување во деспотскиот социјализам, кој семоќната централна власт, макар таа била и централна власт која ја поставува работничката власт, ја прави господар на секое претпријатие, на секој работник, туку само во општествено уредување кое на секоја личност и' обезбедува широко поле на слободно делување, на секоја работна заедница - широка самоуправа. Од тежнеењето кон слобода на високоразвиениот пролетаријатот израснува идеалот на индустриската демократија, industrial selfgovernment.
Развитокот на самиот капитализам ја помага оваа промена на пролетерскиот идеал. Во времето на манчестерскиот либерализам пролетаријатот наспроти капиталистичката анархија го истакнуваше принципот на планско државно уредување на економскиот живот. Во времето на државниот капитализам стапува социјализмот како принцип на индустриска самоуправа, industrial selfgovernment, наспроти семоќта на државната власт, наспроти бирократското владеење со економскиот живот. “Според тоа како некој мисли може да се види што му недостига", вели Гете.
И во Русија пролетаријатот се обиде да ја организира националната индустрија најпрво во облици кои не беа без сличности со организациските планови на англискиот гилдски социјализам. Но тоа таму не успеа зашто одеднаш требаше да завладее со целата индустрија еден сé уште заостанат, само пред неодамна организиран пролетаријат, неизвежбан за никаква контрола над индустријата. Анархијата во претпријатијата ја принуди советската власт на патот на државниот социјализам во неговиот најостар, најсуров облик. Во Средна и Западна Европа општествената револуција наидува на пролетаријат на повисока културна висина и подобро организиран; овде условите за непосредна соработка на работниците во управувањето со индустријата се несразмерно поповолни. И покрај тоа и овде диктатурата на пролетаријатот нема да доведе до industrial selfgovernment. Зашто овде диктатурата на пролетаријатот би наишла на многу посилен отпор кај интелигенцијата, кај ситната буржоазија, кај селаните, би требала да совлада неспоредливо потешки економски кризи, да реши неспоредливо поголеми економски проблеми отколку во Русија. Таа овде би морала да се потпира врз силата многу повеќе отколку таму. Таа овде би морала уште побрзо отколку таму да создаде силен владејачки апарат за да ја скрши саботажата на класите кои се противат и да издејствува нужно преместување на народните маси од една струка во друга. Огромната задача која овде би требала да ја совлада диктатурата на пролетаријатот не би можела - што ќе биде уште поочигледно од нашата анализа на економскиот процес на социјализација во следното поглавје - поинаку да биде разрешена освен преку терористичка насилна власт на централната државна власт над сите работни сили и над сите работилници. Диктаторската насилна власт и selfgovernment се непомирливи спротивности. Диктатурата на пролетаријатот неизбежно станува диктатура над широките народни маси на пролетаријатот, кои би морале да ја искупат власта на својата класа преку одрекнувањето од слободата на личностите и групите во самата класа. Ниту една класа на личности жедни за слобода, ниту еден високо развиен пролетаријат нема да трпи подолго време диктатура во државата и работилницата; во модерната индустриска држава диктатурата во најдобар случај може да биде само кратка преодна фаза. Кон градењето industrial selfgovernment не води диктатурата, туку само планското проширување на демократијата од политичката област во областа на народната економија.
________________
Фусноти
[1] Copy-hold е англиски термин за феуд, за земја добиена од земјопоседникот. Lease-hold значи закуп, поседување на земјата врз основа на нејзино закупување (заб. на прев.).
[2] Frank Rose “The Coming Force", Manchester, 1909, p. 116.
[3] Henderson “The Labour Unrest", London, p. 131.
[4] McDonald “The Social Unrest", London, 1913. Cole “The World of Labour", London, 1913.
[5] Hodges “Workers’ Control in the Coal Mining Industry", London, 1919, p. 2.
[6] Cole “Self-government in Industry", London, 1920, p. 85 et passim, 97, 281 et passim.
[7] Cole, op. cit. p. 93.
[8] Плантагенати, Тудори и Стјуарти - кралски лози во Англија (заб. на прев.).
[9] Маркс “Граѓанската војна во Франција", Берлин, 1891, 48 стр.
[10] Cole, op. cit., p. 93.
[11] Егоров “Зарожденіе политических партій" во Мартов (издавач) “Общественное движеніе в Россій", Петроград, 1919, книга 1, 406 стр.
[12] Levine “The Labour Movement in France", London, 1912, p. 187.