“Најконцентрирана индустрија на Европа врз подлогата на најзаостанато земјоделие во Европа", така Троцки ја окарактеризира општествената основа на Руската револуција.[1] Земјоделието, одржувано преку сила дури во старите полуфеудални облици, кое при насилната револуција неизбежно мораше да ги разбие пречките на својот развиток, а покрај него и крупната индустрија, пресадена во Русија во текот на последната генерација од страна на европскиот финансиски капитал, развивана со неверојатна брзина, опремена со сите придобивки на најмодерната техника, која веќе под своја команда натрупа многуброен пролетаријат - тоа се основите на Руската револуција. Историската положба на Руската револуција не може да објасни со тоа дека Русија дојде до својата буржоаска револуција, која таму како и насекаде мораше да ги разбие оковите на феудалното уредување на земјишната сопственост, но дури во епохата во која во нејзините пазуви веќе се имаше развиено силно концентрираната крупна индустрија и, значи, модерниот индустриски пролетаријат.
И Француската револуција ја имаше истата историска задача да ги разбие оковите на феудалното аграрно уредување кои станаа неподносливи. И тогаш селанецот ја доби земјопоседничката земја од рацете на градската револуција и поради тоа ја бранеше градската револуција од нејзините надворешни непријатели. Но и тогаш селанецот, штом се ослободи од феудализмот, се повлече во своето село и му го остави владеењето со државата на градот. Поради тоа и тогаш револуцијата најпрво доведе до диктатура на градот над селото и, откако во градовите ја зафати најбројната и најреволуционерната класа, до диктатура на градското плебејство над градот, а со тоа и над селото. До таа мера развитокот на Руската револуција од 1917 до 1920 е сличен на развитокот на Француската револуција од 1789 до 1793. Но самото градско плебејство во 1917 во Русија има веќе сосема поинаков карактер од 1793 во Франција. Париските санкилоти беа мајстори и калфи од малите работилници од париските предградија. Руските болшевици се пролетери на модерната крупна индустрија. Оттука, додека диктатурата на санкилотите во Париз од 1793 остана во рамките на ситната буржоазија, онаа во Русија од 1917 стана диктатура на пролетаријатот. Но со тоа буржоаската револуција, која го разбива феудализмот, непосредно се претвора во пролетерска револуција која го уништува капитализмот.
Буржоаската револуција наоѓа селани кои се бунат против феудализмот. Таа може да ја стави во своја служба елементарната сила на тие селани и преку тоа да го собори стариот режим. Но буржоаската револуција ги наоѓа овие селани на културно ниво одредено од феудализмот, значи, во состојба на варварство. Поради тоа селаните, иако се преовладувачко мнозинство од населението, не се способни самите да го примат наследството на стариот режим. Поради тоа буржоаската револуција мора да доведе до диктатура на градот т.е. до диктатура на најбројната и најреволуционерната градска класа. Оваа диктатура останува ситно-буржоаска онаму каде што најбројната и најреволуционерната градска класа сé уште почива на занаетите и на ситната трговија. Таа станува пролетерска таму каде што буржоаската револуција се случува дури во времето кога најбројната и најреволуционерната градска класа е крупно-индустрискиот пролетаријат.
Маркс и Енгелс веќе во предвечерието на револуцијата од 1848 ја предвидоа оваа можност за таква непосредна преобразба на буржоаската во пролетерска револуција. Германската индустрија веќе во 1848 достигна далеку повисок степен на развиток отколку француската во 1793. Оттука, Маркс и Енгелс се надеваа дека диктатурата на градот, која повторно како и во 1793 ќе биде резултат на победничката револуција, непосредно ќе значи диктатура на пролетаријатот. Германскиот селанец, ослободен од феудализмот со градската револуција, ќе ја брани револуцијата од војската на царизмот, како што француските селани од 1793 ја бранеа од коалициската војска. Но и премногу некултурен за самиот да ја земе власта над цела Германија, германскиот селанец ќе мора да му ја остави власта на градскиот пролетаријат, како што францускиот селанец во 1793 му ја остави на плебејството од париските предградија. Така буржоаската револуција во Германија “ќе биде само непосредна предигра на пролетерската револуција". [2] Она во што Маркс и Енгелс тогаш се надеваа во Германија, тоа навистина се случи сега во Русија. Текот на Руската револуција ја потврдува генијалноста на Марксовата концепција од 1847.
Но во самата 1848 текот на револуцијата беше сосема поинаков. Тогаш водството на европската револуција се наоѓаше во рацете на Франција. Но францускиот пролетаријат не можеше да воспостави своја диктатура. Тој не можеше да ги придобие селаните; зашто, откако францускиот селанец веќе пред 60 години беше ослободен од оковите на феудализмот, градската револуција немаше повеќе ништо што да му даде. Тој не можеше да воспостави диктатура на градот над селото; зашто француските селани во 1848 повеќе не беа неисториската маса од 1793, од Големата револуција тие направија голем напредок, веќе имаа свои сопствени цели, мисли, илузии. Пролетаријатот не можеше да го победи буржоаското уредување, зашто “текот на револуцијата не ја крена против ова уредување, против владеењето на капиталот, масата на народот која стоеше помеѓу пролетаријатот и буржоазијата, селаните и ситните буржуи, не ги принуди да им се приклучат на пролетерите како своја авангарда."[3] Пролетаријатот, ограничен на својата сопствена сила, беше победен. А “масата на народот", селаните, тогаш го остварија својот сопствен политички идеал: ја подигнаа на власт династијата која беше оживотворение на нивните најголеми историски спомени, од чие враќање се надеваа и на враќањето на нивното величествено време, време “свежо како младоста на парцелата".[4] Овој развиток на Француската февруарска револуција преку јунската битка до Второто царство го одредуваше и развитокот на другите револуции, кои дојдоа по Француската февруарска револуција. Поразот на париските работници во јунската битка ја оневозможи диктатурата на пролетаријатот и во Германија. Неостварлива во 1848 во Германија, Марксовата концепција оживеа 69 години подоцна во Русија.
Споредбата на Француската револуција од 1848 со Француската револуција од 1789 до 1793 покажува дека постојат два во основа различни видови буржоаски револуции. Големата револуција требаше да исполни една голема општествена задача: рушење на феудалните односи на земјишната сопственост. На Француската револуција од 1848 не и' преостана таквата задача, поради што таа како буржоаска револуција не можеше да биде општествена, туку само чисто политичка револуција. Големата револуција најде селани кои се бунеа против феудализмот, но кои истовремено живееја во феудалната бескултурност; поради тоа таа можеше да воспостави диктатура на градот. Француската револуција од 1848 најде селани кои не беа револуционерни, зашто веќе во претходната фаза на буржоаската револуција беа ослободени од феудализмот, и кои политички веќе не беа без волја, зашто од своето ослободување поминаа низ крупна политичка историја; поради тоа таа не доведе прво до диктатура на градот над селото, туку непосредно до потчинување на градот од страна на узурпаторите кои се потпираа врз селаните. Во Големата револуција париското плебејство можеше, како авангарда на револуционерната маса на целиот народ, да ја воспостави својата диктатура; во револуцијата од 1848 парискиот пролетаријат можеше да ја воспостави својата диктатура само против масата на народот, значи, само тогаш кога би бил доволно силен сам, само со своите сили, да ја победи и совлада не само буржоазијата, туку и селаните и ситната буржоазија.
Русија сега е во положбата на Големата Француска револуција. Таму пролетаријатот може, како авангарда на целиот “работен народ", да ја воспостави својата диктатура врз целата земја; таму диктатурата на едно мало малцинство од народот над целиот народ исто така е историска нужност како што беше во Франција за време на Конвентот. Напротив, западно-европските и средно-европските земји, во кои феудализмот беше соборен веќе од претходните револуции, се наоѓаат во положбата на Француската револуција од 1848. Тука пролетаријатот може да ја воспостави својата власт само тогаш кога за тоа ќе биде самиот доволно силен; значи, кога тој ќе може својата власт да и' ја наметне не само на буржоазијата, туку и на широките маси на самиот “работен народ", пред сé на селаните и на ситните буржуи. Но за тоа пролетаријатот има сила само тогаш кога повеќе не е “збиен на неколку расфрлани индустриски централни места, кога не се губи во надмоќниот број на селани и ситни буржуи", туку кога веќе “се здоби со широката национална егзистенција, која може да ја подигне неговата револуција на степен на национална револуција"[5] , значи, кога тој самиот ја прави масата на нацијата.
Значи, сосема се поинакви претпоставките на пролетерската револуција во Западна и Средна Европа за разлика од рускиот Исток. Концепцијата на пролетерската диктатура, која Маркс ја изведе од Француската револуција од 1793 и која ја пропиша за Германската револуција од 1848, можеше да го најде своето остварување во Руската револуција од 1917; но таа не може да се примени на пролетерските движења на денешната Западна и Средна Европа поради истата причина поради која не можеше да се примени ниту на Француската револуција од 1848.
Во Големата француска револуција диктатурата на санкилотите над градот и на градот над селото беше само кратка фаза на развојот. Селанецот ја бранеше диктатурата од надворешниот непријател, кој се закануваше дека во селото ќе ја донесе феудалната контрареволуција. Но тогаш селанската војска, која ја одврати феудалната контрареволуција, го собори и плебејскиот град. Сега 18 бример беше реваншот на селото со кое владееше градот и го искористуваше за своите цели. На местото на диктатурата на градот стапи царството на селаните.
И рускиот селанец денес ја брани пролетерската диктатура од надворешните непријатели. Но кога ќе ги победи, кога ќе заврши војната, и во Русија ќе се појави латентната спротивност помеѓу градот и селото, помеѓу пролетаријатот и селаните.
Русија ќе мора од странство да увезува огромни количества индустриски производи за да го воспостави својот сообраќај и својата индустрија. Освен тоа веројатно ќе мора да ги плаќа своите странски долгови и камати. За да може да ги плаќа странските стоки и долгови, ќе мора да извезува во огромни количества. А нејзините најважни извозни стоки се производите на селската економија. Русија, значи, ќе мора да ги натера своите селани да продаваат толку жито, лен, кожа, путер итн., за да може не само да ги покрие домашните потреби, туку и за да се извезуваат големи количества. За таа цел советската власт ќе мора на селаните да им наметне високи даноци; зашто колку селанецот биде повеќе оданочуван толку повеќе ќе мора да продава од приносите од своето стопанство за да може да плаќа данок. Борбата помеѓу советската власт и селанецот околу висината на даноците станува неизбежна.
Штом се укине блокадата, ќе се активира гладот на рускиот селанец за стоки. На Русија ќе и' требаат странски кредити за да може да купи странски индустриски производи кои му се потребни на селанецот. Таа се надева дека ќе ги добие овие странски кредити, нудејќи им на странските капиталисти концесии за сечење на шуми, за градење железници, за експлоатирање на рудници. Но дали странскиот капитал ќе сака да и' даде кредит на влада која со еден потег на перото ги поништи сите странски долгови? Ќе сакаат ли странските капиталисти да го вложат својот капитал во земја каде што експропријацијата без надомест е секојдневна пракса? Нема руските селани да ја сметаат политиката на пролетаријатот како пречка на задоволувањето на својата глад за стоки?
Социјалистичката економска политика мора да ги стави под државна контрола и производите на селската економија. И во Русија селанецот бара “слободна трговија". Социјализмот мора да може да располага со работната сила и на селското население; селанецот, кој денес го смета регрутирањето како воена мерка и поради тоа го поднесува, во мирновременски услови ќе се противи на поканите за армиите на трудот. Декретите на советската влада за црквата и бракот, за наследното и семејното право, не го засегаат селанецот сé додека нивното важење е ограничено на градовите; колку советската власт ќе зајакнува ќе мора да тежнее да извојува важење на своите закони и на село и на тој начин да дојде во судир со старите традиционални сфаќања на селото.
Индустрискиот работник во социјалистичкото претпријатие и селскиот претприемач во основа се различни еден од друг. Само дотогаш додека селанецот сé уште не го преминал културното ниво на феудалното варварство, само дотогаш тој ќе му дозволи на индустрискиот работник сам да владее. А советската власт, која го уништи феудалното аграрно уредување, со самото тоа ја уништи и основата на селската некултурност. Со тоа што го зголеми и зацврсти селскиот посед, што изгради училишта на село, што во селото внесува повисока култура, таа самата ги уништува претпоставките на диктатурата на пролетаријатот. Зашто доколку селанецот културно созрева дотолку се здобива со политички интерес и со политичка живост, се стекнува со желба и способност своите интереси и своите погледи да ги спроведе во државниот живот. А штом селаните, која ја сочинуваат огромната маса на нацијата, имаат сопствена политичка волја и станат способни за самостојни политички акции, се разбива самостојната власт на градскиот пролетаријат.
Овој развој на почетокот може да се врши на таков начин што рускиот селанец постепено ќе учи да ги користи правата што му припаѓаат според советското уредување, апаратот на советското уредување да го стави во служба на своите цели, советското уредување, кое е орудие на диктатурата на пролетаријатот само врз основа на политичката неактивност на селаните, да го претвори во орудие на својата волја. Но понатамошното подигање на селаните мора најпосле на советското уредување да му ја извлече неговата општествена основа. Зашто советското уредување е само правен облик во кој се изразува диктатурата на пролетерското малцинство, која е овозможена и потпомогната од феудалното варварство на селската народна маса. Кога самите селани, преовладувачкото мнозинство од народот, ќе ја преземат власта, ќе мораат да го разбијат и правниот облик на диктатурата на малцинството. Нивната власт може одредено време да земе облик на цезаризам кој се потпира врз селската маса. Но трајниот правен облик на владеењето на мнозинството, на масата на народот, е демократијата.
Диктатурата на пролетаријатот во Русија не е победа над демократијата, туку фаза на развој кон демократијата. Деспотизмот на пролетаријатот има историска задача да ја подигне селската маса на рускиот народ од некултурноста во која ја држеше царистичкиот деспотизам и со тоа допрва да создаде претпоставки за демократијата во Русија. Диктатурата на пролетаријатот во Русија, значи, не е како што претпоставува теоријата на болшевизмот, последен, краен облик на руската држава, кој ќе се одржи сé додека државата воопшто не “одумре"; таа, напротив, е само преодна фаза на рускиот развиток, кој во најдобар случај ќе трае сé додека масата на рускиот народ не биде зрела за демократска држава.
Подигањето на селанецот до политичката моќ, се разбира, ќе го одреди и обликот на општественото уредување на Русија. Државниот социјализам во индустријата, во сообраќајот и банкарството, кооперативната организација на распределбата на стоките, која се зголеми многу за време на советската влада, селското богатство која настана од недостигот на животни намирници во градовите, новата буржоазија која се разви преку шверцувањето кое не може да се искорени врз основа на селската приватна економија, капиталистичките претпријатија кои настанаа врз основа на посебните концесии и кои се основани од странскиот капитал - тоа се елементите од кои ќе се развие новата руска економија. Така Русија може да дојде до оние мешани облици кои нашата наука, која извлекува заклучоци само од искуството од минатото, сé уште не може да ги класифицира. Колку ова општество ќе има социјалистички, а колку капиталистички црти, пред сé ќе зависи од тоа дали и во која мера ќе биде совладан капитализмот во останатиот дел од светот, дали и во која мера ќе биде изградено социјалистичкото производство и распределба на добрата. Но ако идната економија на Русија биде социјалистичка, нема да остане во границите на деспотскиот социјализам кој и' дава семоќност на државата, со која владее едно мало малцинство, деспотско располагање со средствата за работа и со работната сила на целиот народ, туку ќе се развие во демократски социјализам, кој секоја гранка на стопанскиот живот им ја предава на самоуправување на сите лица кои учествуваат во неа и кои зависат од нејзините успеси. Зашто деспотскиот социјализам е само социјализам на некултурната маса, на која работната дисциплина и работниот план мора да и' биде наметнат од страна на силата која владее со неа. Ако масата на нацијата се искачи на повисок културен степен, тогаш таа повеќе не поднесува никаква државна семоќ, никакво потчинување на семоќната државна власт; нејзиниот социјализам единствено може да биде самоуправување на народот во стопанскиот живот, „industrial selfgovernment“, индустриска демократија.
Во Русија, каде што пролетаријатот претставува само мало малцинство од нацијата, пролетаријатот само преодно може да ја одржи својата власт; тој мора повторно да ја загуби штом селската маса на нацијата стане културно доволно зрела сама да го преземе владеењето. Напротив, на индустрискиот Запад, каде самиот индустриски пролетаријат веќе ја прави масата на народот, работничката класа може, ако веќе ја освои политичката власт, трајно да завладее со државата, сé додека воопшто постојат класи и додека постојат држави. Во Русија диктатурата на пролетаријатот е владеење на малцинството, а правниот облик на владеењето на малцинството е советското уредување. На индустрискиот Запад владеењето на пролетаријатот ќе биде владеење на масата, на преовладувачкото мнозинство од народот, а правниот облик на владеењето на мнозинството е демократијата. Во Русија, врз основа на сé уште полуфеудалното културно ниво на народните маси, диктатурата на пролетаријатот може да се оствари само во деспотски социјализам. На индустрискиот Запад, на неспоредливо повисокото културно ниво на масите, владеењето на пролетаријатот ќе се оствари во демократското самоуправување на сите гранки на производството и распределбата на добрата. Преодното владеење на индустрискиот социјализам во аграрната Русија единствено е огнен знак кој го повикува во борба пролетаријатот од индустрискиот Запад; дури освојувањето на политичката власт од страна на пролетаријатот од индустрискиот Запад може да воспостави трајно владеење на индустрискиот социјализам.
_____________________
Фусноти
[1] Троцки “Русија во револуцијата", Дрезден, без година, 23 стр.
[2] Маркс, Енгелс “Комунистички манифест", глава 4.
[3] Маркс “Класните борби во Франција", Берлин, 1895, 29 стр.
[4] Маркс “Осумнаесетти бример", Штутгарт, 1914, 108 стр.
[5] Маркс “Класните борби во Франција", 82 стр.