Во својот Устав од 10 јули 1918[1] Руската советска република се претставува како федерација на градските и селските совети кои, избирани исклучиво од работниците и селаните, владеат преку своите делегати. Со членовите од овој Устав, со кои од изборното право се исклучуваат сите експлоататори на туѓата работна сила; со кои како и изборното право така и основните права на слобода на совеста, слобода на изразување на мислата преку говор или писмено, слобода на здружување и собирање им се признаваат само на “оние што работат"; со кои се наредува вооружување на работните маси и разоружување на буржоазијата - со тие членови се верува дека е остварена пролетерска класна држава. Поради тоа едните го слават ова уредување како конечно пронајдениот, како единствениот можен државен облик со помош на кој пролетаријатот може да се конституира како владејачка класа, со помош на кој може насилно да ги скрши експлоататорите, да оствари социјализам. Поради тоа другите го напаѓаат ова уредување како производ на бруталното класно владеење, како повреда на вечните принципи на демократијата, како насилство против светите права на човекот и граѓанинот. Но фалбите на едните и лутината на другите не ни помагаат да го разбереме руското советско уредување. Зашто тоа не може да се разбере ако само се изложуваат и просудуваат членовите на Уставот. Како и секое друго уредување така и Советската република само е израз на односите на силите помеѓу класите. Нејзиното делување, како и делувањето на секое друго уредување, зависи од односот на силите помеѓу класите и се менува со секое нарушување на овие односи на силите. Ако навистина сакаме да го сфатиме советското уредување, мораме да го ставиме во однос наспроти механизмот на општествените сили во денешната Русија.
Највисок орган на Советската република е Серускиот конгрес на советите. Тој го избира Советскиот централен извршен одбор, кој донесува закони и кој го избира Советот на народните комесари. Серускиот конгрес на советите се состои од претставници на градските совети, кои можат да испратат еден пратеник на 25.000 гласачи, и од претставници на губерниските советски конгреси, кои можат да испратат еден пратеник на 125.000 жители. Градските совети ги избираат непосредно работниците кои имаат право на глас. Напротив, губерниските конгреси произлегуваат од посредни избори. Секој губерниски советски конгрес се состои од претставници на градските совети, кои избираат по еден претставник на 2.000 избирачи, и од претставници на собранијата на околиските совети, кои можат да испратат еден претставник на секои 10.000 жители. Овие околиски собранија се составени од претставници на селските совети при што секој селски совет може да испрати десетти дел од своите членови на околиското собрание. Целиот овој сложен изборен систем содржи важна повластеност на градските наспроти селските совети. Градските совети непосредно ги избираат своите претставници за Серускиот конгрес на советите, а покрај тоа и преку свои претставници учествуваат на губерниските советски конгреси, кои исто така избираат претставници за Серускиот конгрес на советите. Ова двојно претставништво, се разбира, значи плурално избирачко право на градските совети наспроти селските совети, на индустриските работници наспроти селаните.
Но бројната надмоќност на селаните наспроти индустрискиот пролетаријат во Русија е така голема што селаните и покрај двојното претставништво на индустриските работници би биле во состојба да завладеат со Серускиот конгрес на советите. Ако селските совети би го користеле правото на претставништво, кое им го дава советското уредување, онака целосно како и градските совети, тогаш преовладувачкото мнозинство од пратениците на Серускиот конгрес на советите, и покрај плуралното избирачко право на индустриските работници, би морало да се состои не од работничките претставници, туку од претставниците на селаните. Советското уредување тогаш не би се темелело врз диктатура на индустрискиот пролетаријат, туку врз класното владеење на селаните. Всушност, очигледно е дека е обратно. Луѓето кои го сочинуваат Советот на народните комесари стојат многу далеку од селаните; тие се водачи на индустрискиот пролетаријат. Надворешната политика на советската влада не може да се објасни од начинот на мислење на мужикот, чиј видокруг не ги преминува границите на селото; таа е одредена од надежите на пролетаријатот за светска револуција. Радикалното законодавство на Советската република за брачното право, за црковните односи, за наследното право, сигурно не одговара на погледите на селаните, туку исклучиво на рационализмот на револуционерниот градски пролетаријат. Значи, иако советското уредување им даде на селаните можност целосно да завладеат со Советската република, погледите на селанецот воопшто не наоѓаат израз во законодавството и во политиката на Советската република - исклучувајќи го само нејзиното аграрно законодавство и аграрна политика. Овој факт не може поинаку да се објасни освен со тоа што селаните не ги искористуваат средствата на моќ кои им ги дава советското уредување. Масата руски селани сé уште е политички неорганизирана, необразована, незаинтересирана. Ако државата ја остави намира во нејзините села, тогаш таа не се грижи за тоа кој и како ќе владее со државата. Само мали малцинства од селаните имаат поголем интерес за општите политички прашања и за поголема политичка активност. Системот на посредно претставништво, врз кое се темели советското уредување, има за цел и за последица да дозволи да дојдат до збор само овие политички активни малцинства. Изборот на селскиот совет, кој управува со селото, сепак може да ги интересира сите селани. Но веќе изборот на околиски собранија од страна на селските совети помалку ја интересира рамнодушната маса селани. Напротив, индустриските работници кои се вратија дома на село и селаните кои за време на војната беа во градовите како војници и таму беа вовлечени во револуционерното работничко движење, знаат дека околиските собранија се ќелиите од кои е составено телото на советската држава. Тие покажуваат многу поголем интерес за изборите од масата селани и, поснаодливи и повешти при говорот, тие полесно себеси се провлекуваат како делегати. Така, веќе околиските собранија изгледаат поинаку од селските совети; веќе во нив поактивните, пореволуционерните, пролетерските селски малцинства се очигледно повеќе застапени отколку во селските совети. А тоа сега се повторува во уште поголема мера при изборот на претставници на околиските собранија за губерниските советски конгреси. Просечниот селанец не го интересира губернискиот конгрес; што го засега него во неговото село оддалечениот конгресен град? Претставници за губерниските конгреси испраќаат активните револуционерни малцинства на околиските собранија. Таму сега тие се состануваат со претставниците на градските совети, паѓаат под нивно духовно водство, им даваат гласови при изборот за пратеници на губерниските конгреси за Серускиот конгрес на советите. Така се случува и губерниските конгреси по правило да испраќаат за Серускиот конгрес на советите не претставници на тапата, неписмена, конзервативна селска маса, туку претставници на градскиот пролетаријат и на селските малцинства кои тој ги води. Таму тогаш им се придружуваат непосредните претставници на градските совети и така на градскиот пролетаријат му е осигурена превласта на конгресот. Целокупниот механизам на посредниот претставнички систем ја прави јачината на претставништвото на одредени слоеви зависна од степенот на нивниот политички интерес, од нивната политичка живост, од нивната политичка активност; со тоа од претставништвото се исклучува политички незаинтересираната, малку жива, малку активна маса селани и со тоа водството на целиот “работен" народ е осигурено за индустрискиот пролетаријат, или, уште подобро, за политички најзаинтересираниот, најжив, најактивен слој на градскиот пролетаријат.
Последиците од посредниот претставнички систем се осигуруваат преку теророт. Просечниот селанец не може да има успех во рамките на посредниот претставнички систем ако не најде водачи кои ќе го развијат неговиот интерес за изборите за околиските и губерниските собранија, кои во овие собранија ќе ги организираат неговите претставници, кои во советите ќе се борат за неговите интереси и за неговите гледишта. Такви водачи руската селска маса не произведува само од себе. Само интелигенцијата би можела да им даде. Но делувањето на интелигенцијата помеѓу селаните е отежнато не само поради тоа што револуцијата ги презира интелектуалците како “буржуи", што ја зголеми недовербата на селаните кон нив, туку пред сé поради теророт кој речиси ја оневозможува секоја поголема, повпечатлива агитација помеѓу селската маса, насочена против владејачката партија. И така селаните оставени без водачи остануваат заробени во мрежата на посредниот претставнички систем. Неспособни да ракуваат со сложениот систем, тие остануваат политички потчинети, лишени од непосредното влијание врз владата на Советската република.
Ако си претставиме демократска наместо советска република, општи непосредни парламентарни избори наместо посредни избори од селскиот совет за околиското собрание, од околиското собрание за губернискиот конгрес, од губернискиот конгрес за конгресот на советите, целосна слобода на изборната борба наместо терор, тогаш селските гласови добиваат сосема друга тежина. Државата би била поделена на изборни окрузи кои, сразмерно на бројот на населението, би избирале одреден број мандати; така, во аграрните области исто како и во градови би било осигурено претставништво сразмерно на нивниот број на избирачи. Во аграрните окрузи изборната борба би ги разбудила масите, би ги довела до гласачката кутија и оние маси кои во политички мирните периоди се индиференти; така мандати би давале не политички живите малцинства во селата, туку гласовите на широките маси просечни селани. Резултатот би бил тој што во селата активните малцинства би биле надгласани од страна на масата селани, а во целата држава пролетерското малцинство од страна на “компактното мнозинство" на селаните. Ова “компактно мнозинство" би го давало мнозинството од мандатите и со тоа би одлучувало за владата во државата. Советското уредување го лишува “компактното мнозинство" од оваа моќ. На местото на општите народни избори кои ги разбудуваат масите, стапуваат посредните, степенести избори за одредени совети, избори кои ги вршат само поверениците на масите и кои масите не ги раздвижуваат. Изборната борба се пренесува од народните собири во советските сали за состаноци и таму се ограничува преку теророт. Таа се одвива без општо учество на народните маси, но со дотолку посилно влијание на активните малцинства. Оттука, претставништвото на одредени избирачки слоеви во претставничките тела повеќе не се одредува од масата на тие избирачки слоеви, туку од степенот на нивната политичка живост. А преку тоа најмалку активните од сите избирачки слоеви, селаните, всушност се отстрануваат од одлучувањето.
Но советското уредување само по себе не ги отстранува само селаните, туку неспособноста на селаните да ги искористат правата што им ги дава Уставот. Рускиот селанец сé уште на своето тело носи траги од раните од ропството, од кое е ослободен само пред 60 години, повеќе од половина век подоцна од селаните во Западна и Средна Европа, петстотини години подоцна од англиските селани. Рускиот селанец само што ги скрши оковите на царизмот кој го држеше во состојба на обесправеност и незнаење, кој му ја устратуваше секоја политичка активност, секое политичко образование преку весници, собири, организации. Рускиот селанец само што беше ослободен од револуцијата од едно сé уште полуфеудално аграрно уредување, кое го одржуваше во состојба на најтешка материјална, а со тоа и духовна, сиромаштија. Така рускиот селанец е политички незнајко, необразован, неорганизиран, незаинтересиран. Само поради тоа не е во состојба за себе да го искористи советското уредување. Само некултурноста на руските селани, само состојбата на варварство во кое живеат руските селани, од советското уредување прави средство за отстранување на селаните. Доколку рускиот селанец се запознава со апаратот на советското уредување дотолку знае и во неговите рамки за себе да си обезбеди повеќе важност; сега веќе очигледно расте влијанието на “средните селани" врз советската власт. Кога руските селани би станале културни луѓе кои во општиот државниот живот покажуваат исто толкаво интересирање како и жителите на градовите и кои исто така знаат да ги искористат своите граѓански права како и индустриските работници, тогаш нивната бројна надмоќност и при советското уредување би дошла до целосен израз и советското уредување, без промена на ниту еден свој член, би се претворило од средство на диктатурата на пролетаријатот во средство на диктатурата на селаните.
Кога Русија би била демократска република, тогаш некултурните руски селани би станале плен на секоја парола, на секоја демагогија. Ако масата избирачи сé уште стои на толку низок културен степен, тогаш општото право на глас, како што некогаш зборуваше партиската програма на гедистите, не е средство за ослободување туку средство за обесправување. На буржоазијата веројатно лесно би и' тргнало од рака за своите цели да ја придобие масата селски гласови, апелирајќи на нивните инстинкти за поседување, на нивните традиционални претстави, на нивната одвратност кон градовите и Евреите. Во речиси сите континентални парламенти буржоазијата располага со мнозинство не поради бројот на буржоаски избирачи, кој речиси секаде далеку заостанува зад бројот на пролетерски избирачи, туку поради тоа што селските избирачи одат по буржоаските партии и така им помагаат да дојдат до мнозинство. Слично би било веројатно и во демократска Русија. Рускиот селанец, кој во 1917 за неколку месеци помина пат од црностотинците до левите социјалисти револуционери можеби исто толку брзо би се вратил вдесно по заситувањето на својата глад за земја. Тој многу брзо со масата на своите гласови или би ја довел буржоазијата на власт, како што го прават тоа селаните од Западна и Средна Европа, или би подигнал на власт некој узурпатор кој би се појавил како спасител на буржоаскиот поредок, како што тоа го направија француските селани по 1848. Советското уредување го спречи тоа. Тоа со својот терор ја оневозможува буржоазијата да ги придобие за себе селаните. Тоа со посредниот претставнички систем ги прави без дејство селските гласови и со тоа и' ја одзема можноста на буржоазијата да се потпре врз селските гласови. Пролетаријатот може да владее со Русија затоа што советското уредување ја отстранува селската маса од изборната борба, благодарејќи на некултурноста на рускиот селанец, и со тоа издвојува силна сила врз која буржоазијата единствено може да се потпре.
Кога болшевиците раскрстија со демократијата, пред народните маси можеа да го образложат напуштањето на демократските принципи само со тоа што државата, за да ја совлада експлоатацијата, мора да ги направи експлоататорите неспособни за одбрана. Поради тоа советското уредување мораше да ја исклучи буржоазијата од уживањето на сите граѓански права. Површниот начин на разгледување во тоа сега ја гледа суштината на советското уредување. Всушност, на буржоазијата малку би и' користело ако советската власт и' го оставеше избирачкото право; нејзиниот сопствен број на гласови е премногу мал за со него да може да го одржи своето владеење. Одлучувачко пред сé беше тоа што прокламирањето на отворено, брутално насилство над буржоазијата даде можност и оправдување за завитканото, прикриено обесправување на селаните, чии гласови единствено би можеле да и' помогнат на буржоазијата да дојде на власт. Диктатурата во Русија не почива толку врз отвореното насилство врз буржоазијата колку врз завитканото обесправување на селаните.
Тоа, се разбира, не зборува дека селанецот во Русија е немоќен. Напротив, тој во своето село е неограничен господар. Ние видовме како советската власт мораше да ја прекине офанзивата против селото, како мораше да капитулира пред селото. Но токму поради тоа што така постапи, селанецот не се грижи за она што се случува надвор од неговото село. Токму поради тоа што советската власт го остави намира, тој нема никаков интерес да продре во механизмот на советската власт. Токму поради тоа што советската власт го остава на слобода селскиот круг на интерес, таа добива слобода надвор од селскиот круг на интерес да владее, а на неа да не влијаат и да не ја вознемируваат селаните.
Советското уредување е правен израз на овие реални односи помеѓу класите. Тоа е уредување кое е усогласено со културната состојба на една нација чие огромно селско мнозинство додуша, револуционизирано од гладот за земја, заедно со пролетаријатот го сруши владејачкиот апарат на капиталистичката држава и, стравувајќи од враќањето на земјопоседниците лишени од сопственоста, заеднички со пролетаријатот непрекинато ја одбива контрареволуцијата, но кое поради својата некултурност не е во состојба да зема учество во владеењето со државата која е создадена со негова помош и која се брани со негова помош, и напротив се задоволува со автономијата во своите села и му ја остава власта на малото пролетерско малцинство.
Значи, ако советското уредување е нужен производ на односите на силите помеѓу класите и на културната зрелост на класите на руското општество, положбата на класите во руското општество се гледа и во внатрешниот развој што го помина советското уредување од Октомвриската револуција.
Првата задача на Октомвриската револуција беше соборувањето на владејачкиот апарат на капиталистичката држава. Војската и бирократскиот апарат беа сосема соборени, офицерскиот кадар и буржоазијата распрснати. Со тоа старата државна организација целосно беше растурена. Власта во одредени градови и околии сама по себе падна во рацете на локалните совети, кои како единствени општествени органи го преживеаја растурањето на државниот воен и управен апарат. Оттука на почетокот семоќта на локалните совети беше неограничена. Секој градски и околиски совет бркаше своја сопствена политика. Еден ја социјализираше индустријата, друг ја оставаше во рацете на капиталистите. Еден ги концентрираше своите напори на социјализирањето на ситната трговија, друг настојуваше да организира размена на добрата помеѓу градот и селото, трет настојуваше да воведе комуни на село. Секој совет реквирираше животни намирници од селото на своја рака, секој забрануваше извоз на животните намирници во соседната околија, секој ги присвојуваше намирниците што поминуваа со железницата и кои беа наменети за други окрузи. Централната власт на советите стоеше немоќна пред елементарната акција на масите која се изразуваше во работата на локалните совети. Русија повеќе не беше држава, туку многу лабава федерација на локални советски власти.
Но оваа состојба на анархија мораше да биде совладана. Без силна централна власт не беше можно да се создаде, одржува и вооружи силна војска, да се обезбеди исхраната на големите градови, да се совлада потполното растројство на индустријата и сообраќајот. Така наскоро по Октомвриската револуција почнува борбата за спроведување на авторитетот на централната советска власт против локалните совети.
Првото средство за тоа беше авторитетот на Комунистичката партија. Таа имаше водство во најголемиот број совети. Нејзините советски ограноци ги следеа упатствата на партиската централа. Лабавиот федерализам во државата најде своја поправка во строгиот централизам во владејачката партија. Влијанието на партиските организации на владејачката партија врз месните совети ги потчинува месните совети на партиската централа организирана како централна државна власт.
Борбата против контрареволуцијата принуди и на следниот чекор. Беше основана “Вонредната комисија за сузбивање на контрареволуцијата, шпекулацијата и службеничките злоупотреби" и беше снабдена со неограничени полномоштва. Оваа комисија сега си создава свој апарат: во одредени губернии и окрузи беа воспоставени месни комисии кои се потчинети на централната комисија, а од своја страна поставуваат комесари за одредени градови и околии. Месните комисии располагаат со сопствени трупи, со штаб од “шпиони", со сопствени стопански одделенија.[2] Така, покрај советската организација никнува силна полициска организација, снабдена со посебни месни овластувања, независно од месните совети. Оваа полициска организација е орган на централната советска власт, снабден со неограничени полномоштва. И оваа владејачка организација на централната власт сега може да се сврти и против месните совети. Таа може од месните совети да ги исфрли опозициските членови, може да ги растури месните совети и да спроведува нови избори под притисок на својот терор.
Но пред сé војната бара јакнеење на централната власт. Војната ја принудува советската власт да создаде силна војска, способна за борба. Таа поради тоа мора да го укине изборот на старешините од страна на војниците, да спроведе именување на старешините од страна на врховната команда, да извојува потчинување на војниците на командите на старешините. Поучно е тоа како мораше да им ја објасни на работниците и војниците нужноста за именување на старешините од страна на централната воена управа. “Металските работници" - зборуваше Троцки - “ја избираат својата синдикална управа, а потоа синдикалната управа именува водачи на работите, сметководители, благајници. Дали прашуваат работниците зошто сметководители и благајниците се именувани од страна на синдикалната управа, зошто не се избрани од самите членови? Не! Ниеден разумен работник не го поставува ова прашање. Зашто синдикалната управа би одговорила: 'Вие самите нé избравте. Ако не ви се допаѓаме, поставете други на нашето место. Но сé додека ни го поверувате раководењето со синдикатот, дајте ни ја можноста да ги именуваме функционерите. Ние полесно можеме да процениме кого можеме да го употребиме како благајник и како сметководител. А ако тоа го правиме лошо, можете да нé истерате оттаму и да изберете нова синдикална управа.' Е, ниту со советската влада не е поинаку отколку со управата на еден синдикат." [3] Така Троцки прво го објаснува правото на централната власт да именува старешини на поедини баталјони и чети, наместо да се избираат од страна на војниците. Но Троцки веднаш го применува аргументот и на цивилната управа. И во оваа област на централната власт мора да и' припаѓа правото сама да ги избира “техничарите и специјалистите", на кои треба да се пренесат одредени управни гранки. Всушност, доколку централната советска власт во Црвената армија си создава јако средство на сила дотолку таа станува доволно јака сé поуспешно да ја стави под контрола и цивилната управа во губерниите, окрузите и околиите. Таа испраќа свои комесари во одделни управни области и им доверува одредени управни задачи. Покрај и над месните совети настапуваат чиновниците испратени од централната влада.
Рака под рака со брзото напредување на централизацијата на советскиот режим неминовно оди и неговото бирократизирање. Октомвриската револуција го разби стариот бирократски апарат. Надежта на оваа фаза на револуцијата беше трајното ослободување на општеството од секоја бирократија - идеологија која потекнуваше од стварното уништување на стариот бирократски механизам. Тогаш Ленин пишуваше дека мнозинството од функциите на старата државна власт е така поедноставено и дека може да се сведе на така едноставни операции како што се регистрирањето, бележењето, контролата што тие функции ќе бидат во состојба да ги вршат сите луѓе кои се вешти во читањето и пишувањето.[4] Значи, се веруваше дека се може без стручно образовано чиновништво. Административните работи требаа непосредно да ги вршат членовите на советите. Членовите на советите дури требаа и наизменично да се менуваат во вршењето на овие работи за да не се претворат во бирократи. Но кога се премина од соборување на стариот државен апарат на подигање на новиот, кога се направи обид елементарната акција на одредени совети да се претвори во уредена државна управа, кога нужноста за уредување и водење на целиот економски живот од ден на ден ги ширеше и комплицираше задачите на управата, тогаш набрзо се уверија дека управата не може без претходно стручно образование и искуство. Советската влада, локалните совети и економски организации мораа сé повеќе во своја служба да земаат чиновници, “стручњаци", “специјалисти и техничари". Се појави нова бирократија. Тоа го утврдува и програмата на Комунистичката партија: “Нискиот културен степен на широките маси, недостигот на потребна пракса во управната служба кај претставниците кои масите ги избираат на одговорни места, нужноста при тешките околности што повеќе да се привлечат стручњаците од старата школа, повикувањето во војна на најразвиениот дел од градските работници, сето тоа доведе до делумно повторно оживување на бирократизмот во советското уредување."[5]
Така, од анархијата, која беше прва, непосредна последица на Октомвриската револуција, за неверојатно кратко време произлезе претерано јака централна власт која, потпрена врз војската и врз големиот бирократски апарат, ги претвори месните совети во едноставни самоуправни тела и си обезбеди за себе одлучувачка власт во целата држава. Благодарение на средствата на сила кои и' ги пружа теророт, таа е спокојна од секоја отворена, јавна опозиција, слободна од секоја критика на “јавното мислење" кое се создава во јавниот судир на различните мислења. “Советските конгреси" - вели Радек - “на Советот на народни комесари му дадоа такви овластувања какви што сé уште немаше ниту една влада во светот." [6] И овој силен владејачки апарат се појави како владејачки апарат на пролетаријатот, кој го создаде за себе за со деспотска сила да ја сузбие буржоазијата и да ја ограничи моќта на селаните на нивната тесна селска сфера.
Но додека владејачкиот апарат на пролетаријатот така бликаше, самиот пролетаријат сé повеќе и повеќе се закожурчуваше. Нарушувањето на стопанскиот живот поради граѓанската војна ги изложува градските работници на глад и безработица. Работниците од градот бегаат назад на село за да добијат земја. Бројот на градско население се намалува. Индустрискиот пролетаријат, малцинство од руското население, сé повеќе станува малцинство. Со нарушувањето на индустријата исчезнува реалната општествена моќ на индустрискиот пролетаријат. [7] Пролетерската основа се заканува да стане премногу тесна за силниот владејачки апарат кој е заснован на неа. Во таа мера во која тоа се случува, пролетаријатот ја губи силата да го води и да го контролира владејачкиот апарат што сам го создаде. Владејачката организација на советската бирократија и на Црвената армија почнува да се одвојува, да станува независна од пролетерската утроба од која потекна. Таа се заканува да стане самостојна сила која стои над класите, која го претставува пролетаријатот само по идејата, а всушност го врши своето деспотско владеење повеќе не само над буржоазијата и селаните, туку и над самите пролетерски маси. Оваа тенденција на развојот ќе ја видиме на дело кога ќе ја разгледуваме советската власт во нејзиното практично делување, во нејзиното работење на подигање на социјалистичкото производство.
_____________
Фусноти
[1] “Конституция Р. С. Ф. С. Р. Во “Собраніе Узаконеній" No. 51 од 20 јули 1918. Еден полуофицијален популарен коментар, “Что такое советскайа власт и как она строитса?", Москва, 1918. На германски јазик Struthahn “Уредувањето на Руската Социјалистичка Федеративна Советска Република", Цирих, 1918. Исто и во Гринберговиот “Архив за историјата на социјализмот" и кај Клибански, цит. дело.
[2] “О губернских и уздних чрезвичайних комисиях" во “Собраніе Узаконеній" No. 66 од 16 септември 1918.
[3] Троцкий “Слово русским рабочим и крестянам", Петроград, 1918, 25 стр.
[4] Ленин “Државата и револуцијата", Берлин, 1918, 39 стр.
[5] "Програма на Руската комунистичка партија", Лајпциг, 1919, 10 стр.
[6] Радек “Анархисти и советскайа Россия", Петроград, 1918.
[7] Види Олберг “Писма од Советска Русија", Штутгарт, 1919, 19 стр. и понатаму.