Секоја политичка победа на работничката класа ја менува и моќта на работниците во претпријатијата. Во моментот кога со Октомвриската револуција пролетаријатот ја воспостави својата власт над буржоазијата, работниците и во фабриките се чувствуваа како господари на претпријатијата. Првиот обид овој преврат во владејачките односи во претпријатијата да добие законски облик е декретот за “работничката контрола" од 16 ноември 1917. Овој декрет не значи социјализирање на индустријата: претприемачот останува сопственик на претпријатието и раководител на производството, нему му останува и профитот и ризикот. Но работата на претприемачот се става под контрола на работништвото. Работничката контрола во секое претпријатие ја врши фабричкиот односно работничкиот совет, а во секоја губернија “Советот на работничката контрола", кој е составен од претставниците на фабричките совети, синдикати и кооперативи. Во секое претпријатие фабричкиот совет има право да го надгледува водењето на работите, да ги разгледува трговските книги и трговската кореспонденција и да донесува заклучоци за водењето на работите. Овие заклучоци се задолжителни за претприемачот; тој единствено има право против заклучоците на фабричкиот совет да се жали пред “Советот на работничката контрола". Тој одлучува конечно.[1]
“Работничката контрола" мораше за најкратко време да го направи невозможно капиталистичкото претпријатие. Невозможно е на претприемачот да му се остави функцијата на водење на претпријатието, одговорноста за резултатите на претпријатието, ризикот за претпријатието, а при тоа сепак во целокупното водење на работите да биде потчинет на заклучоците на фабричкиот совет. Најострите конфликти помеѓу претприемачот и фабричкиот совет беа неизбежни. Тие во многу случаи завршија така што работниците ги бркаа претприемачот и службениците што раководеа со претпријатието и сами го преземаа водењето на претпријатието. Се разбира, набрзо работниците немаа капитал за водење на претпријатието. Државата мораше да се вмеша. Владата мораше да реши да го национализира претпријатието.
Во првите шест месеци на Советската република национализирањето се спроведуваше целосно без план. Владата не сака да национализира; таа решава да национализира само под притисок на елементарната акција на масите. Национализацијата секогаш доаѓаше по “дивото социјализирање" од страна на самите работници. Оттука, не се национализираа цели индустриски гранки, туку секогаш само поодделни претпријатија во кои не можеше да се реши судирот помеѓу претприемачот и фабричкиот совет. Национализацијата и по својата форма се јавуваше како казнена мерка; сопственоста на претприемачот се прогласуваше за конфискувана, затоа што тој го саботираше спроведувањето на декретот за работничката контрола. До крајот на мај 1918 беа национализирани само 513 претпријатија и тоа само 123 преку декрет на централната влада, а останатите преку наредби на месните советски власти. Одредени индустриски гранки беа во различна мера опфатени со ова движење; најсилно беше опфатена металската индустрија, многу малку текстилната индустрија, а воопшто не беа опфатени многу економски многу важни индустриски гранки, на пример, рудниците на јаглен.[2]
Управувањето со економијата им е доверена на советите на народната економија. Основан е Врховниот совет на народната економија и месни совети на народната економија во определени губернии, окрузи и околии, кои се составени од претставници на советската власт, синдикатите и кооперативите. Овие совети на народната економија требаа да го организираат управувањето со национализираните претпријатија. Но, се разбира, не им беше возможно да создадат уредно управување за различните претпријатија кои не се во никаква врска и кои се национализирани поради случајни поводи. Но ако национализираните претпријатија паднаа во состојба на целосно растројство, не им одеше подобро ниту на претпријатијата кои останаа во посед на капиталот, зашто никаква уредена претприемачка дејност не беше можна таму каде што претприемачот никогаш не знаеше дали неговото претпријатие утре нема да биде конфискувано. Состојбата во која западна индустријата беше неподнослива. На местото на непланската национализација мораше да се пристапи кон планска, систематска национализација.
Гледиштата за обемот и начинот на национализација беа поделени и во владејачката партија. Уште при претходното советување за декретот за работничката контрола стоеја еден наспроти друг два правци: радикалниот, синдикалистички правец, кој сакаше да го пренесе тежиштето на работничката контрола на поедините фабрички совети и на никој начин да не ја ограничува надлежноста на фабричките совети, и умерениот, државно-социјалистички правец, кој сакаше работничката контрола првенствено да ја вршат органите на централната советска власт и со декрет строго да биде регулирана и ограничена.[3] Тогаш, во бурните денови на револуцијата, победи радикално-синдикалистичкиот правец. При утврдувањето на планот за национализација повторно се појави истата спротивставеност. Радикално-синдикалистичкиот правец бараше веднаш да се национализираат сите поголеми претпријатија и раководењето со национализираните индустриски гранки веднаш да се пренесе на работниците на тие индустриски гранки. Напротив, умерениот, државно-социјалистички правец сакаше ограничување на акцијата на национализирање на мал број индустриски гранки кои беа “зрели" за тоа, т.е. оние што се многу централизирани и особено важни за народната економија, а со национализираните гранки на индустријата да управуваат органите на централната советска власт.[4] Конгресот на Советот на народната економија во мај 1918 се реши за средниот пат. Акцијата на национализирање требаше да се ограничи на крупните индустриски гранки. Повеќе не требаше да се врши национализација на поединечни претпријатија. Управувањето со национализираните претпријатија требаше да се организира на овој начин: Со секое претпријатие раководи “управата на претпријатието", две третини од членовите се именувани од страна на Советот на народната економија, а третина ја избираат синдикално организираните работници од претпријатието. Една третина од вкупниот број на членови на управата на претпријатието мора да бидат технички и трговски образовани чиновници. Управувањето со целите индустриски гранки го организира, според посебните околности, Врховниот совет на народната економија или Губернискиот совет на народната економија, и тоа така што за секоја индустриска гранка се формира Централна индустриска управа, која е составена од претставници на Советот на народната економија, од претставници на синдикатот и од делегати на управите на претпријатијата. Поединечните управи на претпријатијата се потчинети на централната или губерниската управа на индустриската гранка; ним особено им припаѓа правото да упатуваат предлози до управите на претпријатијата за именување на чиновниците кои ќе раководат со претпријатието и според околностите да ги именуваат дури и против волјата на управата на претпријатието. Целата управна организација на сите управни степени почива на заедничкото управување на индустријата од страна на државната власт, која ја претставуваат советите на народната економија и на работниците од одредената индустриска гранка.[5]
Сега настапи планската акција на национализирање. Наместо национализацијата на поединечни претпријатија “како казна", настапи планската национализација на цели гранки на производството. Но советската влада и по втор пат многу брзо увиде дека е принудена да оди подалеку од она што сакаше. Работниците, господари во претпријатијата, не поднесуваа да се владее со нив во фабриката. Претприемачите, предадени од страна на државната власт на работничката класа, не можеа да раководат со претпријатијата. Неколку недели по Мајскиот конгрес на Советот на народната економија веќе мораше да се донесе одлука за национализација на целата крупна индустрија. Тоа е наредено со декретот од 28 јуни 1918. Бидејќи со тоа речиси цела крупна индустрија премина во рацете на советските власти, прашањето на организирањето на управувањето во национализираните претпријатија доби огромно значење.
Индустрискиот капиталист стои наспроти работниците во двојно својство. Тој раководи со општествениот работен процес, но истовремено и експлоатира. Пролетерската револуција го исфрли капиталистот од претпријатието за општествениот работен процес да го ослободи од експлоатацијата. Но со тоа таа истовремено ги губи раководителите на претпријатијата, кој ги обединува, ги организира, ги надгледува индивидуалните трудови. Ако работништвото не е способно самото да ги преземе овие функции на раководење, организирање и надгледување на својот труд, тогаш пролетерската револуција доведува до целосно нарушување и престанок на општествениот работен процес. Капитализмот не и' дава на масата работници да се стекнат со знаења, искуства и способности потребни за раководење и организација на општествениот труд, туку, напротив, од работничката класа издвојува “посебен вид наемни работници" (Маркс), кој во името на капиталот ја врши функцијата на раководење и организирање на трудот и командува во негово име со работниот процес. Пролетаријатот може сам да ја преземе функцијата на раководење и организирање на својот труд само така што ќе ја стави во своја служба оваа посебна категорија наемни работници. Само на тој начин може по ослободувањето од капиталистичката експлоатација да го одржи општествениот работен процес и понатаму да го развива.
Во првата фаза на Руската пролетерска револуција оваа претпоставка не беше исполнета. Многу директори, инженери и техничари ги напуштија своите места. Тие тоа понекогаш го правеа своеволно како противници на советската власт. Но на тоа често ги принудуваа и работниците, зашто повеќе не сакаа да им се потчинуваат на луѓе кои до неодамна им наредуваа во името на капиталот. А оние кои и покрај тоа останаа во претпријатијата, беа ограничувани во своето делување од една страна преку постојаното мешање на колегијалната управа на претпријатието, која не им ја даваше потребната слобода на работата на одговорните раководители на претпријатието и со тоа ја убиваше нивната волја за работење и нивната иницијатива, а од друга страна преку отпорот на работниците, исполнети со недоверба кон фабричката бирократија. Така, на национализираните претпријатија им недостигаше стручно и со доволен авторитет снабдено водство, без кое не е можен ниту еден општествен работен процес.
“Кооперацијата на наемните работници" - кажува Маркс - “е проста последица на капиталот кој истовремено ги употребува. Врската на нивните функции и нивното единство како производна целина лежи надвор од нив, во капиталот кој ги собира и ги одржува во заедница. Оттука, врската на овие трудови кон нив се појавува идеално како план, а практично како авторитет на капиталистот, како моќ на туѓата волја која нивното делување го потчинува на својата цел."[6]
Дури на повисок степен на развиток на организацијата и на културна зрелост на пролетаријатот поединечниот работник може да ја разбере врската на своите функции со функциите на својот другар повеќе не само преку наредбите на капиталот, туку истовремено и преку потребите на општествениот труд своето потчинување на целината да го разбере повеќе не само како потчинување на туѓата сила, туку како придонесување во продуктивната заедница на трудот. Рускиот пролетаријат, историски млад, одвоен од селаните дури во последната генерација, необразован и неорганизиран под царизмот, сé уште не го достигнал овој степен на развиток на организацијата и на културна зрелост. Штом беше соборен авторитетот на капиталистот, работниците повеќе не можеа да ја одржат врската на своите функции при општествениот работен процес. Штом туѓата волја повеќе не го потчинуваше нивното делување на својата цел, се растури ова единство како продуктивна целина. Бидејќи престана старата капиталистичка дисциплина на трудот, а не беше заменета со нова, пролетерска работна дисциплина, втемелена врз обѕирноста, добрата волја и солидарноста, во претпријатијата настапи состојба на недисциплина, дезорганизација, анархија. Катастрофалното опаѓање на интензитетот и продуктивноста на трудот стана најголема опасност за Советската република.
Сите сили на советската влада мораа да бидат употребени за борба против анархијата во процесот на производство. Најпрво советската влада се трудеше во претпријатијата да ги врати директорите, инженерите и техничарите преку обезбедување на повисока плата и посамостоен делокруг. Истовремено започна и оној голем, и на германските читатели познат говорнички поход, во кој водачите на советската власт се трудеа да ги уверат работниците за нужноста од воспоставувањето на работната дисциплина, од зголемувањето на интензитетот на трудот и од признавањето на авторитетот на раководителите на претпријатието.[7] Но пред сé синдикатите се ставени во служба на овие задачи.
Штом индустријата се национализира, се менува функцијата на синдикатите. Тие од органи на борба на трудот против капиталот се претвораат во управувачки органи на пролетерската држава, кои од една страна треба да ги застапуваат интересите на работништвото во советите на народната економија и во централните индустриски управи, а од друга страна да ја развиваат пролетерската работна дисциплина во поодделните претпријатија. Синдикалните конгреси го истакнаа принципот “за одредена, гарантирана надница, за одредено, гарантирано количество на труд" и заклучија дека треба кај секој синдикален сојуз да се основа “биро за нормирање", кое треба да ја утврдува минималната количина труд за секоја струка и за секоја категорија на труд која секој работник е обврзан да ја изврши, а вишоците преку минимумот мораат посебно да се наградат.[8]
Но средствата за убедување и средствата на синдикална дисциплина не беа доволни да ја совладаат анархијата во национализираната индустрија. Поради тоа советската власт реши да оди чекор напред. Повторно започна борба помеѓу државно-социјалистичкиот и синдикалистичкиот правец. Уште пред Мајскиот конгрес на Советот на народната економија државно-социјалистичкиот правец го застапуваше принципот дека раководителот на претпријатието, кого треба да го поставува Врховниот совет на народната економија, треба самостојно да ја води техничката страна на претпријатието, а дека фабричкиот совет има право само на советодавен глас во врска со сите прашања на техничкото раководење со претпријатието, но никако не и право на одлучување. Овој принцип беше внесен и во првобитниот декрет за управувањето со национализираните претпријатија.[9] Но на Мајскиот конгрес на Советот на народната економија овој принцип мораше да му биде жртвуван на синдикалистичкиот правец, кого го потпомагаа масите. Колегијалната управа на претпријатието, составена од претставници на Советот на народната економија и од работници, поставена е над раководителот на претпријатието. Но во борбата против анархијата во претпријатијата советската власт повторно се фаќа за првобитната програма. Таа смета дека не може поинаку да ја сузбие анархијата освен повторно во претпријатието да ги повика најенергичните и најискрени организатори и да им даде неограничени, диктаторски овластувања. Тие се овластени повторно да го воведат системот на надници според акорд, да го воведат тејлоровиот систем, неодложно да ги отпуштат сите неспособни работници, да ги обврзат работниците на “безусловно потчинување на волјата на раководителот на работниот процес."[10] И ако некој работнички слој се спротивстави на воспоставувањето на диктатурата на раководителот на претпријатието, советската влада, потпрена врз Црвената армија, не се колебаше работниците со сила да ги принуди на покорност. Советската влада смее така да постапува поради тоа што раководителот на претпријатието, кому масите сега повторно мораат да му се покоруваат, не е орган на капиталот, туку орган на пролетерската држава. Насилството против упорните работници не се врши поради обезбедување на капиталистичкиот профит, туку поради спасување на трајните општи интереси на пролетаријатот од поединечниот слој работници, кои со својата недисциплина им се заканува на општите пролетерски интереси. Принудата која мора да се врши е принуда на пролетерската работна дисциплина против “ситно-буржоаското слободништво", од кое не можат да се ослободат самите работници, кои сé уште се некултурни, кои само пред неколку години се одвоија од селото и кои сé уште живеат селски живот.[11]
А кога еднаш е решено да се совлада индустриската анархија преку средствата на принудата и силата, тогаш е сосема природно во служба на оваа задача да се стави и најсилното средство на принудна сила, војската. И овој чекор е направен. “Тезите на ЦК на Комунистичката партија", кои ги изработи Троцки, го покажуваат патот. “Во преодниот период од развитокот на едно општество кое му пристапува на наследството на едно тешко минато", читаме таму, “не може да се замисли премин кон плански организиран општествен труд без примена на принудни мерки како кон елементите кои спроведуваат паразитски живот така и кон заостанатите елементи од селаните и работничката класа. Средството на принуда со кое располага државата е нејзината воена моќ. Според тоа милитаризацијата на трудот - во оваа или онаа мера, во овој или оној облик - е безусловна нужност за секоја преодна економија која почива врз принципот на општа обврска за работење" (теза 21). За таа цел Троцки ги предлага следниве мерки:
1. “Целосна милитаризација на поодделни претпријатија или индустриски гранки кои во овој момент се од особено значење или кои се особено погодени од општото растројство се врши по наредба на Советот за одбрана и има за цел привремено да обезбедат работници за претпријатието и да се воведе построг режим, при што на соодветните органи им се даваат широки дисциплинирачки права, ако оздравувањето на претпријатието не може да се постигне на друг начин" (теза 24). Овде, значи, се предлага милитаризација на претпријатијата во нејзината најостра форма, милитаризација која на работниците им е добро позната од времето на војната - со укинување на работничката слобода на движење и со потчинување на работникот на воениот дисциплински кривичен суд.
2. За отстранување на сиромаштијата кај работниците, за создавање сообраќајни средства, за сечење и носење дрва, за добивање тресет и шкрилец, за спроведување на работи од областа на јагленот, рудите и петролеумот, за обнова на опустошените области и за обработка на необработените земјишта можат да бидат мобилизирани сите мажи и жени способни за труд. Регрутирањето се врши по окрузи, според возраста, според струката. Во прво време треба да се регрутираат “пред сé оние категории кои најмалку беа погодени од воените мобилизации; би морало по можност да се регрутираат најпрво многу жени" (теза 17). Од регрутираните се образуваат “организации на трудот од војнички тип" (теза 25), на кои под команда им се наредува да вршат одредени потребни работи. Особено требаат да бидат регрутирани “школуваните работници кои ги напуштија градовите; тие треба да бидат повлечени од војската, од советските органи во заднината, дури и од селските стопанства и комуни, од куќните индустрии, од селата, а пред сé од сé уште постоечките приватни претпријатија" (теза 5) и да бидат пренесени во индустријата дури и преку “принудни мерки" (теза 6), ако е тоа потребно.
3. Најпосле, воените формации, кои со напредувањето на воените операции стануваат непотребни, не треба да се демобилизираат, туку да се претворат во армии на трудот.
Оваа програма ја усвои Третиот конгрес на Советот на народната економија во јануари 1920. Таа веќе се спроведува. Две армии веќе преминаа од воена служба на продуктивен труд. Во некои губернии веќе е наредено регрутирање на неколку годишта за армиите на трудот. Милитаризацијата на руската народна економија е во тек.
Огромен е патот од “работничката контрола" од ноември 1917 до милитаризацијата на трудот во јануари 1920! Тој развој јасно се дели на два дела. Во првиот дел, кој го опфаќа периодот од Октомвриската револуција до отприлика јули 1918, движечка сила на настаните е самата пролетерска маса. Тоа е елементарно движење на масите, кое се остварува во “работничката контрола" во претпријатијата, кое на дивјачки начин ги исфрла претприемачите од претпријатието, кое ја принудува советската власт, која на тоа се противи, најпрво на национализација на поодделни претпријатија, потоа на цели гранки на производството и најпосле на целата крупна индустрија, кое против државно-социјалистичките планови на организирање на советските стручњаци спроведува заедничко управување со национализираната индустрија на Советот на народната економија и на работниците од определената индустриска гранка. Обележје на овој период е “творечката сила на масата". Самиот пролетаријат, целиот пролетаријат, при величественото револуционерно движење изнудува закони кои советите треба само да ги објават. Во оваа фаза советската власт беше само извршен орган на работничката класа, нејзината диктатура тогаш навистина беше диктатура на работничката класа. Но од половината на 1918 сликата постепено се менува. Советската влада зајакна, нејзиниот бирократски апарат е изграден, нејзината војска стана јака сила. Таа повеќе не стои без одбрана наспроти елементарните движења на масите. Но додека владејачкиот апарат на советската влада стануваше многу посилен, сопствената сила на пролетерската маса исчезна. Таа стана бројно послаба поради бегството на многу работници од градот. Таа им ги даде своите најдобри и најенергични елементи на советската бирократија и на Црвената армија, па поради тоа е лишена од сопствени водачи кои не се впрегнати во владејачкиот апарат. Нејзината општествена функција изгуби од своето значење поради дезорганизацијата на индустријата, поради застојот во производството. Нејзината верба во самата себе е разнишана, зашто не беше во состојба преку слободното организирање на трудот да ја организира национализираната индустрија. Така значително се промени односот на силите помеѓу водачите и масата, помеѓу советската влада и пролетаријатот. Историската иницијатива од половината на 1918 преминува од масата на владата. А принудена од дезорганизацијата на индустријата, владата мора да се врти против самите работници. Таа мора чекор по чекор да се обидува да им наметнува зголемено количество труд и потчинување на волјата на раководителот на претпријатието. Таа на крајот мора да ги милитаризира, да ги приврзи за претпријатието, да ги потчини на “построгиот режим" на военото дисциплинско кривично право!
Кога и денешното уредување на Советската република се означува како “диктатура на пролетаријатот", тогаш очигледно овие зборови имаат сосема друга смисла отколку во првата фаза на развитокот по Октомвриската револуција. Тогаш навистина диктираа широките, диви маси на вистинскиот руски пролетаријат, а советската влада навистина беше само извршен орган на оваа волја на масите. Денес е очигледно друго нешто. Денес со Русија вистински владеат членовите на Комунистичката партија, која, како што соопштува Ленин, може да брои приближно од 100.000 до 200.000 другари, по чистките на оние недостојните кои се вовлекоа во партијата.[12] Природно дека мнозинството од овие 100.000 до 200.000 луѓе е составено од работници. Но овие 100.000 до 200.000 луѓе претставуваат само мал дел од рускиот пролетаријат. И тие не се класата на која и' служи големиот владејачки апарат на советската власт, туку тие самите се тој владејачки апарат. Токму од овие 100.000 до 200.000 луѓе се составени советските фракции, советската бирократија, индустриските и синдикални управи, управите на претпријатијата и командните штабови на Црвената армија. И каков е сега односот на овој владејачки слој кон пролетаријатот? Очигледно е дека тој не е прост извршен орган на волјата на широките народни маси; далеку од тоа да ја извршува волјата на пролетаријатот, тој дури и се смета принуден преку војничката принуда да го потчини пролетаријатот на својата волја. Односот е поинаков. “Комунистите" - вели Маркс во “Комунистичкиот манифест" - “во различните степени на развитокот, низ кои минува борбата помеѓу пролетаријатот и буржоазијата, секогаш го застапуваат интересот на севкупното движење", “иднината на движењето". На тоа се повикуваат руските комунисти. Уверени дека пред широките маси на рускиот пролетаријат ја имаат таа предност што дојдоа до “осознавање на условите, текот и општите резултати на пролетерската револуција", тие сметаат дека се во право по потреба и со сила да го наведат на својот пат секој поединечен работнички слој во интерес на севкупното движење на пролетаријатот, целата широка маса на руски пролетери во интерес на иднината на пролетаријатот. Ако се сака да се нарече диктатура на пролетаријатот диктатурата на една партија која повеќе не е, како во првата фаза по Октомвриската револуција, прост извршен орган на волјата на пролетерската маса, туку која сега и' ја наметнува својата волја не само на буржоазијата, не само на селаните, туку и на широките маси на пролетаријатот, тогаш тоа повеќе не е диктатура на вистинскиот руски пролетаријат, туку диктатура на идејата на пролетаријатот.
А оваа диктатура сега располага со најстрашни средства на сила. Нејзе непосредно и' е потчинета целата индустрија, рударството, сообраќајот, организацијата на распределбата на стоките. Таа располага со целата работна сила на земјата. Таа според својата волја ги регрутира мажите и жените и ги задржува под војничка стега на работите што и' се потребни. Таа го става претпријатието под воена дисциплина. Таа со најстрашното оружје ја задушува секоја опозиција, секоја критика. Едно незначително малцинство од сто-милионскиот народ владее според својата волја со семоќната држава која себеси си ја потчини личноста во сите нејзини животни односи и која веќе не и' дозволува на личноста никаква слободна сфера за делување. На тој начин настана нов, стравотен деспотизам.
Неограничената семоќ на државата, со која владее мало малцинство од пролетаријатот, кој и самиот е само мало малцинство од рускиот народ, на рускиот социјализам му дава свој печат. Тоа што таму настанува е социјалистичко општество. Зашто советската власт ги одзеде средствата за работа од капиталистите, го ослободи работниот процес од владеењето на капиталот, го извлече од капиталистите располагањето со приходите од трудот и сега таа самата, располагајќи според својот план со средствата за труд и со работната сила на земјата, организира плански, непосредно општествен труд и планска, непосредно општествена поделба на приходите од трудот. Но ако тоа е социјализам, тогаш тоа сепак е социјализам од посебен вид, деспотски социјализам. Зашто овде социјализмот не значи дека самиот работен народ располага со своите средства за труд, раководи со својот процес на труд и го распределува својот приход од трудот. Тој овде пред сé значи дека државната власт, која се одвои од народот, која претставува само незначително малцинство од народот, која владее со народните маси, располага со процесот на труд и со приходите од народниот труд и преку своите принудни средства ги потчинува сите народни сили на својот работен план, ги впрегнува во својата организација на трудот.
Овој деспотски социјализам не настана според однапред утврден план. Токму болшевиците во првата фаза на револуцијата ја полагаа сета надеж врз “творечката моќ на масата", токму тие на спонтаноста на масата и' даваа најшироко поле на делување што може да се замисли. Но рускиот пролетаријат дојде до целосната власт во својата најрана младост. Руската крупна индустрија настана дури во последниот човеков век. Мнозинството од рускиот пролетаријат е составено од луѓето кои се родени на село и кои дојдоа во градот само пред неколку години. Рускиот пролетаријат зад себе нема, како западниот и средно-европскиот пролетаријат, многу десетлетија на организациски развиток и школување. Историската младост на рускиот пролетаријат ја објаснува неговата културна заостанатост. А таа заостанатост ги натера болшевиците на патот на деспотскиот социјализам. Кога се покажа дека самите маси не се способни да воспостават работна дисциплина во национализираните претпријатија, советската власт мораше да прибегне кон тоа насилно да ја спроведе општествената нужност против анархијата на заостанатите работнички слоеви.
Ниту принципите на демократијата се “вечни вистини". И демократијата е производ на развитокот и е фаза на развитокот. Демократијата е можна само на одредено ниво на развиток на производните сили, на класната борба, на културната зрелост на масите. Онаму каде што овие претпоставки не се дадени, таму деспотизмот на едно напредно малцинство е “преодна нужност", за одредено време неопходно средство на историскиот напредок. Тоа е случај во Русија. Само преку некултурноста на рускиот селанец се објаснува зошто царистичкиот деспотизам мораше да биде заменет не со демократска самоуправа на рускиот народ, туку со диктатура на пролетаријатот, кој е мало малцинство од рускиот народ. Само преку културната заостанатост на рускиот пролетаријат се објаснува зошто диктатурата на пролетаријатот мораше да се претвори од владеење на самите пролетерски маси во деспотизам на една мало напредно малцинство на пролетаријатот. Деспотскиот социјализам е нужен производ на развитокот што предизвика општествена револуција на степен на развиток при кој рускиот селанец сé уште не беше созреал за политичка демократија. Деспотскиот социјализам е производ на руската некултурност.
__________________
Фусноти
[1] “Собраніе Узаконеній" No. 3 од 8 декември 1917. На германски јазик кај Клибански цит. дело, 101 стр. “Справочник длйа фабричних комитетов", издание совета рабочаго контролйа, Москва, 1918.
[2] Милйтин “К вопросу о национализаций промишлености", “Народное хозяйство", Година 1, бр. 5.
[3] Попов и Рашков “Октјабрский переворот", Петроград, 1918, 283 стр. и понатаму.
[4] Веге “Организация народнаго хозяйства", “Известия Государстрвенаго Контроля“, Година 1, No. 3, 27 стр.
[5] “Резолуция перваго всеросс. сезда сов. нар. хозяйства", Москва, 1918.
[6] Маркс “Капиталот", том 1, 296 стр.
[7] Види Ленин “Првите задачи на советската власт", Берн, 1918. Троцки “Трудот, дисциплината и редот ќе ја спасат социјалистичката советска република", Базел, 1918.
[8] “Изв. Госс. Контролйа", год. 1, No. 3, 32 стр.
[9] “Нар. хозяйство", Година 1, No. 2.
[10] Ленин, цит. дело, 52 стр.
[11] Ленин, цит. дело, 48-56 стр.
[12] Ленин “Комунистичките саботи", “Руска кореспонденција", број 3.