Ото Бауер
Болшевизам или социјалдемократија?


7.

СЕЛАНЕЦОТ И КОМУНИЗМОТ

    Рускиот селанец до револуцијата мораше да продава еден дел од својата жетва за да може да го плати данокот, ратите за откупот и каматите за закуп. По револуцијата најпрво прекина да плаќа данок; од паричниот откуп и од каматите за закуп го ослободи аграрната револуција. Тој повеќе не беше принуден да ги продава плодовите од земјата. Тој не беше склон да ги продава, зашто градот можеше како цена да даде само книжни пари без вредност, но не и индустриски производи. Транспортирањето на животните намирници до градот престана. Се испраќаа вооружени одделенија во селата за таму да реквирираат животни намирници, но наидоа на вооружен отпор од страна на селаните. Ако победата на градскиот пролетаријат им ја даде на селаните во посед земјопоседничката земја, борбата за собирање животни намирници го постави селанецот во остра класна спротивставеност кон градскиот пролетаријат.

Во оваа борба градскиот пролетаријат бараше соработници во самите села. Тој се обиде да ја организира "селската сиромаштија" против селаните и да ја стави во служба на реквизицијата на животните намирници. Жителите на селата кои немаа земја или ја имаа многу малку и кои не можеа да живеат од приносите на своето сопствено земјиште, исто како и градскиот пролетаријат мораат да се хранат со житото што се бара од селанските домови. Поради тоа се надеваше дека тие можат да се стават во служба на советската интендантска организација. Според декретот од 20 мај 1920 пролетерските и полу-пролетерските слоеви од селското население во секое село треба да избираат "одбор на селската сиромаштија". Овие одбори треба да бидат заинтересирани за реквизициите на житото на советските власти на тој начин што ќе им се остава дел од одземеното жито за да го поделат на селската сиромаштија. Се надеваше дека организацијата на интендатурата ќе може да се потпре на овие одбори.

Но ако овој обид да се развијат класните спротивности на село произлезе непосредно од борбата за животни намирници, тој во свеста на класите и партиите сепак доби поопшто значење. Болшевиците им овозможија и им дозволија на левите социјалисти револуционери да декретираат "социјализација"з на земјата според својот рецепт, но тие беа целосно ослободени од заблудите на социјалистите револуционери. Тие не ја сметаа поделбата на земјопоседничката земја, проширувањето и зацврстувањето на селските приватни стопанства, како мерка на социјализмот, туку како нужно завршување на буржоаската револуција. Но го сметаа сопственичкиот поредок на земјата кој произлезе од рушењето на феудализмот само како преодна фаза, која во бурата на револуцијата ќе може релативно брзо да се совлада. Ако социјалистите револуционери веруваа дека со поделбата на крупниот посед е завршена социјалистичката револуција на село, болшевиците веруваа дека по оваа револуција, која сосема правилно ја разбираа и ја означија како буржоаска, може непосредно да следи вистинска социјалистичка револуција на земјоделскиот поредок на трудот. Слободни од заблудите на социјалистите револуционери, болшевиците паднаа во спротивната заблуда; тие веруваа дека ситниот селски посед, кој штотуку го победи и го сруши феудално-капиталистичкиот крупен посед, сега може преку брз развиток да се претвори во социјалистички крупен посед.

Земјоделските комуни требаа да бидат социјалистички организации. Упатствата од 3-16 август 1918 ја даваат следнава слика за организираноста на комуните: Оној што пристапува кон една комуна, се одрекува од секоја приватна сопственост. Целиот негов подвижен и неподвижен имот, а особено неговата куќа и двор, неговиот жив и мртов стопански инвентар, неговите пари, преминуваат во сопственост на комуната. Управувањето со комуната му припаѓа на собирот на сите нејзини членови и на советот што тој ќе го избере. Според овие упатства земјиштето на комуната нејзините членови заеднички го обработуваат. Најважната задача на комуната е на местото на индивидуалното обработување на земјата кај ситниот посед да го постави кооперативниот крупен посед. Комуната располага со приносот од трудот на своите членови. Таа од него најпрво го одзема она што е потребно за покривање на заедничките потреби на членовите; при тоа треба да се труди за своите членови да создаде заеднички места за живеење, простории за работа и забава, училишта, библиотеки итн. Остатокот од приносот од трудот им припаѓа на членовите на комуната; ако секој мора да работи за комуната според своите способности, тогаш секој треба од неа да добие според своите потреби.

Организациониот план на комуната, кој побрзо потсетува на правила на некој калуѓерски ред отколку на план за организација на социјалистичко земјоделие во национален стил, звучи како утопија. Но тој така не беше замислен, зашто болшевиците веруваа дека гледаат класа која нејзиниот сопствен интерес ќе ја принуди да ја оствари утопијата. Маса од индустриски работници која остана без работа во градовите се враќаше на село. Таму и тие добија дел од земјопоседничката земја, но не најдоа ниту една куќа на земјопоседничката земја за во неа да можат да се вселат како селани; немаа ниту алат ниту запрега за да ја обработуваат земјата. Но тие додуша од градот ја донесоа навиката за општествен труд која ја стекнаа во фабриката и воодушевувањето за социјализмот кое се распламти во револуцијата. Зарем не смееше да се надева дека индустриските работници кои се враќаат дома на село повеќе ќе сакаат заеднички да ја обработуваат земјата отколку секој поединец, на малото парче бедна земја која му беше доделено, да презема тешка борба за подигање на самостојно селско стопанство? Во самото село селската сиромаштија беше во слична положба. И неа и' недостигаше инвентар за обработување на парцелите до кои се докопа при поделбата на земјопоседничката земја. Зарем таа нема да се обиде преку колективно здружување да се снабди со потребните средства за труд со кои поединецот не може да се снабди? И кога уште државата ги поттикнува на основање на комуни, кога таа не дава заеми и инвентар на поединци туку на комуни, зарем тогаш дали "селската сиромаштија" нема со задоволство да им се приклучи на комуните? И зарем нема веќе создадените "одбори на селската сиромаштија" да бидат природни организатори на комуните? И зарем нема селските пролетери, од кои многумина како полски или патувачки работници создаваа артели,[1] производни заедници, за заеднички да ја изнајмуваат својата работна сила, зарем тие нема брзо да научат заеднички да ја обработуваат и земјата?

А кога комуните еднаш ќе бидат создадени во голем број најпрво од индустриските работници и селските пролетери, тогаш нема да биде безнадежно, така се надеваа некои занесеници, и селаните постепено да се воведат или да се принудат да влезат во комуните. Селската сиромаштија при поделбата на земјопоседничката земја доби мал дел. Таа е огорчена против селаните кои го зграбија лавовскиот дел од пленот. Таа тежнее да го прифати новото гледање на односите на земјишната сопственост, но сега не против феудалните господари, туку против крупните и средните селани. Тие се организираат под водство на одборите. Ако на веќе обединетата селска сиромаштија на една комуна и' тргне од рака да ја земе власта во селото во свои раце, да ги сруши селаните, тогаш може да тргне од рака целото село да се обедини во една комуна, и самите селани да се претворат во членови на комуната. Тоа отприлика би можеле да бидат надежите на оние кои веруваа дека можат буржоаската револуција на село, која сé уште беше во тек, да ја истуркаат напред во вистинска социјалистичка револуција на односите на земјишна сопственост. [2]

Напорите за создавање на земјоделски комуни не останаа без успех: во 1918 беа основани повеќе од 500 такви организации. Неспорно е дека многу комуни далеку отстапуваат од идеалната слика означена во "Упатствата"; дека многу од нив, основани и водени од идеалисти невешти за земјоделие, брзо пропаднаа; дека други, капиталистички изопачени, на големо шверцуваа и ги експлоатираа соседните ситни селани како наемни работници; дека во поединечни случаи и на капиталистите им поаѓаше од рака под маската на комуните да одржуваат капиталистички земјоделски стопанства. Сите овие факти утврдени се и од болшевичките писатели.[3] Но ако се има на ум дека една организација, која тежнее целосно да оствари комунизам не само на средствата за производство, туку и на средствата за потрошувачка, која тежнее да го направи општествена сопственост не само трудот туку и домаќинството и потрошувачката, ако се има на ум дека една таква организација целосно им противречи на традициите и инстинктите на селското население, тогаш фактот дека за неколку месеци можеше да се создадат повеќе од 500 такви организации, сепак смее да се означи како доказ за тоа колку силно воодушевување за социјалистичките облици на живот можеше да пробуди Руската револуција. Во тоа ова движење, од кое произлегоа земјоделските комуни, всушност потсетува на она борење за повисок, подуховен начин на живот, од кој произлегоа христијанските калуѓерски редови. Но како што светот не стана комунистички преку градењето манастири помеѓу граѓаните и селаните, исто така ниту руското земјоделие не може да стане социјалистичко со тоа што помеѓу милионите селани ќе живеат неколку илјади работници во заедница на добра кои својата земја заеднички ја обработуваат.[4]

Мирот ги навикна руските селани на заедница на земјата, но не ги навикна на кооперативна обработка на земјата, не ги навикна на комунизам на производството, домаќинството и потрошувачката. Идејата за комуната не произлегуваше од навиките и потребите на самите селани; целиот поход побрзо беше обид на селаните да им се пропише одозгора, од градот, организација на нивниот живот која им беше туѓа, која им противречеше на нивните навики и на нивните потреби. На селската сиромаштија комунизмот не и' беше поблизок отколку на имотните селани; она што таа го имаше во вид не беше комунизмот, туку повторната поделба на земјата и на инвентарот во нејзина корист. Поради тоа комуните мораа да останат осамена појава. Дури и таму каде што селската сиромаштија ја приграби власта на село во свои раце и, следејќи ги паролите објавено од градот, "прогласи комуна", всушност не создаде комунистичка организација на земјоделието, туку само ја подели земјата и инвентарот во селото.

Воопшто, многу брзо се покажа дека "селската сиромаштија" никако не беше онаа јака сила која би можела да ги скрши селаните и да им ја наметне волјата на советската власт. Таму каде што селската земја беше сопственост на мирот и каде од време на време повторно им се делеше на сите селани, таму воопшто не можеше да се создаде една многубројна класа на селски жители без земја. Онаму каде што руската селска куќа беше преполна, каде што просечното селско семејство броеше многу повеќе раце отколку што можеше да вработи, таму немаше место за многубројна класа на земјоделски наемни работници. Но ниту крупниот посед во најголемиот дел од вистинската Русија не можеше да вработи премногу земјоделски наемни работници, зашто тој не ја обработуваше земјата со помош на наемни работници, туку им ја издаваше под наем на селаните или на неа селаните "одработуваа". Додуша, во последниот век пред револуцијата селаните се диференцираа на тој начин што на поедини селани во нееднаква мера им појде од рака својот земјишен удел да го зголемат преку купување или преку земање под наем, но диференцирањето на индивидуалните големини сé уште нема за последица остро класно раздвојување на село. Кон тоа треба да се додаде и тоа дека одбирањето на село не ги правеше најдрагоцените елементи "селска сиромаштија"! Кога Камков, водачот на левите социјалисти револуционери, на Петтиот конгрес на советите ги означи одборите на селската сиромаштија токму како одбори на скитници, а мобилизацијата на селската сиромаштија против селската буржоазија ја претстави како обид лумпенпролетаријатот да се употреби против селаните,[5] тоа сигурно беше пакосно претерување. Но сепак зрно вистина лежи во тоа. Зашто таму каде што земјата од време на време повторно се делеше и каде што секое семејство имаше право на еднаков земјишен удел, таму по правило можеше да падне под просечната економска положба само оној што беше погоден од вонредно несреќни случаи, или беше лош домаќин, или пијаница. Оттука, воопшто во областите во кои заедницата на земјата се одржа до револуцијата, "селската сиромаштија" интелектуално и морално едвај да им беше рамна на селаните. Оттука ни револуцијата не можеше во овие области да го сруши традиционалниот ред по ранг во селото - имотните селани умееја да го зачуваат својот авторитет, својата положба на водачи во селата. Сосема поинаку беше во "периферните земји" со друго, неруско аграрно уредување, каде феудалното аграрно уредување сé уште остро ги раздвојуваше селаните на домаќини и работници, на селани и слуги; таму, на пример во Естонија и Латвија, можеше да се развие силно, самостојно движење на слугите против селаните. Но во вистинската Русија селската сиромаштија не беше доволно многубројна, доволно остро разграничена класа, не беше класа која стоеше високо интелектуално и морално, според силата на организацијата и според иницијативата, за да би можела да ја освои власта во селото и од темел да го промени селското аграрно уредување.

Врвот на пролетерската офанзива против селаните паѓа во есента 1918. Тој доведе до целосно кинење на односите помеѓу болшевиците и левите социјалисти револуционери. Борбата на селската сиромаштија против селската буржоазија беше општествената основа врз која се разви борбата помеѓу болшевиците и социјалистите револуционери за ратификување и спроведување на Брест-литовскиот мир. Жестоките судири на овие две партии на Петтиот конгрес на советите, убиството на грофот Мирбах и пучот од 6 до 19 јуни 1918 година го означуваат драматичниот врв на оваа борба. Болшевиците додуша можеа да ги задушат и да ги раздробат левите социјалисти револуционери, но беа немоќни против немиот, пасивен но и жилав отпор на селанските маси. Селаните на насилните реквизиции на животните намирници одговараа со ограничување на одгледувањето; бидејќи селанецот не беше сигурен за вишоците од својата жетва, обработуваше само онолку колку што самиот можеше да потроши. Површините на обработувана земја стравотно се намалија; огромна површина од земјата остана необработена. Селаните често се бранеа и активно: им даваа активен отпор на реквизиционите команди, насилно ги растураа одборите на селската сиромаштија и ги протеруваа од селото. Скептиците, кои никогаш не недостигаа ниту во Комунистичката партија, добија право. Владејачката партија мораше да престане со офанзивата против селаните.

Од есента 1918 се менува ставот на советската власт кон селаните. Сé појасно се изразуваше гледиштето дека советската власт не може да се одржи ако не се одрекне од секакво насилно постапување против селаните и ако не се обиде да ги придобие "средните селани", што ќе каже, масата на селаните.

Додека уредувањето на Советската република од јули 1918 посочуваше на заедничка власт покрај на градската работничка класа уште само на "селскиот пролетаријат и сиромашните селани", сега сé почесто се повикуваат и "средните селани" на заедничко владеење и соработка. Конгресот на советите од март 1919 ги потврди овие принципи. "Ништо не може да биде полудо" - рече Ленин на овој конгрес - "од насилното мешање во областа на селската економија. Не е проблем експропријацијата на средните селани, туку е проблем да се смета на особеностите на селскиот живот, да се учат од самите селани методите за преминување кон подобро општествено уредување, а не да им се наметнуваат. Во оваа смисла, другари, не грешевме малку."[6] Од овој конгрес всушност е напуштен секој обид за насилно мешање во економијата на селото. Советската власт ги остава селаните во своето село да управуваат според сопствената волја. И понатаму траат обидите да се создаде крупни социјалистички поседи во земјоделието, но тие сега се ограничуваат на потпомагање и на развивање на таканаречените советски стопанства. Во поретко населените области значителни делови од државните и крунските добра не им се делат на селаните. Тие останаа државна сопственост и ги обработуваат месните совети. Советската влада сега се труди да ги потпомогне овие советски стопанства. Нивниот број не смее да си се претставува како премногу голем: во февруари 1919 крупни земјоделски поседи - советски стопанства, аграрни комуни и артели заедно - беа не повеќе од 1.510; оттогаш нивниот број изгледа дека секако се искачил отприлика преку 5.000.[7] Сепак овие крупни државни поседи во земјоделието можеа да добијат поголемо значење од комуните како носители на техничкиот напредок и како основа за исхрана на градовите.

Многу јасно е изразен променетиот став на советската влада кон селаните во новата партиска програма на Комунистичката партија, донесена во мај 1919. И во оваа програма на чело на залагањата во областа на аграрната политика стои "организирањето на крупни социјалистички поседи во земјоделието". Но за таа цел пред сé се бара основање на советски стопанства и државно обработување на необработената земја; комуните се спомнуваат дури на последно место и изречно се дефинираат како "слободни сојузи на селаните со цел управување со крупните земјоделски поседи", со што се отфрла секое присилно комунизирање на селскиот посед. Понатаму програмата истакнува дека "ситниот селски посед уште долго ќе постои" и бара низа мерки кои може да ги бара секоја буржоаска партија, како комасација (групирање), државно потпомагање преку употреба на вештачко ѓубриво и подобро семе, премин кон посовршен систем на засади, мелиоризација, државна помош за земјоделските комуни итн. Програмата ја обврзува Комунистичката партија да ги организира селските пролетери во синдикати, но таа сака и "средниот селски сталеж постепено и плански да го вовлече во работењето во насока на социјалистичката изградба". Со таа цел партијата мора средниот селанец "да го привлече на страната на работничката класа преку внимателно задоволување на неговите потреби, да влијае врз неговата заостанатост преку духовното оружје, но никако не преку мерките на угнетување, во сите случаи каде што допираат неговите животни интереси да тежнее кон практично договарање со него и да му излегува во пресрет при изборот на средствата за спроведување на социјалистичката преобразба."[8]

Болшевизмот ја крие својата капитулација пред селаните на тој начин што го повикува на соработка само "средниот селанец", а на "селската буржоазија" и сега и' изјавува борба. Но сега под "селска буржоазија" се подразбира нешто сосема друго отколку во времето на организирањето на "одборите на селската сиромаштија". Тогаш сите вистински селани се поставуваа наспроти селските пролетери и полупролетери како селска буржоазија. Сега, "средниот селанец", односно целата широка маса на селаните, се смета за сојузник, а под "селска буржоазија" се подразбираат само шпекулантите, посредниците, крчмарите, дерикожите, кои се омразени од селанецот. Всушност, ситниот селски посед победи и по втор пат. Тоа најпрво ги сруши остатоците од феудализмот, а потоа го одби налетот на комунизмот.

Но цврстината на советската моќ токму почива на фактот што пролетаријатот на време увиде дека офанзивата против селаните нема никакви изгледи и што ја прекина. Рескиот селанец сé уште не е "политичко суштество". Него во вителот на историјата можеше да го вовлече само борбата за земјопоседничката земја. Штом земјопоседничката земја беше освоена и што новоосвоениот посед беше обезбеден, тој повторно падна во состојбата на политичка рамнодушност. Ако советската власт го остави на мира во селото, тогаш тој не се грижи за тоа што прави советската власт во градовите. Така селанецот излегува од текот на историјата; тој повторно паѓа во тесниот круг на своите чисто месни интереси, во длабочините на неисторискиот живот. На сцената на историјата останува пролетаријатот сам со буржоазијата. Врз тоа се темели власта на пролетаријатот. И само кога власта на пролетаријатот ќе биде загрозена од контрареволуцијата, зад чии баталјони феудалниот господар се надева дека ќе ги поврати своите селски имоти, селанецот се подига заедно со пролетаријатот да го одбие заедничкиот непријател.

_______________________

Фусноти

[1] Артел е облик на здружување за заедничко вршење на некоја работа во Русија. Членовите на артелот целосно се рамноправни меѓу себе, иако го пренесуваат раководењето со работата на еден повереник. Постоеја занаетчиски артели, во кои членовите покрај својата работна сила внесуваат и капитал, и работнички артели, во кои се вложуваше само работна сила (заб. на прев.).

[2] Kiй "Селанская коммуна", Петроград, 1918. Мешчерков "О селско-хозянстреннiх коммунах", Москва, 1918. "Инструкцiй и положения о коммунах. С предисловiем Митрофанова", Москва 1918.

[3] Така Мешчерков, цит. дело, 9 стр. и други. Од непријателска страна на болшевизмот, види Габронски, цит. дело, 48 стр. и натаму.

[4] Извештаите за одредени основања на аграрни комуни во "Известия гос. Контроліа", Москва, 1918. No. 3, 89 стр. и понатаму.

[5] Устинов "Крушеніе партій левих есеров", Москва, 1918, 11 стр.

[6] Цит. сп. Isaev „The Nationalisation of Industry in Soviet Russia", „Justice", December 11, 1919.

[7] "Руска кореспонденција", No. 2, јануари 1920.

[8] "Програма на Руската комунистичка партија", Лајпциг, 1919, 17 стр. и понатаму.